Сутерен.мк

Шеесет компании за фиктивни проекти зеле 3,2 милиони евра од ФИТР

Шеесет компании од различни дејности за пет години направиле дупка од 3,2 милиони евра во Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) преку злоупотреба на доделените финансиски средства за фиктивни проекти, кои не ги дале очекуваните резултати.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти в.д. директорот на Фондот, Никола Додов, кој сподели дел од наодите на внатрешната ревизија во институцијата, која е сè уште во тек, најавувајќи кривични пријави и други правни мерки против компаниите кои ги сториле ваквите злоупотреби.
Дополнително, како што информираше Додов, ревизијата досега утврдила дека 50 приватни здравствени установи користеле средства од Фондот за набавка на медицинска апаратура за време на ковид-кризата, што е спротивно на Законот за трговски друштва.

Никола Додов

„Овие средства кои биле наменети за поддршка на иновации и развојни проекти биле злоупотребувани од страна на околу 60 компании. Наместо да ги користат средствата за реализација на проектите тие спроведувале фантомски проекти без конкретни резултати, што резултира со значителна штета на државниот буџет и граѓаните. Во рамките на ревизијата која се спроведува, од вкупно 60 компании кои се предмет на истрага веќе се поведени постапки за наплата на побарувања пред надлежен извршител, додека дел од нив се во постапка за поднесување на кривични пријави и граѓански парници по кои понатаму ќе постапува надлежното обвинителство, односно надлежните судови. Според нашите наоди вкупниот износ што овие компании го должат во државниот буџет е 192 888 642 денари, што е приближно некаде околу 3,2 милиони евра“, рече Додов.

Внатрешната ревизија, посочи тој, утврдила несоодветни договори и сомнителни практики во работата на претходните раководства на Фондот за иновации и технолошки развој во изминатите пет години, од кои дел вклучуваат фирми поврзани со политички функционери, договори со правни неправилности, конфликт на интереси и прикривање податоци.

За претходното раководство на Фондот, Додов кажа дека работело неефикансо и непродуктивно, а за внатрешните и надворешни правни експерти кои работеле на ревизијата кажа дека вложиле натчовечки напори за да обезбедат докази и бројки за штетите што ги претрпел буџетот на државата преку злоупотреба на пари доделени од Фондот.

Во таа насока, директорот соопшти дека за време на истрагата дошле до информации дека неколку фирми се корисници на повеќе грантови за слични или идентични проекти, што според Додов го отвора прашањето колку е транспарентен и ефикасен системот на доделување грантови.

Ревизијата на новото раководство на Фондот за иновации и технолошки развојот дошла и до информации кои, како што кажа Додов, упатуваат на сомнителни практики во управувањето на јавните средства. Конкретно, тој посочи компанија чие раководство било во непосредна роднинска врска со високи функционери од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Без да наведе за која компанија станува збор, Додов рече дека нивните истражувања покажале дека нејзиниот управител не само што добивал финансиски средства од Фондот, туку истиот бил управител на уште четири други фирми кои исто така имале добиено средства за иновации и технолошки развој.

Во врска со 50-те приватните здравствени установи за кои рече дека добивале средства од Фондот за време на пандемијата со ковид-19, тој, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека средствата најчесто биле трошени за набавка на медицинска опрема, која недостасува во државните болници. Како што дообјасни Додов, според Законот за трговски друштва, ФИТР смее да финансира само стартап-компании, но не и приватни здравствени установи.

Ревизијата, како што кажа тој, открила и неправилности во раководењето со човечките ресурси во Фондот. Имено, во Фондот имало само осуммина вработени кои биле во редовен работен однос, додека заклучно со август годинава на платниот список фигурирале 40 лица кои биле ангажирани со договор на дело и чии хонорари изнесувале и по 60 000 денари или околу 1 000 евра.

„Во текот на минатиот месец утврдив дека голем дел воопшто не доаѓале на работа, дел со договор меѓу себе се ротирале преку еден работен ден, немало евиденција за присуство на вработени. На денот на извршената проверка за редовност од моја страна само тројца беа запишани во книгата за редовност на работното време. Покрај тоа, дел од ангажираните кои се претставуваат како експерти одбиваат да ги завршат своите обврски што дополнително ги кочеше процесите на ревизијата“, рече Додов.

Тој на прес-конференцијата не сакаше да соопшти ниту едно име на фирма, субјект и друг инволвиран во злоупотребите, но најави дека наскоро ќе излезат и со вакви информации, откако ќе заврши ревизијата и ќе бидат поднесени кривични пријави против оние што правеле злоупотребите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *