Пивото протече и милиони луѓе се собираат во главниот град на Баварија за да го прослават официјалното отворање на годишниот фестивал на пивото Октоберфест.
Со традиционалниот крик „Отчепено е” градоначалникот Дитер Рајтер денеска напладне ја заврте славината на првото буре, со што официјално ги отвори 18-дневните свечености.
Домаќините облечени во традиционални кратки кожени пантолони „ледерхосен“ – за мажи и деколтирани „дирндл“ – за жени, утрово се упатија на фестивалот во Минхен каде наполнија десетици огромни традиционални шатори во исчекување да ја добијат својата прва чаша пиво а потоа и други.
Неколку минути пред да се отвори првото буре, на овации на толпата, гувернерот на Баварија, Маркус Содер ги праша посетителите на фестивалот дали се подготвени да започне Октоберфест.
„Можам да кажам само едно: ова е најубавиот, најголемиот, најважниот фестивал во светот“, рече тој.
Октоберфест обично привлекува околу шест милиони посетители секоја година. Беше отсутен во 2020-та и 2021-ва додека властите се бореа со Ковид-19, но се вратија во 2022 година.
Кригла од еден литар годинава чини меѓу 12,60 и 14,90 евра, што е за околу шест отсто поскапо од лани.
Годинешниот Октоберфест е 188-ми откако е основан, а трае до трети октомври.