Кога после пропиена вечер ќе се разбудиш и те напаѓаат мисли од типот дали некој ти е сега лут, на кого си праќал пораки, и дали си претерал кога си ги терал сите да испијат уште по една пијачка
Им се случува на многумина – анксиозност после цела ноќ пиење и во моментот кога ќе се случи знае да биде баш непријатно.
За разлика од обична анксиозност, анксиозноста предизвикана од мамурлак, или hangxiety (hangover + anxiety) не е признаена медицинска состојба, но кој почувствувал – знае. На најголем ризик се оние што се и онака секојдневно анксиозни и најчесто срамежливи луѓе што страдаат од социјална анксиозност.
Се случува поради комбинираните ефекти што алкохолот ги има на мозокот и телото. Алкохолот влијае на невротрансмитери и создава привремен смирувачки ефект за време на пиењето, но кога ќе испари, невротрансмитерите се враќаат на свое и настанува повисока анксиозност. Дехидрираноста, лошиот сон и физиолошкиот стрес на метаболизирање на алкохолот само „помагаат“.
Општо анксиозна личност после неколку пијачки ги намалува инхибициите, а со тоа и чувствата на анксиозност, барем привремено. Но, кога алкохолот ќе го напушти организмот, а тие чувства ќе се вратат, се враќа и анксиозноста – појачана.
Превенцијата почнува со умереност – ограничување на внесот на алкохол, пиење вода меѓу пијалоците и да се потрудиш квалитетно да спиеш. Паметно е и да се избере околина каде што се чувствуваш безбедно и релаксирано за да се намалат шансите за мамурксиозност следниот ден.