Сутерен.мк

Јасна Котеска: Порно филм

Ултимативната порнографија би била кога во „Казабланка“ главните актери ќе почнат порнографски да водат љубов. Главното правило на порнографијата е дека таа мора да биде неавтентична

Гледањето порно филмови често се сведува на чекање на екранот да се појави лицето. Половите органи во акција ја покажуваат простата моторика и сами по себе тие се здодевни. Но, лицето не е. Лицето е најважната иконографска алатка. Се’ што се случува, може да се види на тоа лице. Но, интересно е дека кога лицето би било искористено за ултимативно претставување на сексуалната желба, парадоксално, тоа лице не би кажало ништо од редот на вистините за сексуалните страсти.

Кога во 2004 година на Интернет се појави веб страницата „Прекрасна агонија“, на која доброволци постираат видео снимки само од своите лица додека доживуваат оргазам, стана јасно дека несвесните лица во оргазам не можат да кажат ништо за „вистината“ на половиот чин. Не затоа што е дадено лицето на тој што ужива наместо неговите полови органи, туку точно затоа што несвесните лица во оргазам се застрашувачка глетка поради нивната автентичност.

Секој жанр има свои правила. Главното правило на порнографијата е дека таа треба да биде неавтентична. Кога некој водоинсталатер ќе дојде во куќата на некоја полугола домаќинка, ние знаеме дека целата таа приказна е неверодостојна, до границите на тотална глупост. И токму тоа е услов да продолжиме да гледаме. Гледачот почекува да се развие глупавиот мизансцен, затоа што тој мизансцен, парадоксално, ја гарантира возможноста на акцијата.

Словенечкиот филозоф, Славој Жижек, некаде рече дека ултимативната порнографија би била кога во филмот „Казабланка“, главните актери, откако ќе ја изиграат сцената со заведувањето, ќе почнат да се расоблекуваат и порнографски ќе почнат да водат љубов. Тоа е вистината која се случува во реалниот живот. Но, претставувањето на таа вистина е невозможно. Претставувањето мора да помине низ лагата, за приказната да ја добие својата „вистина“. Барањето за сексуалната автентичност на љубовната приказна најпросто е невозможно. Тоа се гледа и од неуспешните обиди на „сериозните“ режисери да снимат „сериозен“ порно филм. Таквиот филм, најпросто речено, никогаш нема да биде порнографски, не затоа што ќе му недостасува автентичност, туку токму затоа што автентичноста ќе ја има премногу.

Ултимативно кажано, најлошиот порно филм би бил оној на кој лицето без престан би оддавало недозирано уживање.Уживањето е категорија која може да биде претставена, само тогаш кога е дадена со задршка, односно кога е „излажана“. Страста не е само политички некоректна. Таа е и жанровски невозможна. Причината за таа невозможност лежи во фактот дека желбата е непретставлива. Чистата желба е секогаш посредувана од лагата. Лагата за која овде зборуваме не е само услов љубовта да се воспостави како позитивен процес, туку, парадоксално, таа лага се базира на вистинитоста. Тоа го знаеме и од сопствените љубовни искуства.

Во моментот кога би сакале да кажете зошто точно го сакате човекот што го сакате, вие сте на сигурен пат, да не кажете ништо важно. Не постои ниедна причина, од редот на: добрината, хуморот, разбирањето, заедничките интереси, убавината, парите…, што точно ќе одговори на прашањето: зошто го сакам овој човек. Секогаш кога ќе се обидете да ја историзирате својата љубовна историја и причините за неа, вие кажувате едвај непотполна и фалсификувана историја. Тоа е само една од причините зошто порно жанрот, во својата најопшта смисла, е небулозен жанр. Тој е форма во која дури ниту конвенциите не можат да и’ излезат пресрет на гладта на човекот, да открие, од кој материјал, всушност, е направена желбата.

(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *