„Пеев во Македонија одамна со Тамбурашкиот оркестар на ХРТ, вашата одлична и прекрасна пејачка Калиопи беше гостинка. Се сеќавам на топлиот прием на македонската публика и на одличните, вкусни рапсодии од македонски гастрономски деликатеси. Јавете се, со задоволство ќе дојдам!“
Сандра Багариќ е позната хрватска оперска пејачка (сопран), родена во Зеница, БиХ (во 1974-та), а живее и работи во Загреб. Покрај тоа што настапува на оперската сцена, многу е присутна и во медиумите. Била член на жирија во музички натпревари, често гостува во телевизиски емисии и е препознатлива по својот ведар и харизматичен стил. Работи и како водителка на музички емисии и шоу програми на телевизија во Хрватска и Босна и Херцеговина. Членка е на Хрватскиот музички сојуз. Има изградено богата кариера како солистка, а публиката ја цени и поради тоа што ја прави операта подостапна и блиска за пошироката публика.
Средното музичко образование го завршила во Сараево. За време на студиите, освоила награди на натпревари во соло пеење и флејта. Дипломирала на Музичката академија во Загреб во 1996 година во класата на проф. Љиљана Молнар-Талајиќ, а една година пред тоа, ја добила Ректорската награда. Настапувала со Загрепската филхармонија, Симфонискиот оркестар на ХРТ, Загрепските солисти, Симфонискиот оркестар на Дубровник, Симфонискиот оркестар на Мостар, Тамбуршкиот оркестар на ХРТ…
Багариќ дебитирала во 1994 година во театарот Комедија во главната улога (Анриета) во оперетата „Мадам Трубадур“ од Ф. Албини. Од 1996 година е ангажирана како солистка во Градскиот театар во Загреб Комедија, каде што настапувала во претставите „Грофицата Марица“ (Марица) од Е. Калман, „Принцезата на царците“ (Силва), „Лилјакот“ (Розалинда и Адела) од Ј. Штраус помладиот, „Бокачо“ (Фијамета)…, како и во мјузиклите „Дундо Мароје“ (Петруњела) од И. Тијардовиќ и „Кој пее, не мисли зло“ (Ана), „Јалта, Јалта“ (Нина Филиповна) од А. Кабиљ. Таа гостувала во СНГ во Марибор во претставата „На белиот коњ“ (Јосифа) и во Хрватскиот народен театар во Сплит во операта „Љубовниот напиток“ (Адина).
Има одржано концерти во Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Италија, Белгија, Германија, Унгарија, САД (Флорида, Порторико, Хаваи), Чешка, Израел и Јапонија.
Во брак е со пијанистот и композитор Дарко Домитровиќ, со кого имаат два сина.
Ве нарекуваат „друмски сопран“. Дали оваа „етикета“ ви пречи или ја гледате како комплимент?
Во далечната 1996 година пеев во Словенечкиот народен театар во Марибор, главната улога во оперетата „На белиот коњ“, на пат кон театарот беа моите другари Хаџи и Пајо „Кралевите на улиците“, улични музичари, тие ја пееја Бембаша, а јас, девојка, далеку од мојот дом, носталгично, со многу срце, пеев заедно со нив… Таа сцена ја виде нашиот режисер Владо Штефанчиќ кој ја режираше претставата, а потоа ме нарече „друмски сопран“, инаку во класификацијата на сопрани мојот тип спаѓа во драматичниот тип, а Владо потоа рече: „Вие не сте драмски, туку „друмски“ сопран. И оттогаш е таа анегдота која е многу добар опис на мојот лик, отсекогаш сум сакала да си играм со зборови, па со титулата Примадона што ми ја дадоа публиката и колегите, си играм со зборови, затоа што сакам да си играм со сè, и велам дека сум ПримаДОМА (во мојата кујна затоа што живеам со тројца мажи). Околу десет години после таа анегдота со „Кралевите на улиците“ ја отпеав песната „За паричка“ на Дора, хрватскиот избор за песна на Евровизија, и ја пропуштивме победата за еден поен…
Кој проект или улога најмногу ве обликуваше како уметник и како жена?
Јас сум Силва, Кнегињата на чардашите! Калман отсекогаш ми бил омилен композитор, улогите се страсни, темпераментни, ранливи, мелодраматични, кокетни и каприциозни, храбри, жени кои ги поместуваа границите во тоа време, допирајќи до срцата на слушателите со занесни мелодии, по малку накитени, но никогаш банални, моќни и богати партитури, драматична длабочина, и покрај шлагеровата привлечност, тоа е брилијантна длабоко емотивна партитура, палета на ликови со одличен контрапункт, чардаш, валцери и секако среќен крај.
Имав исклучителна среќа, почнав со главната улога во оперетата „Госпоѓа Трубадур“ и играм главни улоги веќе 30 години. Мојата интуиција знаеше како да ги препознае медиумски привлечните ангажмани, но ги сметам и ангажманите што ги одбив за мој голем успех…
Што најмногу ве инспирира на сцената: музиката, публиката или самиот креативен процес?
Секогаш ме инспирира љубовта всушност, понекогаш мислам дека сум заразена со вирусот на љубовта. Барам љубов во сè, ме инспирира музика што ги подвлекува емоционалните состојби, темпераментот и страста, многу брзо учам улоги и не сум љубител на долги проби. Едвај ја чекам премиерата, претставите и концертите, обожавам настапи во живо, синергијата на публиката и нас изведувачите на сцената, мали смешни луѓе кои, ноќ по ноќ, копајќи во своето внатрешно јас ѝ презентираат на публиката драматични моменти, заплети и решенија, грст смеа и грст солзи, секогаш оставајќи дел од себе заедно со театарската прашина на сцената.
Која претстава во странство ви оставила најголем впечаток?
Претставата во театар во Чикаго што се наоѓа неколку ката под земја, а јас имам блага клаустрофобија…
Дали публиката во Хрватска/Балканот е различна од публиката во странство? На кои начини странските продукции најмногу се разликуваат од домашните и што научивте најмногу од работата со нив?
Сè е поврзано, сè се развива, расте и напредува на свој начин… Секое искуство од образованието, живеењето во многу земји, секоја средба со луѓе од различни поднебја ве обликува и неверојатно е колку се различни пристапите кон многу работи во различни делови од светот… Но тоа е она што нè прави интересни и единствени. Универзалниот јазик на музиката и музичката нотација е како есперанто, се разбира насекаде во светот. Мојата професорка Љиљана Молнар-Талајиќ секогаш велеше „секоја птица пее со свој глас“ и без разлика колку е голема или мала сцената, без разлика колку е голема публиката во аудиториумот, пејачот секогаш пее со целото срце и глас, без задршка, без лицемерие. Музиката ме инспирира, ме збогатува и ме рафинира. Запознавајќи луѓе со слични интереси, прекрасни колеги и соработници, уживам во мелодиите, промените во ритмите и така модулирајќи – Живеам.
Дали имате сон, неостварен настап во некоја светска оперска куќа што сè уште чекате да го исполните?
Флертувањето е во мојот хабитус во сите области. Мојата искрена љубопитност секогаш ми отвора нови врати, ме држи зафатена и ме интригира, не ми се допаѓа методолошкиот пристап, животот е подложен на промени, а учењето, растот, истражувањето се најприродната секвенца во уметничкиот развој и раст, и ништо поврзано со сценскиот настап не ми е туѓо. Уживав во снимањето едиторијали, модни кампањи, синхронизирање цртани филмови, ТВ и радио водителство, како и снимање крос-овер преработки, во сериозни оперски и оперетски улоги, концерти. Снимив шест ЦД-а со различни жанрови и теми (Сонат на соништата, Бел Канте, Адаџо, Спомени, Кирие елеисон и Среќен крај) и ги наоѓам и „лесните“ и „тешките“ ноти подеднакво предизвикувачки… Вјекослав Шутеј ми ја отвори вратата кон операта со својата опера „Љубовниот напиток“ во Сплитскиот театар, ме гледаше како Травијата, но за жал нè напушти прерано…
Кој е предизвикот во балансирањето помеѓу оперската сцена и телевизијата, глумата и рекламите? Дали е тоа природно продолжение на вашата уметничка енергија или сосема нова дисциплина?
Триесет години уметничко творештво…, помина брзо, во ритамот на чардаши, валцери и полки, палета на ликови од грофици, принцези, госпоѓи, до слугинки… До денес, се обидов во сите сценски форми, флертував со многу жанрови, ги поместував моите граници, од опера, оперета, мјузикли, драмски улоги, жирија до ТВ сапуници, водителство и лица на разни брендови. Сето ова го правев со голема радост и одговорност, а тоа ме изгради во разновиден уметник кој имаше храброст да отвори многу врати и да ги освои симпатиите на публиката, гледачите и слушателите.
Дали има некоја смешна анегдота од проби или претстави што секогаш ве развеселува?
Дарко и јас сме во Словенија, купуваме кујна за нашиот прв стан, инспициентката се јавува и прашува дали сум стигнала во театарот? Јас позеленев. “Сопругата ја опремува кујната”. За среќа бевме близу до границата, се нашминкав во автомобилот и пристигнав во последен момент, “влетав” во костимот и ја завршив претставата под акутен стрес. Никогаш повеќе не сакам да си го дозволам тоа!
Како успевате да одржите рамнотежа помеѓу семејниот живот и кариерата, особено во свет полн со динамика и патувања?
Понекогаш знам да “пукнам по шавови”, но пронајдов свои методи за справување со стресот. Се ослободувам од него кога шетам во шума, кога го чувствувам ветрецот на кожата, кога подготвувам вкусен оброк за моето семејство и за себе, кога лежам на мојата тераса покрај морето и ги гледам ѕвездите што паѓаат, кога тонам во миризлив кревет во чисти пижами, кога учам нова композиција што ме протресува и ги буди сите мои сетила, кога ќе се насмеам на некоја глупост и веднаш ја споделувам и го смеам и сопругот. Животот е составен од мали неважни-важни работи што не можат да се купат.
Што најмногу Ве исполнува приватно, далеку од рефлекторите?
Готвење, долги прошетки, самотија, добар разговор со пријател, бегство во спа-центар со Дарко…
Дали убавината и шармот ви помогнаа или ви попречија на вашиот професионален пат?
Дадени ми се многу таленти. Од мене зависи да работам на нив и да ги споделувам, атрактивното пакување многу ми го олесни пробивот на сцената, но во мојот случај многу повеќе играм на картата на весел карактер, отвореност, темперамент, искреност, автентичност. Не копирам, јас сум своја, сакам да глумам, обожавам трансформации, со избирање на репертоарот и улогите ја испраќам пораката на моето животно мото, како што се „Љубам“, „Животот е прекрасен“…
Што би им рекле на младите жени кои сакаат да изградат кариера во класичната музика, а воедно да останат верни на себеси?
Учете, истражувајте, бидете храбри, не подлегнувајте на стереотипите, импровизирајте, следете ги вашите инстинкти, бидете автентични, имајте храброст да сонувате и да го живеете вашиот сон.
Кои нови проекти или соништа ве мотивираат денес?
Мојот духовен мир и рамнотежа ми се најважни, имам доволно години и привилегија да не морам веќе ништо. Уживам во зрелоста и мудроста, бенефитите од искуството и тешко е да ме импресионираат. Проекти со здрава средина и колеги од кои сè уште можам да научам нешто ме прават среќна.
Да не бевте оперска пејачка, што би сакале да правите?
„Го пеам својот блуз, без никаква намера да бидам важен и најголемите риби ми се мали, само го набљудувам светот од страна…“, цитатот од песната на Балашевиќ е мојот лајт/лајв мотив. Не сум импресионирана од „важни“ луѓе, туку сум инспирирана од добри, креативни, весели луѓе. Владо Штефанчиќ секогаш велеше дека му се допаѓа да ме има во својот тим, некако секогаш знаев како да ја смирам и избалансирам секоја тензија меѓу луѓето, да избегнувам ескалации, кавги. Не сум интригант, не озборувам, имам свој богат внатрешен живот, многу мои други сфери на интерес, не се плашам од ништо и никого. Да се родам повторно, би го избрала истиот животен повик.
И конечно, дали постои можност наскоро да ве видиме на Македонската оперска сцена?
Пеев во Македонија одамна со Тамбурашкиот оркестар на ХРТ, вашата одлична и прекрасна пејачка Калиопи беше гостинка. Се сеќавам на топлиот прием на македонската публика и на одличните, вкусни рапсодии од македонски гастрономски деликатеси. Јавете се, со задоволство ќе дојдам!
Бранка Д. НАЈДОВСКА