Неодамна, одејќи по една од најромантичните скопски улици, „Самоилова“, „нагазив“ на дречливо – портокалов леток. Обично, не посегам по памфлети зашто, а ги земеш в раце, а другиот ден ти стигнува наплата на членарина за некоја секта. Не знам кој враг ме тераше, ама ете, го седов и… што ќе видам!? Еден бескрупулозен пропаганден материјал, на некаква си банда никаквеци, кои се обидуваат да заработат, искористувајќи ја ситуацијата и наивноста на граѓаните на Македонија! Во него, без и малку грижа на совест, пишува:
„ Доколку не им праи многу ќеиф вашето глобално гледање на нештата, како ни локалното дејствување на мнозинството околу вас, а сакате да се доберете до ’кремот’, да си ја поправите голоегзистенцијалната положба и некако да се извлечете од своите кошмарни секојдневија (впрочем, како и повеќето денешни колекционери на партиски книшки!), пристапете кај нас! Иако, сега и не е некоја фора да си член на партија, нашата партија, нашата верзија е една – единствена! Желбата да се биде дел од ропството и водството наречено – заедничка идеја, ќе ви биде максимално исполнета! Нашата цел, се разбира, е да ја превземеме власта (ако не оваа, тогаш наредната, а, ако не и таа, тогаш барем, минатата! Важно да е – власт!)!
Име, девиза, членство…
Кратенката е ТНТ, а значи – Т(р)ајни национални трпители. Девизата е: ’Трпете, трпете, трпете… а што друго ви преостанува!?’ Членство: сега – засега, само неколкумина ентузијасти, кои не се ништо друго, туку обични уличари (по свое сопствено и слободно изјаснување), со видливо спуштено десно рамо (од постојаното потчукнување од страна на веќе афирмираните), со гастрит на желудникот, истенчени нервни жички – од непрестаново танцување по нив од споменатите – груби и по малку, недоветни! За да станете член, потребно е да сте полнолетни, да мислите дека Палма де Мајорка е исто што и Врба де Преторка, да успевате со 4 000 денари да го прехраните своето семејство и да бидете, онака попатно, благодарни на тоа. (А, ако се 6 000, секојдневно да палите свеќа за незаслужената ви среќа!) националната припадност и религиозната определеност е апсолутно небитна.
Програма и дејствување
Програмата е крајно едноставна: таа е испрограмирана и ретардирана што ќе рече, приспособена на вашите ментално – физички способности. Начинот на дејствување е со изнајмување. Членовите на партијата- кои со оглед на ситуацијата во милата ни држава, очекуваме да се појават плејада на ликови подобни за дејание – му стојат на располагање, секогаш и во секое време, на секој што ќе посака релаксација, култивизација, образување, преобразување, одмор, помор, дренажа и масажа и слични неопходни нешта, потребни во текот на денот на ’од бога дадените’! Нашето убоито оружје е во тоа што секогаш кога ќе ви текне, ќе можете да си изнајмите некој од нас. Се разбира дека за таквото задоволство ќе мора да платите (како инаку ТНТ ќе опстојува!?), но што е тоа во споредба со задоволствата што оваа футуристичка организација може да ви го пружи!? Значи, ваше е само да ви текне, а другото е наше!
Ќе ви бидат испорачани најнови, а сепак искусни модели на трпители, на кои ќе можете да им правите што сакате! Да ги плукате, навредувате, омаловажувате, потсмевате, презирате… Да им зборувате со часови како сте генијални и манијакални, аполони и афродити, аристократи и сламомлати, визионери и профитери, алтруисти и садисти. Нашите истренирани мазохисти верувајте, ќе бидат врвно расположени за соработка. Доколку веќе немаат некоја болештина (на нашата строга контрола сепак, може нешто и да и се провлече), во сообразност со демократските принципи на нашата земја и опкружение, можете да им ја создадете, каде што милувате!
Доколку пак, сте подготвени да платите екстра цена, нашите надежни кадри ќе ви бидат лично испорачани дома, а како гарнир, ќе ви биде дозволено да им направите фрактура на место каде што ќе има ударна ефикасност за смирување на вашите перверзии. Во таков случај, менувањето на личниот опис е – гратис!
Разграноци и слични фаталистички визии
Како и секоја партија и ТНТ има свои истурени и (не)контролирани оддели. Во нашиот случај тоа е СМРТ (Слободни млади револуционерни трпители)! Нивните задолженија се што повеќе од неверниците да преобрата и да ги приберат во ТНТ. Работата слабо им оди, оти се помалку има кој да се преобрати. Во секој случај, подземниот орган – наречен од симпатии како „Млад терорист“, а можете да ги разоткриете со лозинката: ’ензиперикс, ензиперикс’, а повратната јавка е – ’јелемкез, јелемкез’!
Власта ќе се преземе така, што еден ден на ’благоглаголивите’ веќе нема да им биде забавно малтретирањето на се живо и диво, околу нив. Едноставно, ќе ја напуштат, оти и ним самите ќе им здодеат сопствените лаги и лажги со опашки!
Адреса
Адресата на националните трпители им е позната на европската полиција, благодарение на нашата.
Кога ТНТ конечно ќе дојде на власт се ќе си биде како и досега: само ќе си ги замениме местата. Новините ќе се случат на националната свест и историја. Ќе се прогласи ден на садо – мазохистички настраности, истоимениот предмет ќе се изучува и практицира во текот на целото школување, а правецот садо – мазо, ќе биде втемелен во националниот фолклор и официјалната историја. Всушност, се уште и сите ќе бидеме на истава планета!“
Бранка Н. Доневска
„Нова Македонија“, 1999 година