Психологијата на уметноста

Тенденцијата на психијатријата да ги опфати и осветли уметничките аспекти на животот на поединецот претставува вистински теориски предизвик. Што може психијатријата да каже за уметноста како чин на апсолутна слобода на индивидуалниот стремеж и, најпосле, дали таа има „право“ да се изјасни за прашањата на уметноста? Може ли психијатарот на уметнички начин да одговори на проблемите од психичка природа?

Карл Густав Јунг е психијатар кој во многу нешта ги поместил границите – не само во областа на психијатријата како наука, каде што, како што е општо познато, целото внимание го насочил кон разрешување на конфликтот помеѓу личниот и колективно несвесниот аспект на животот, туку и во испитувањето на границите на човечката нормалност, на местата каде што се среќаваат психата и инспирацијата. Неговата аналитичка психологија во голема мера ја темелела својата оправданост на рабовите на уметноста и уметничкото доживување на светот.

Затоа, не е необично што Јунг неуморно пишува за односот помеѓу уметноста и психологијата, анализирајќи го притоа уметничкото дело и сите аспекти на творењето – од поезијата до ликовната уметност. За да ја појасни аналитичката позиција во теориската динамика на психологијата на уметноста, тој често посегнува по индивидуални примери на уметничко создавање, во кои препознава одек на не-објективната уметност како реакција на она што произлегува од внатрешниот свет на човекот.

Сликите на предметите кај Пабло Пикасо го прикажуваат токму таквото внатрешно доживување на светот – еден одлучувачки скок во реалноста што никогаш не се покорува на општите очекувања. Од гледна точка на Јунг, уметноста на Пикасо е парадигматски пример на внатрешно излевање на повисока смисла, сосема оддалечено од објективната реалност.

Неговите дела, пишува Јунг, „покажуваат сè поголема тенденција да се оддалечат од емпириските објекти и да ‘пораснат’ во елементи кои не одговараат на ниедно надворешно искуство, туку доаѓаат ‘одвнатре’ – од она ‘внатре’ што е сместено надвор од свеста, или барем зад таа свест што, како универзален орган на перцепција поставен над сите пет сетила, е насочена кон надворешниот свет. Зад свеста не лежи апсолутна празнина, туку несвесната психа…“

Внатрешното понирање на уметничкото творење Јунг го користи во својат метод на лекување. На тој начин настојува од пациентите да го извлече на површина она „одвнатре“, за целата нивна невроза да се изрази на што покреативен начин. Според него, „терапевтскиот ефект е да се спречи опасното раздвојување на несвесните процеси од свеста“. Она што стои зад свеста и што се манифестира преку уметноста претставува симболичен знак на внатрешното доживување. На тој начин пациентите создаваат слики кои наликуваат на делата на Пикасо: тоа се линии, грешки што минуваат директно низ сликата, изобличувања на реалноста.

И шизофреничарот и невротичарот создаваат симболични слики, груби по својата длабинска смисла, слики кои постојано се одвраќаат од набљудувачот; „дури и повременото допирање до убавината изгледа како непростливо доцнење на нешто што е во постојано повлекување“. Оттука, сликите на Пикасо се симболични знаци на внатрешниот свет. Во нив нема исконска убавина, туку само назнаки на убавото; во нив преовладуваат тонови на студена магла што произлегува од прегратката на внатрешниот свет, од она „одвнатре“, невидливо и гротескно.

Темните тонови, валканите бои, острите линии стануваат симболични знаци на внатрешните превирања. Сината боја како одраз на модрината, кршливоста на светот, студот и отфрленоста. Тоа е особено видливо на сликите Живот (1903) и Стариот гитарист (1903), а ништо помалку и на прочуената слика од подоцнежниот период Герника (1937). Спуштањето на креативниот занес во мракот и долниот свет на животот може да значи или безнадежно пропаѓање или оживувачко преобразување.

Затоа, кога станува збор за психолошката личност на Пикасо, Јунг го нагласува неговото постојано настојување – што е нужно и сосема очекувано – да ги приближи спротивностите и така да го истакне мотивот на соединување. „Острите, бескомпромисни, дури брутални бои од најновиот период ја одразуваат тенденцијата да се надмине конфликтот со насилство (боја = чувство).“ Во тој контекст можеме да заклучиме дека Пикасо, како творец, се наоѓа на нишалка меѓу горниот свет на упадливо присуство и долниот свет на демонска привлечност. Сето тоа се обединува во неговите слики – во нив е вртлогот на емоциите, патот е исполнет со траги од горниот и долниот свет. Конфликтот не завршува.

Јунговата тенденција да ја прикаже блискоста помеѓу психологијата и естетиката во модерната доба донесе сосема поинакво толкување на уметничкото дело и уметноста. Во таквото толкување радикално нова е психолошката основа на создавањето, која се протега под визијата и инспирацијата на уметникот, како невидлива сила што ги преобразува и манифестира длабоко потиснатите индивидуални трауми.

Психолошките романи што денес се актуелни не донесуваат многу, зашто откриваат премногу. Во нив целата траума е веќе изразена, па дури и уметнички оправдана. Многу е позначајно да се напише и прочита роман од не-психолошка природа, бидејќи во него, потенцира Јунг, се остава простор за анализа и толкување од перспектива на непристрасен поглед. Според тоа, совршен роман за психолошка анализа е Моби Дик од Херман Мелвил, зашто е напишан „во контекст на неизразената психолошка заднина… Во психолошкиот роман, од друга страна, самиот автор се обидува да го издигне суровиот материјал на своето дело во сферата на психолошка расправа, но наместо да ја осветли, тој само успева психолошката заднина да ја направи неразбирлива.“

Уметничкото дело е визија на длабоки значења. Во него се случува средба на светови, спој на спротивности. Затоа во уметничкото дело секогаш се присутни две крајности – визијата и длабоката темнина. Во таа смисла, уметничкото дело е одговор на фантазијата што се втемелува во човекот како реакција на психолошка криза. Значи, психотичните производи често се изразуваат во форма на генијалност.

Интимното лично доживување создава уметничко дело што неизбено му се провлекувана тоталитетот на уметничката визија – тоа е дело на патолошка фантазија, израз на внатрешната перспектива како замена за неподносливата реалност и нејзиниот притисок. Уметникот, пак, е творец во чиешто битие постои тајната на креативноста. Јунг тврди дека креативната личност е „загатка на која можеме да се обидеме да одговориме на различни начини, но тоа секогаш ќе биде залудна работа“.

Во творечката личност се судираат сите нејзини крајности – доброто и злото, светлината и темнината; така уметникот е надвор од слободната волја, „тој е ‘човек’ во повисока смисла – тој е ‘колективен човек’, носител и архитект на несвесниот психички живот на човештвото“. Уметничкото дело е индивидуална реакција што ја создава уметникот како толкувач на колективната реалност. Уметникот е тајна преку чиешто визионерство се изразува искуството на колективот.

Затоа, пишува Јунг, „секое големо уметничко дело е објективно и безлично, а сепак длабоко потресно“. Уметникот е творец на колективно искуство што ја надминува неговата индивидуалност и лична кариера. Значи, возвишеното во уметноста е нејзината сеопфатна отвореност кон колективното трауматско искуство кое, преку визиите на уметникот-творец, се прелева врз целата реалност, создавајќи од неа универзум на тајната, мистично јадро на постоењето.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *