Сутерен.мк

Само десет отсто од емишот и зарзаватот се македонски

Во моментот само 10 отсто од понудата на емиш и зарзават е од домашните ниви – кромидот доаѓа од Холандија и од Египет, сливите од Србија, зелката, краставиците и дел од доматите од Албанија, компирот од Хрватска. Климатските промени сотреа најмалку 30 отсто од посаденото, а младите бегаат од мотиката како „ѓавол од темјан“

Оскудна и прескапа е понудата на зеленчук и овошје на Кванташкиот пазар во Скопје, се жалат трговците и додаваат дека и покрај фактот дека се редат пред магацините во црни темници, не е сигурно што ќе најдат. Тие за „Слободен печат“ брифираат дека од 250 магацини во моментот на Пазарот на големо, работат само педесетина, а на другите вратите се замандалени оти нема што да продаваат!? Сè што ќе се понуди, се продава за миг според принципот „прв дојден, прв услужен“, се жалат трговците.

Во моментот само 10 отсто од понудата на емиш и зарзават е од домашните ниви – кромидот доаѓа од Холандија и од Египет, сливите од Србија, зелката, краставиците и дел од доматите од Албанија, компирот од Хрватска. Понудата на лубениците е преполовена, а завршува и родот на дињите кои беа насадени пролетоска. Земјоделците се уплашени и од родот на пченицата, па велат дека есеноска ќе немаме за леб. Лани велат и покрај војната во Украина, добро поминале оти увезовме од Србија, но годинава и таму се претпазливи во однос на извозот.

– Цела ноќ вртев телефони кај трговците од кои со години земам стока. Се нацртав на Кванташки уште пред три часот наутро, а на половина од стоката што ја нудеа трговците на големо, веќе стоеше натпис „продадено“. Едвај набавив за денес за да има што да продавам. Цените се кренати до небо, а веќе резервирав по некоја гајба за наредните денови. Но и тоа не е сигурно, оти може да ме претрка некој што ќе понуди повеќе пари и тоа кеш – се жали еден сопственик на мал дуќан во Аеродром.

– Насадија факултети во секој град, сите сакаат да бидат ИТ-експерти. Компјутерите даваат само бројки и букви, а мотиката е таа што дава храна, ама никој не ја пофаќа – велат земјоделците.

Агрономот Ристо Велков за „Слободен печат“ повторува дека веќе ништо нема да биде евтино и лесно достапно. И тој се сложува дека само оние што имаат доволно пари ќе може директно од нива или од оранжерија да дојдат до зеленчук. За овошјето ќе биде уште потрагично, додава Велков. И тоа се темели на двата најважни фактори – веќе нема кој да работи земјоделие, а климатските промени, кои до пред неколку години ни се чинеа далечни, годинава ни покажаа како во иднина ќе изгледа земјоделската понуда.

– Сето ова е резултат на лошата земјоделска стратегија, која ни ги избрка младите што требаше да бидат носители на домашното производство. Климатските промени, пак, си дојдоа по своето, годинава ни сотреа најмалку 30 отсто од производството. Слична е состојбата и во Србија, Грција и Турција, што значи дека и кога ќе увезуваме, тоа ќе биде стопроценти поскапо. Ако претходните години важна улога за цените и за понудата играше извозот, годинава тој е паднат на најниските гранки – објаснува Велков што се крие зад скапата и оскудна понуда.

Додека да стигнат до Скопје, пиперките поскапуваат сто отсто!

Годинава е добра за земјоделците, оти практично ја добиваат секоја цена што ќе ја побараат, вели Велков и додава дека додека да стигнат до Скопје, цените поскапуваат до сто отсто.

– Прекупците купуваат сè што ќе најдат и тоа уште од нива и во кеш. За нас е добро, но за вас како потрошувачи не. Наместо да стават маржа од десетина проценти, трговците одат и до 100 проценти, па јасно ми е што се крие зад податокот дека во Скопје пиперот, краставиците и доматите чинат од 90 до 160 денари. Индустриската краставица се откупува за 70 денари, лутиот за 80, а благиот пипер за 70 денари. Реално би било да бидат поскапи за десет до дваесет денари на големо и на мало, но се злоупотребува недостигот. Просто сум зачуден од цената на бостанот, иако годинава имаме двојно намалено производство. Но, мене повеќе ме загрижува дали ќе имаме пченица за леб – додава Велков.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *