Чудотворна литература

Четврто од пет деца сум, многу сме релизгиозни, православни, ни помага и црквата наша. Мојата најстара сестра, влезе во некоја секта и ме убедува и мене да влезам. Ми зборува стално за шамани, за слобода и други неразбирливи работи. Татко ми ќе ја убие ако разбере со што таа се занимава. Ме тера да го читам Кастанеда. Го прочитав и не се почувствував препородено. Не знам што да правам?

Благовесна, 21, Скопје

Благовесна дарлинг, не сум некој религиозен тип, но сигурно знам дека не може да им се служи на повеќе богови. Монотеистичките религии по ова прашање се повеќе од јасни.

Добата на Водолијата, Њу – ејџот, што требаше да донесе ослободување, еднаквост, единство и солидарност за жал, произведе само личности кои ни наметнуваат да мислиме плитко и површно, ставови што глумат длабочина, а всушност, се еднодимензионална порака, невозможна во изведбата:„ да се измени реалноста со своето позитивно мислење“.

Порочните медиокритети најдоа отворена врата кај луѓето на кои популарната психологија им е единствен извор на податоци за човекот. Новодопското убедување беше/е дека се може побрзо, поуспешно, поефтино, полесно. Дека успехот е загарантирасн кога сам си ја кроиш судбината, што е само пуста горделива желба за самодоволност.

Секако дека сите трагаме по големите одговори, но никако не треба да посегнувате по едно големо спакувано, шарено ништо. Не може безрезервно да им се верува на еден Дипак Чопра, Ендју Веил, Карлос Кастанеда, Бела Хамваш, Хозе Силва (знаете, Силва метод…), Паоло Куељо… Како ни на курсот на чудата – геомантијата – Фенг Шуи, книгите како Ји Џинг, но секако, треба да се земат во предвид искуствата на еден Рандал Н. Баер. Поопуштено сепак, може да се размислува за пишувањата на М. Скот Пек, Мирча Елијаде, Џиду Кришнамурти, Херман Хесе…

Наивниот оптимизам на новодопското размислување (кое патем е ептен, демоде) е типично за нереализираните плејбои, феминистки и уметници кои се инспирираат од наркотици.

Не познавам случај што на ваков пат го сретнал Бога, ама сум видела дека во таа друмска кафеана, сметката доаѓа некаде пред зори. Верувајте, од демонски размери е…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *