Љубената жена на Никола Карев

Тажна и трагична е приказната за приватниот живот на претседателот на Републиката, Никола Карев. Малку се знае, ама историчарите „копаат“. За жената која ја сакал Карев, или со која „си се бендисувале“. Станува збор за Костадинка Тасева Хаџова или Ракиџиева, учителка во крушевската гимназија пред Востанието. Приказната е испреплетена со легенди, со многу емоции.

Нејзиното потекло не може со сигурност да се утврди. Според едни, била прилепчанка, според други едниот родител бил од Прилеп, другиот од Струга, а според трети – била стружанка. Но, едно е сигурно – имале чувства еден кон друг. Била несудена свршеница на претседателот на Републиката. Ама тој немал време за „љубов“, за приватен живот. Целосно бил посветен на револуционерното движење, на создавањето историја.

– Да, имале симпатии меѓу себе. Тоа е претставено и во неколкуте филмови снимени за Крушево, но Никола немал време да посвети внимание на тој приватен момент и максимално се посветил на својата револуционерна дејност и активност. Додека биле свршени, немаме некои прецизни историски податоци. Сепак, факт е дека си се „бендисувале“, не биле рамнодушни еден спрема друг. Дури има и коресподенција од негов другар кој им ги отворал писмата, ги читал. Па, тука се оние „легендарни“ податоци дека знамето на Крушевската чета, кое денес се идентификува како знаме на Крушевската Република, е навезено со нејзината коса. Тоа, нормално, не е точно, раскажува историчарот Зоран Богески.

Костадинка умира кратко време откако дознала дека Никола Карев загинал во 1905 година. Починала во 1907 година. Податоците се контрадикторни. Најверојатно починала во Струга и е погребана во црквата „Свети Ѓорѓија“, во строгиот центар на Струга.

– Во запис стои дека е погребана источно од олтарот на Црквата. Ние сме извршиле увид. На прв поглед, таму не се забележува гроб. Можеби гробот е уништен. А, таму има и други гробови, вели Богески.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *