Сутерен.мк

Помлади мажи

Вљубена сум во помлад маж од себе. Се уште ја кријам врската затоа што, во нашава средина ваквите односи се на потсмев. Што да правам? Добро ми е со него, ме сака, внимателен е, ме подржува во сите мои замисли. Тоа никогаш, со постари мажи не сум го имала. Од друга страна, моите родители, роднините, очекуваат врска со некој постар од мене, посериозен и постабилен, а јас овој го сакам.

Јеца, Скопје

Јеца дарлинг, а во кој дел од Скопје вие живеете? Зашто, во урбаниот дел од градот, се што е младо, убаво и расположено за соработка – се зема и се бега веднаш во непознат правец со заедно со субјектот. Да не речам, објектот.

Па кој мажјак уште во ова време на тотална рспродажба на младо, очајно женско месо и се пушта на жена во сериозни години!? (Не кажувате која е вашата возраст, ама белким е сериозна!?)

Накусо, имате ретка шанса, за редок комплимент и, искористете го тоа. Никогаш не се забораваат тие преубави, тажни, темни, големи и топли очи. Такви се младите. Насолзени и, нестабилни. Какви што некогаш бевме ние. Интригантни во секси невоспитаноста. Затоа и, неодолливи. И, по некое време, здодевни.

Искористете го тоа што некој млад, помлад од вас, ве посакува и препуштете и се на таа врска. (Се надевам, тој е полнолетен…) Уживајте и повлечете се пред да му кликне во мозокот дека вас ве интересира друг жанр на филмови, дека и не се депилирате баш така често, дека целулитот ваш, наспроти неговата затегната кожа е патетичен…

Најстрашното доаѓа всушност, кога вие ќе сфатите дека не можете да му ги прераскажувате муабетите со вашите пријателки. А искрено, каква е таа врска, кога не можете да ги преозборувате сите оние валкани детали од животите на вашите блиски!?

Дечкото едноставно, ќе одмавне со главата јасно давајќи ви до знаење да не го заморувате со, за него, бесмислици, а бесмислено во неговиот живот е се што не е поврзано со најновиот модел на ајфон, на пример.

Рецепотот е – грабнете го тоа делче од путерот, искористете го и – продолжете понатаму. Шовинистички, ама функционира. Тоа и на двајцата добро ќе ви дојде.

И, да се разбереме, ова важи за секоја разлика поголема од седум години.

За помалите вреди и да се подразмисли. Посериозно….

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *