Тие никогаш не дале заедничко интервју. Како што не ги ни расчистувале јавно, кулоарските шушкања дека ете пак, се скарани, што секогаш се појавуваа после некоја небулозна ситуација на помладиот. Така, со децении остана да лебди прашањето колку и како комуницираат двајцата големи личности во македонската култура и општествени текови
За прв пат, во кафеаната „Канцона“ во скопската населба Козле, во непосредна близина на домот каде што го поминале поголемиот дел од нивниот заеднички живот, Александар и Игор Џамбазови ќе прозборат за меѓусебните лутења и мирења, за взаемната љубов и почит. Ги затекнавме на договорената средба како Игор на диктафон му снима „команди“ на татка си за употреба на мобилниот, што тој ден му го подари. И, наместо, новинарката да ја опушти атмосферата пред официјалниот муабет, почнуваат тие двајцата да ме забавуваат со најновите вицеви. Не знаете кој е подуховит – сениор или јуниор, но повеќе од јасно е дека тој ден нема да има премногу простор за некакви епохални, трач откритија. Всушност, тие двајцата се однесуваа како да се работи за некаква пријателска седенка, а не нивен разговор што треба да излезе во медиум.
- Да ви кажам најискрено: цел живот сум „угнетуван“ во семејството – се „исповеда“ маестро Џамбазов, кој своите 75 години ги носи со неверојатна леснотија. – Прво бев зет на Петре Прличко па, сопруг на Анче Џамбазова па, татко на Игор Џамбазов! Па кога јас ќе бидам јас!?
На ова, Игор експресно „реагира“: - А тоа што викаат дека ти ми ги пишуваш песните, а!? Прво слушав дека дедо ми, мајка ми ме пикнале во театар, па татко ми ми ги прави композициите… Уште не сум чул кој ми ги пишува книгите, ама и тоа ќе дојде, кај и да е… Всушност, вистина е дека на пример, на аудицијата за „Волшебното самарче“ ме избраа мене затоа што потекнував од „соодветно“ семејство односно, не сакаа да рескираат со друго дете – неискусно (а ги имаше и десет пати поталентирани од мене), па да им се онесвести кога ќе ја види камерата. Колку и да ја имате поддршката сепак, не може друг да ја заврши вашата работа! Барем не во оваа професија. Трауми од детството
А, Петре Прличко, прашувам, имаше ли проблем со славата на внукот?
- „Волшебното самарче“ беше голем хит во цела тогашна Југославија, дневниот весник „Вечер“ избираше најпопуларно лице за Нова година, а потоа и календар со победникот. Игор ја освои титулата со 60 илјади гласови и од дедо му имаше повеќе за дваесет илјади! Леле, каков шок беше тоа!? Катастрофа. Дедото, си беше „малку“ суетен… – раскажува маестро Џамбазов и потсетува колку голем актер беше Прличко: за време на снимањето на „Македонскиот дел од пеколот“ (втора улога на Игор по „Вину Пу“) во битолско село Лавци, режисерот Ватрослав Мимица, ќе му потпише на неговиот син една фотографија со зборовите „Драг мој Игор ти посакувам да станеш голем актер како твојот дедо Прличко, што ќе ти биде особено тешко.“
- Заборава да каже дека јас го запознав со Мимица. – се вмешува Џамбазов јуниор. – Најискрено, мислам дека ние немавме проблем со сенките на другиот, колку и да беа длабоки тие. Да беше така впрочем, немаше да ја иницирам претставата „Сомнително лице“, што беше омаж на дедо ми, нели!? Како дете, не бев ни свесен што значи да се има познато семејство! Тогаш се живееше во сосема поинакви конотации. На пример, јас бев просто воодушевен од таткото на едни Ице и Баже, кој беше бравар!
- Не бравар туку, високо дисквалификуван бравар! Со тие воодушевувачки сознанија еден ден влета дома – го поправа татко му.
„Самарчето“ сепак, ќе остави сериозни „трауми“ во меморијата на Игор: најтешко му било кога останувал сам со топката во паркот затоа што сите негови другари во еден момент „масовно“ го напуштале – за да го гледаат Трајче во популарната серија. Од тоа време е и нивното взаемно ословување со „колега“. Бидејќи веќе станале рамноправни – и двајцата биле присутни по медиумите. - Ние комуницираме совршено, но речиси никогаш не се ословуваме со „тато“, „сине“… Остана тоа „колега“… Се зборуваше се и сешто за контактите меѓу нас. Меѓутоа, факт е дека никогаш не сме се скарале! Во некои периоди јас не бев во Скопје па, не се ни гледавме, но никогаш не сме се навредиле еден со друг. Имавме тешки моменти во животот и тој и јас, паралелно ни се случуваа трагедии, но ние не се оптеретувавме едни со други зборувајќи за тоа. Затоа што сакаш да ги заштитиш блиските од грижи. Јас сум криел дека имам проблеми, татко ми криел дека оди на операција на пример, па сум дознавал додека сум на пат… Мајка ми беше таа која влетуваше во сржта на кризите , а богами и „уживаше“ да ги решава, Тања беше најумната (и како таква, на време си замина од земјава) а ние двајцата премолчувавме работи – тврди Игор.
Животот во годините
- Преживеавме такви сцили и харибди што да беа некои други луѓе којзнае како ќе завршеа!? Животот знае да биде непредвидлив, има подеми и падови, но горд сум на тоа што се справивме со искушенијата и што останавме заедно – вели маестро Александар, кој веќе четиринаесет години живее сам, на Водно. Откако е почината Анче Џамбазова најголемо друштво му се мачките, кои за малку трајно ќе му ги избркала ќерката Тања, неодамна реновирајќи го неговиот дом. Игор исто така живее сам, во Кисела вода, но и тој чува мачка, ама една – Еми. Не излегува по ресторани и кафулиња туку секој слободен момент го користи да избега од Скопје во мирните места во внатрешноста на земјава. Настрана е од сите пороци освен од цигарите, за парите рамнодушно коментира дека не му требаат и дека ги има доволно особено сега, кога не ни прави некои големи трошоци. Не ја бојадисува косата, не става ботокси. Стрпливо чека да се пензионира на 50 години и сосема да се повлече од ТВ екраните. Не се кае за нештата што не ги направил туку за оние што ги направил. Татко му доаѓа кај него еднаш во неделата, носејќи му продукти од зелениот пазар меѓу останатото, редовно мед, ајвар и маџун и тој ден го поминуваат зборувајќи за се и сешто, дружејќи се. Најмногу им недостасува Анче, но едногласни се дека таа е се уште тука, со нив, велејќи дека убавите сеќавања се единствениот рај од кој не можат да бидат протерани и дека не се важни годините во животот, туку животот во годините.
- И Анче и Прличко ми умреа на раце. Да не беа моите деца не знам како ќе продолжев понатаму… – вели маестро Џамбазов, потенцирајќи дека и, ако некогаш му замерал нешто на својот син, кога го чул на една телевизија како зборува „татко ми го гледав во очи и тој знаеше дека го лажам и ми веруваше“ лутината исчезнала засекогаш кон него зашто, според него, тоа може да го каже само голем човек. Раскажува дека најгорд бил на промоцијата на ФОН универзитетот, на третата книга на Игор „Прирачник за анти анти алкохоличари“ (од која патем, продадени се околу четири илјади примероци), кога не можел да ги задржи солзите од емоции.
- Најважната работа што ја научив од татко ми и тоа преку неговиот личен пример е да им се помага и да се сочувствува со другите во секое време и на секој начин. Сите парични награди што ги добил, ги има подарено. Јас се трудам, колку можам, да ги следам неговите постапки.
Инаку, дента кога се сретнавме со Џамбазови, Игор почнуваше официјално да снима нов албум со песни, но најавија и еден заеднички, голем проект во блиска иднина. Во пресрет пак, на годината што доаѓа, Игор посакува да се вљуби, а маестрото, внуче. Кога се толку силни меѓусебните врски и желбите велат, се остваруваат полесно. Особено, кога се во иста насока… Неуморен бељаџија
Александар Џамбазов може да раскажува за анегдотите на неговиот син со часови. Не без причина. Игор бил особено темпераментен и мошне креативен во своите испади.
- Еднаш си играа со сестра му бербери и и направи на главата (а таа имаше една прекрасна кадрава руса коса) крст, а тој сам на себе една локна!? Друг пат пак, голтнале со Тања (таа „верно“ го следеше својот две години постар брат) по еден гвозденец (лагери, што „глумеле“ своевремено џамлии, нов. заб.).
- Ја паметам мајка ми како со цигарата в уста „бдееше“ над нас двајца седнати над нокширчиња, чекајќи да паднат гвозденците – се потсетува Игор. Татко му сепак, додава дека и покрај големите мангуплаци тој уште како многу мал покажувал големи таленти.
- На четири и пол години ја доби првата улога, а сосема сам (јас само му покажав неколку акорди) научи да свири гитара, клавир… Мојот добар другар и голем музички мајстор, Зоран Димитровски се чудеше на неговото свирење на Гершвин. Ги знаеше сите држави на светот и главните градови, а не одеше во училиште па од тоа време и остана онаа славна изјава од Диме Поповски: „Ти си гениј, будало!“ И, ги „тепаше“ со 12 години сите во табла! Кај нас дома всушност, беше вистинско Монте Карло! Се играа карти до рани зори… – вели маестро Џамбазов, а Игор додава смеејќи се:
- Не е за чудење што јас излегов ваков, нели!?
- Точно е – признава неговиот татко – дека во едно такво уметничко семејство не можеше се да се предвиди. Нас ни импонираше да го гледаме неговиот подем од мал, но не требаше толку рано да стане ѕвезда, толку брзо да започне со уметноста. Знаете, другите деца одеа на корзо, а Игор во театар… Кога почна да се дружи со погрешни луѓе од тој ист свет, некои работи тргнаа наопаку пред со Анче да сфатиме што вистински се случува. Уметноста во гените
Игор е во светот на театарот, на музиката и естрадата веќе 30 години и за тоа има добиено многу награди и признанија. Растен во актерско – музичко семејство најпрвин се чини, преовладуваат гените од мајчината страна (Прличко и неговата прва жена, биолошката баба на Игор се актери, како и мајка му, Анче) па се одлучува и тој самиот за театарот. Подоцна, што од разочарувања во институциите и своите колеги, што од будењето на „заборавените“ таткови гени, се свртува повеќе кон музиката. Како и да е и, кога и да е, се што правеше, па и телевизиските – шоу егзибиции, ги правеше успешно, како ретко кој! Татко му се уште не му напишал песна, но маестро Џамбазов (кој е музичка лектира за сите генерации без претерување, уште со самата негова поширока промоција на легендарниот тогашен фестивал на забавна музика во Опатија, Хрватска, во 1960 година), очекува дека токму синот ќе му посвети нему една – пензионерска. (Инаку, Џамбазов сениор држи и своевиден рекорд со учество на оваа престижна манифестација со дури три композиции, но она што најемотивно го врзува за овој приморски град е податокот дека токму таму е зачнат Игор.) Критички настроен кон својот наследник ќе рече дека иако, Игор баш и не го бива за пеење, неговата голема харизма надоместува се што недостасува:
- Најтажно е кога ќе видам деца кои ниту имаат талент, ниту харизма, а нивните родители ги форсираат за сцена! Сеедно дали детето сака или родителите се преамбициозни, тоа е мачење на децата, а и на публиката…
Ја споменува ќерка си Тања која наспроти семејната традиција, се одлучила за архитектура и посветувајќи и се целосно на својата вокација, низ целата кариера бележи успеси. - Уште како студентка учествуваше во Сплит на Европското биенале на архитектура и беше забележан нејзиниот талент и замина за Австрија каде ментори и беа најпознатите светски архитекти. Од таму во Лондон, во светски познатата Аутодеск па, во нивниот клон во Париз, па Бостон и Сан Франциско каде е и сега. Таа моја „мочла“ објави две книги во Америка за модерна архитектура, креира апликации за Ајфон и дава интервјуа за светските списанија. Многу сум горд на неа!
Предупредување за земјотресот
Игор Џамбазов е роден на 15 јули 1963 –та и во тоа време, неговото семејство живее на тогашната улица „Никола Парапунов“ (во близина на денешен „Кингбургер“), во центарот на Скопје, во многу славно и боемско опкружување. Александар Џамбазов на ова соседство ќе му посвети и една песна „Моја улица“, што на фестивалот „Београдско пролеќе“ ја пееја Нина Спирова и Зоран Георгиев, а за денот на кобниот земјотрес, раскажува:
- На 26 – ти јули, малку пред пет часот, наеднаш се разбуди силно плачејќи. Анче, како млада мајка, се двоуми дали да го земе и да го надои или да чека да дојде шест часот, како што ја советувале педијатрите. Игор, плаче ли плаче! Само што го зеде во своите прегратки, почнаа цигли да паѓаат од таванот и тоа токму на местото каде што тој спиеше. Истрчавме брзо надвор, а тој всушност, со своето плачење ни ги спаси животите.
Љубовта на сестрата
Татјана Џамбазова речиси три децении живее надвор од Македонија, а во моментов е во една од најголемите компании за дизајн на софтвер, Аутодеск, во Сан Франциско, каде е дел од менаџерскиот тим. Покрај кариерата како архитект и ИТ инжинер, таа вели дека крвта сепак, не е вода па и покрај фактот што не сакала да стане актерка, почнала да игра во театри во Виена и Париз, а сега и во Сан Франциско подготвува нова претстава. За животот во нејзиното семејство кажува дека тој драматично се сменил откога умреле мајка и и дедо и, но додава дека сигурно тоа не се и единствените причини.
- Ние бевме семејство за пример: со многу разбирање за единственоста и лудоста во секој од нас поединечно, со голем почит кон индивидуалноста. Никогаш не сме биле дом каде имало хиерархиски однос (добро, малку повеќе почит мораше да се има кон дедо зошто тој тоа го бараше, без зборови). Јас Игор никогаш не го сметав како „даден“ брат, туку како „одбран“ другар и имам огромна почит кон неговиот талент, човечки вредности и однос кон работата. Тој не прави разлика дали го игра Брехт или води лотарија! Велат дека децата ги одбираат родителите. Знам дека, ако се родам уште 10 пати, пак и пак, ќе ги одберам мама и тато и Игор зошто животот со нив беше и се уште е една голема авантура. Ние сме сите многу принципиелни и тоа ни е и дарба и проклетство! Сеќавањата за дома се најубавите и болат исконски. Бевме една брлива, насмеана и весела фамилја, постојано опкружена со пријатели.
Татјана вели дека единствено му се лути на братот зашто не внимава повеќе на себе односно, дека секогаш другите луѓе му се на прво место, а себе си се остава последен. - Игор се има изнаработено за три живота и малку ми е тешко што со толку талент и работа не успеа да ужива малку повеќе. Тој е се само не практичен. Ама не може да очекуваме еден гениј ( ова го кажувам без задршка – Игор не е некој што се раѓа секој ден) да има секојдневен живот. Сите всушност, живееме така, како што ни е дадено и најдобро што знаеме. Без разлика на интензитетот на нашата комуникација, кога ќе се видиме, секогаш се чувствувам како да беше вчера последната ни средба. Сепак, многу жалам што не поминуваме повеќе време заедно. Толку многу ми недостасува!
Најмладата од семејството Џамбазови смета дека има брат токму таков каков што и требал – секогаш со почит кон неа и прифаќање таква каква што е. На крајот ни додава дека има една огромна желба за Нова година – да заигра со Игор заедно на сцена. Можеби и ќе го убеди…
Бранка Н. Доневска
„Теа модерна“, 2011 година