Големиот македонски писател зборува за љубовта како општочовечка утеха, за македонската жена, за тоа што му „продаваме“ на светот, за современите македонски печалбари и, процесот на создавање литература…
- Зошто „Тунел“ и зошто токму сега?
– „Тунел“ е синоним за животот што ни е доделен само во едно определено време. А бидејќи „животот е болест со непогрешлива дијагностика дека еден ден мора да заврши со смрт“, го парафразирам мојот пријател Ферид Мухиќ, тој мора да го изоди сопствениот тунел. Според тоа, ние не го одбираме времето што ќе не поведе низ него, туку времето ни го одбира и прашањето што ми го поставувате мене. Тоа секогаш ќе гласи: Зошто мене и зошто токму сега? Па, сепак, првиот дел од вашето кратко прашање, можеби најдобро ќе го објаснам со краток извадок во кој, се надевам, е резимиран и целиот одговор:
„… Можеби затоа ни се чини дека животот е премногу краток. Како да си поминал низ оној неизвесен и мрачен тунел за кој не знаеш кај ќе те изведе. И дали, пред да те изведе, нема да те прегази воз. Те поразува сознанието дека само еднаш си влегол во него. И дека само еднаш си излегол. А кога ќе се обѕрнеш назад, не гледаш ништо твое. Не го гледаш ни твоето време кај отишло, ни твоето лице како се изменило. А може да ти се случи и да не се сеќаваш дека некогаш тука си поминал. Или, ако се сетиш, да не веруваш дека тоа си бил ти, туку некој друг. Некој непознат човек кој некогаш го носел твојот живот…“
Инаку „Тунел“ како метафора нема некоја друга конотација или политичка заднина.
- Повторно раскажувате во прво лице еднина… Така ви е полесно или…!?
– Можев тоа да го раскажам и во трето лице, но мислам дека кога јунакот зборува самиот со себе, обезбедува поголема документарност и убедливост, односно поуверливо покритие за својата судбина. Некогаш имате конкретен лик, но недоволно податоци за него. И ги барате во повеќе блиски судбини. Неупатените мислат дека е доволно некој да ти го раскаже својот живот и романот е готов. Но, во процесот на создавањето е многу поинаку. На секој лик (карактер) треба да му обезбедиш и личен јазик каков што му треба и онолку место колку што заслужува. Зашто познато е дека ниеден литературен јунак не е даден однапред, туку дека е граден како консултација на многу луѓе, ликови и судбини. Таква е работата на секој писател. Ние не можеме да бидеме сведоци на секое време и актери во секој настан. Затоа и многупати се служиме со туѓото сведочење соопштувајќи го како своја проекција. Се случувало да ми доаѓаат луѓе со барање да напишам книга за нив. Но, сечиј живот, колку и да е возбудлив, не може да те инспирира еднакво. Па, сепак, ние се јавуваме како прераскажувачи на туѓи исповеди, односно препознавачи на нивните судбини. Всушност, ние сме еден вид трансмисија меѓу податокот и зборовите кои треба да станат негова нова вистина.
- Во „Тунел“ се опишани трите љубови на една жена. Верувате во љубовта? Нели е тоа само фикција!? Само мит кој е утеха за просечните, за оние кои не оставиле други траги за своето постоење?
– Љубовта, дури и кога е мит, фикција или само утеха за просечните е неделлива од животот. Всушност, таа е вградена во самиот живот. Без неа секоја човечка акција е некреативна, сиромашна, празна. Овде не мислам само за љубовта меѓу мажот и жената, туку многу пошироко. На пример, љубовта кон сопствената работа, љубовта кон своите блиски, кон пријателите. Па дури кога се изразува како восхит и кон туѓите успеси. Значи, љубовта не е утеха само на просечните, туку и на сите, без исклучок. Ние, всушност, засакувајќи го својот живот, го засакуваме и животот на првите научени зборови. Ги засакуваме и своите родители затоа што не можеме да ги смениме. Ја засакуваме и својата татковина, зашто во секоја туѓа (колку и да е побогата), ќе бидеме само туѓинци. Љубов е и последната желба кај луѓето – да умираат таму кај што цел живот им се повторувале соништата. Преку љубовта, практично, најлесно се доближуваме до среќата и најлесно материјализираме еден огромен дел од нејзиниот апстрактен простор. Или барем сме убедени дека сме го постигнале тоа.
Фото: Андреј Гиновски
- Во романот една жена поминува низ три „фази“ за да дојде, се чини, до некаква своја еманципација. Што мислите за денешната македонска жена – колку е таа еманципирана или е свесна за својата второстепеност?
– Вистина, главната хероина на романот има, како што велите три „фази“ на еманципација, но таа како девојка или жена, речиси од самиот почеток е самостојна личност. Оттука, може да се рече дека таа и животот и светот го гледа низ една своја сопствена диоптрија. Единствен нејзин „недостаток“ е добродушноста и непорекливоста, искрената предаденост кон саканите луѓе. Всушност, таа, на некој начин е и бунтовник против традиционалните табуа во љубовта. Против женската подреденост на слободен избор: да сака и да биде сакана. И таа, безмалку, нема конфликти на таа релација. Сите конфликти, ако сте забележале, се случуваат надвор од нејзините самостојни резони и решителности. Се јавуваат како фон на нејзината животна врвица. И таа е само жртва на својата достоинствена љубов. Мислам дека денешната жена е далеку поеманципирана од времето пред дваесет или триесет години. Таа веќе не прифаќа да биде само домаќинка и да ги исполнува само „прокудите“ на мажот. Ова може да се поткрепи и со многу неодминливи докази: меѓу жените имаме интелектуалци, врвни спортисти, новинарки, писатели, научници, дипломати… Се разбира, ова се однесува само на една поситуирана социјална средина. Но, истовремено имаме една друга крајност каде жената уште се купува и продава и каде нема ни елементарна слобода на сопственото мислење и себедокажување.
- За што ќе пишувате во Вашиот иден роман?
– Не знам. Можеби ќе се навратам на еден голем егзодус на Македонците во Балканските војни. Се разбира, доколку соберам доволно „граѓа“ и доволно мотивација во првиот збор што ќе ме привлече кон другите зборови кои треба неприсилено да се групираат околу главната тема. Сакам да речам дека, човекот секогаш мислел низ сликите и своите зборови мора да ги стави во некакви ликовни рамки. Денес, колку и да не се сложуваме дека слободната човечка мисла не поднесува ограничувачки знаци сепак, зборовите што сакаат да пренесат еден покрупен организиран начин на мислење, единствено ќе ги разбереме низ нивната автентичност. Значи, темата ја имам и маркирано и лоцирано, ми недостига уште само нејзиното ликовно отсликување, нивниот непогрешлив одраз во зборовите.
- Што мислите за македонската проза и поезија? Можеме ли да му ја „продадеме“ на светот?
– Секако дека имаме многу повеќе нешта да му „продадеме“ на светот, отколку тој што ни продава нам. Па, ние имаме светска поезија, но судбината на поезијата е таква што не се чита ниту кај нас, ниту пак, во светот. Сигурно дека имаме и проза за „продавање“, но од малите народи никој не сака ништо да купува. Дури ни домати и пиперки. Таква е позицијата на сите мали народи, иако јас сметам дека има само мали и големи автори, а не мали и големи народи.
- Вие, односно, вашиот издавач (И.Ц. „Три“), започнува„нова“ ера во презентирањето на книгите кај нас. Мислам дека сте првиот македонски писател кој се појавува на билборд…
– Јас можам само да му заблагодарам на издавачот за овој смел потег. Време е и ние да почнеме да се навикнуваме на едни помодерни и пософистицирани маркетиншки препораки. Какви ќе бидат нивните егекти, не можам уште сега да предвидам. А не можам, зашто нашиот народ е толку многу осиромашен што е на работ на својата елементарна животна егзистенција.
- Како се чувствувате кога ќе се видите на постерите? И годи ли тоа на Вашата суета?
– Суетата, како и гордоста, стравот или срамот се неотуѓив дел на секое разумно човечко суштество. Сите тие чувства, на извесен начин, го персонализираат и човечкото поведение. Но, мене лично, тие билборди повеќе ме плашат отколку што ми годат, па честопати и ги заобиколувам. Тоа е како да те гледа некој твој двојник.
- Бидејќи сте добро запознаен со македонскиот традиционален гурбет, дали со новите печалбари, кои се главно, образовани луѓе конечно, „одумира“ Македонија?
– Печалбарството на Македонците не почнува од вчера или завчера. Неговите почетоци ги наоѓаме барем два века поназад. Но, тогаш не биле само во еден правец, како сега. Луѓето оделе и се враѓале кај своето семејство. Но последниве шеесеттина години, се иселуваат цели семејства. У колку што мене ми е познато, ниедна власт не презела ништо за да го спречи тоа. Или барем да го ублажи. Дури имам впечаток дека секоја власт, го поттикнувала тој процес. Инаку, како би го објасниле податокот дека кај нас се регистрирани многу агенции кои јавно ја трансмутираат свеста на нашиот човек и воедно му го трасираат патот кон ветената земја. Најлошото во сето тоа е што нашите луѓе, откако ќе се вклучат во животот на туѓата средина, најбрзо и се натурализираат.
Ги менуваат и имињата и презимињата, го апстрахираат својот идентитет. И, речиси за две или три генерации, тие ги губат своите корени: јазикот, традициите, своето историско паметење. Во нивните куќи, освен по некоја фотографија на Гоце Делчев, нема ниедна македонска книга или некој друг „сведок“ кој ќе ги одржува нивните патриотски чувства, нивното автентично препознавање. Дали е тоа првиот симптом за „одумирање“ на Македонија, не знам. Но, во секој случај, загрижува.
- Сте помислиле ли некогаш да заминете од овде и, сте се покајале ли некогаш дека не сте го сториле тоа?
– Сум помислил само еднаш, како осумнаесетгодишно момче, но тоа било повеќе како авантура: да се види нешто повеќе од она што ни беше дозволено, односно од она што ни беше сервирано како единствена политичка опција. Дури беше и договорено тоа бегство со еден „доверлив“ човек од пограничните старешини. Но тогаш во мене проработи некоја недоумица дека тоа е само некоја добро смислена стапица и јас се премислив. Подоцна никогаш не сум помислил да ја напуштам својата земја. Дури и кога ми биле понудени и легален престој и обезбедена работа во една богата западноевропска земја.
Бранка Д. Најдовска
„Глас од Македонија“, 2003 година