Сутерен.мк

Александар Ношпал: Далеку (ни) е високата мода

„ Секаде во светот занаетот е најскапата работа! Кај нас напротив, се цени масовното наспроти индивидуалното. Уште полошо: повредно е ’ракодоводењето’ и канцеларувањето од креативноста и личниот труд“ вели, Александар Ношпал. (Роден во 1973 година, во Скопје), моден креатор, кој по завршувањето на интернационалната Школа за моден дизајн, ЕСМОД во Париз, веќе четири години е присутен на македонската модна сцена. Во неговото портфолио се заведени (покрај стажирањето во неколку познати париски модни ателјеа) неколку ревии, костимографии за театарски и балетски претстави, едногодишното работење во „Тетекс“, презентации, избори на Метрополитен модел….

• Каква е жената за која се наменети вашите креации?

– Моите креации ја преминуваат машко – женската граница. Тоа се модели со нежност, но и со машка строгост. Креирам за тип на жена која е маркантна. Жена која е многу сензуална меѓутоа, која ја има силината на мажот. За храбри жени, активни. Жена од иницијатива, наметлива, самоуверена и свесна за себе и својата женственост. Затоа и комбинирам, на пример, лелеаво здолниште со машко палто.

Креирате модели за носење, но се занимавате и со костимографија. Што е меѓу нив заедничко, а што различно?

– Токму затоа и ме интересира особено високата мода! Затоа што во неа се употребуваат костимографски елементи односно, тоа е спој на модерното, на она што ќе биде утре, со она што било во минатото. И тука не се прашува колку чини времето, колку трудот… Разликата е што историскиот костим е костим на една епоха, нели! Додека модата ја содржи креацијата на минатото, но мора да е актуелизирана, активна. Кога се работи на костимографија, се работи наменски, со одредени елементи, од одредена епоха, а дали ќе биде модернизирана или не, зависи од концептот на режисерот, на целата претстава. Во модата се зема тематика и таа се рзработува за одредена групација на луѓе, простор, климатски услови… Таа треба и да се продава, некој да ја носи… Костимографијата дозволува и импровизација, додека во вториов случај, се мора да е прецизно и „цврсто“ изработено.

Колку има терен кај нас за висока мода?

– Многу, многу малку… Кај нас постои интерес и пазар само за пред – а портер лукс односно, основата е конфекција, а кројот, прецизноста на изработката и деталите да бидат на многу високо ниво, па дури и луксузни.

Што е причината за тоа?

– Економската немоќ пред се.

Не е ли една од причините и конзервативноста на средината?

– Па, конзервативноста е една од причините, но најважната е немањето пари за тоа! Можеби и е непоправливо конзервативна оваа средина, но причините за непостоење на висока мода пред се, треба да се бараат во прекинот на традицијата. Поточно, ние сме народ со голема традиција, која не сме успеале да ја одржиме. Високата мода секогаш се базира на традиционалните вредности и занаети. Значи, нема основна база за висока мода! Доколку нашата традиција на рачна изработка на везови, бордирање би се одржала, ние слободно можевме да им бидеме конкуренти на еден Париз, Милано… Високата мода е всушност, тајна на рачна изработка, која секогаш се пренесувала од колено – на колено. Кај нас се на изумирање чевларите, везилките, шапкари речиси и да нема, а да не зборуваме за изработувачи на ракавици… Таа традиција е прекината и затоа секогаш ќе бидеме само копија на тие центри на висока мода! Единствено, ни преостанува повторно да и се навратиме на традицијата и повторно да ги откриеме старите вредности. Младите да почнат да ги изучуваат занаетите, кои изумираат или се веќе изумрени. Знаете, кај нас долго време, а и се уште, на таквите занаети се гледа како на нешто недостоинствено. Демек, тоа се изработува мануелно, а со тоа е простачко и непочитувачко. Секаде во светот занаетот е најскапата работа! Кај нас напротив, се цени масовното наспроти индивидуалното!? Уште полошо: повредно е „раководењето“ и канцеларувањето од креативноста, личниот труд и занаетот. Тоа е резултат на сите оние „глобални организирања на трудот“ што ни се случуваат во последниве 50 години. Освен тоа, кај нас се уште не може да стане збор за вистинско вреднување на тоа колку чини ткаенината, изведбата и имагинацијата во креираето на еден модел кој влегува во висока мода. Пазарот е мал, но и за тој пазар не може да се работи. Значи, може да стане збор само за прет – а портер де лукс, а не за висока мода.

Сам ли работите?

– Да, а сите оние што ми помагаат од време – на време се, она што се вели изнајмен труд. Би сскал инаку, да формирам една екипа, еден тим, кој би работел со мене. Тоа би биле млади луѓе, кои би ми помагале, а истовремено би го учеле и занаетот.

Чиј имиџ од естрадата е „потпишан“ од Ношпал?

– Во последно време работам со Олгица Христовска, со сестрите Кочовски, Верица Пандиловска, Ребека… Соработувам со сите и сакам да соработувам со секој оној што ска да работи со мене.

Имате ли клиентела од политиката?

– Не. Имав понуди, но во моментов мислам дека не сум подготвен за тоа. Кога би имал ателје би било поинаку. Бидејќи сепак, тие луѓе треба некаде да ги примиш, да им овозможиш некаков соодветен прием и чувство на доверба.

Ја следи ли Скопје модата?

– Малку задоцнето, ама ја следи, да… Во одредени бутици и продавници може да се најде модерна гардероба. Меѓутоа, секој продавач го пласира она што му се троши, а кај нас бидејќи, се уште нема она што се вели „жртви на модата“ т.е. луѓе кои го следат светскиот тренд и кои први ќе го облечат она што е актуелно, без разлика на коментарите на околината, и продавниците се знабдуваат задоцнето. Се додека ги нема тие „жртви“, кои ќе бидат и шокантно и екстравагантно облечени, не може да зборуваме за модерни скопјани односно, за луѓе кои се во чекор со модата.

Сакате да кажете дека во Скопје нема снобови!?

– Снобовите ја следат модата, но секогаш гледаат гардеробата да им е скапа, луксузна… „Жртвите на модата“ не мора да имаат скапи парчиња на облека туку, тоа може да биде копирано, но да е ИН. Тоа може да е и улична мода, но автентична, трендовска…

Како преживувате како моден креатор?

– Почнав со олема подршка на моите родители, зашто овде луѓето на професијата моден креатор гледаа – зборувам за она време кога се запишував во Париз – со доза на несериозност. Сега почнуваат да се придвижуваат работите.. Бариерите се рушат полека – полека и многу поголемо внимание се обраќа на овој занает. Се отвараат приватни школи, оддели на соодветните факултети…. Не се живее идеално, но може да се (пре)живее. Многу инвестирам во она што го работам. Ако биде се во ред со инвеститорите, ќе отвориме едно модно студио, еден полуксузен салон, кој ќе го приближи Скопје до светот на (по)високата мода и ќе овозможи на создавање на наши модни лога!

 

Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2000 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *