На големата сцена на Драмскиот театар денеска се одржа комеморација за актерот Мето Јовановски. Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец почина на 16 ноември. На комеморацијата се обратија дел од неговите колеги, достоинствено присетувајќи се на неговиот живот и дело.
Актери, режисери, соработници, студенти, почитувачи на неговите лик и дело, дојдоа да оддадат почит на неговото семејство и на загубата на големиот човек.
„Мето, актер, професор, колега, но и обичен човек. Беше волк самотник, имаше доверба во малкумина. Ги сакаше своите ќерки. Ја сакаше својата брада, без неа не се чувствуваше свој. Наизуст ги знаеше евангелијата. Му се допаѓаше левиот профил од неговото лице. Сакаше тишина во ходниците низ театарот пред почеток на секоја претстава. Велеше дека животот може да се носи во една патна кожена торба“. Со овие зборови, со долг аплауз и со неговата омилена песна, традиционалната македонска „Со маки сум се родила“, денеска, на сцената на Драмскиот театар – Скопје, од големиот македонски актер Мето Јовановски се простија неговите колеги, пријателите, семејството, како и почитувачите на неговото дело.
За Јовановски (1946, Панчарево -2023, Скопје), кој почина минатата недела, на комеморацијата зборуваа и пораки испратија повеќе истакнати актери, режисери, директори на институции, негови соработници од матичниот Драмски театар, Универзитетот „Еуропа Прима“, Кинотеката, а телеграми со сочувство упатија и претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, ФДУ, МНТ, ТДМ, Албанскиот театар, Битолскиот театар, како и други институции и поединци од земјава и странство.
„Не сум сигурна дека сме имале втор толку комплетен и едновремено комплексен актер. Многубројни се неговите дарови, пред сè како актер, но и како драмски писател, режисер. Неговите доблесна критичност и острина, нетипични за нашиот аморфен контекст, го оформија во една од најспецифичните и најголемите личности на нашата современа култура. Неговото темелно познавање и умеење на актерското мајсторство го направија единствен во професијата. Нашиот Мето успеа да го крене достоинството на професијата на највисоко ниво, тој е актерски, интелектуален и емоционален огномет… Ретко се раѓа некој во една култура како Мето, требаше да го чуваме како капка роса на дланка во пустина. До скоро видување, пријателе…“, беше пораката која до својот тивок пријател ја испрати неговата колешка, актерката Милица Стојанова.
Како и за многумина, така и за актерот Јовица Михајловски со кој Јовановски ја делел гримиорната, Мето беше еден од најголемите македонски актери. „За Мето нема анегдота. Тој беше монашки посветен на својата професија. Четириесет и пет минути пред почеток на претставата тој завршуваше со секаков разговор и постануваше ликот кој треба да го толкува на сцена. Неговата професионална посветеност често беше зачудувачка, посебно за тие кој театарот го разбираат како простор за евтина себепромоција“, порача Михајловски.
Од Мето на сцената на Драмски се прости и Благоја Чоревски, кој се потсети на нивните студентски денови и вработување во Драмски театар. „Со Енчо, така се викавме од една Етида која ја правевме на Драмскиот факултет во Софија, каде што завршивме во 1970 и на 1 септември истата година заедно почнавме во Драмскиот театар – Скопје. И од тој ден до денеска ние сме тие кои му остануваме верни. Мето беше актер којшто имаше енергија, атомска бомба во себе. Кога ќе излезеше го правеше тоа со некоја чудна леснотија, а во суштина е многу тешко. Мето ќе остане за мене секогаш Енчо. Живеевме во иста соба, јас, тој, Диме Станкоски и Ѓорѓи Стојановски. Завршивме, јас, Мето и Диме дојдовме во Драмски. Мето беше нешто кое не можеше да се опише со зборови, мора да го почувствувате. Јас сум горд што сум бил со него, што сум играл со него и што сум учел од него. Нека му е вечна слава на мојот Енчо, актериште едно“, кажа Чоревски.
Театарскиот режисер Паоло Маџели ги упати следниве зборови: „Сите знаат колку голем глумец беше и нема потреба тоа јас да го повторувам. Се запознавме во Белград по твојата прекрасна изведба на Хамлет. Унко нè запозна. Тоа е, еден живот. Жељка дојде кај мене на проба, откако сте биле заедно во Подгорица. Ја прашав, и таа ми рече, добар е, прекрасен како и секогаш. Кршливи сме, драги мој Мето, тоа е тоа. И тоа е неправедно. Затоа што прекрасните актери не би требало никогаш да умрат. Разбираш?“
„Мето е голема загуба за македонската, екс југословенската, балканската култура. Ми беше привилегија само да стојам покрај тебе, а да не кажувам колкава привилегија беше да се глуми со тебе. Одмори се, великане! Те сака твоето Сараево, твојата Босна и Херцеговина“, му порача актерот Емир Хаџихафисбеговиќ со кого Јовановски соработувал на два играни филма „Станица обичних возова“ и „Децата на сонцето“.
Во 2001 година Мето Јовановски станува почесен член на Црногорското народно позориште (ЦНГ) во Подгорица каде што игра во две претстави „Малограѓани“ и „Урнебесна трагедија“. „Мето беше голем пријател на црногорската култура и театар, уметник кој со ист интензитет ја носеше автентичноста на својата родна грутка и истовремено владееше со онаа креативна сила по која се препознава уметничката универзалност“, рече Илија Суботиќ, директор на Црногорското народно позориште кој додаде дека Мето само пред дваесетина дена во Подгорица ја прославил 70-годишнината на ЦНГ.