Македонија го смени името, знамето, уставот и учебниците по барање на Грција, па се обврза пак да го менува уставот и учебниците по барање на Бугарија. Како Македонецот може да мисли дека е тоа истата држава која некогаш ја имал, а притоа да не личи на најглупиот од серијата со Родни и Дел?
По потпишувањето на Преспанскиот договорот со Грција во 2018 година и неодамнешното усвојување на францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија, Северна Македонија официјално доби статус на кандидат за Европската Унија, со честитки од највисоките европски претставници, Урсула фон дер Лајен, Макрон и други.
Македонската сага, се чини, има најблиска паралела со епизодата од ‘Only Fools and Horses’ во која Тригер, чистачот на улици, добива медал од градското собрание затоа што ја користи истата метла веќе дваесет години. „Четиринаесет пати ѝ ја сменив рачката, седумнаесет пати четката“, им се фали Тригер на пријателите во пабот, при што тие збунето го прашуваат: „Како може, по ѓаволите, тоа да е истата метла?“ Да замислиме наместо Тригер Македонец кој на истата екипа ѝ се фали како по 17 години од поднесувањето барање за кандидатура, државата официјално му станала кандидат, откако во меѓувреме го сменила името, знамето, уставот и учебниците по барање на Грција, а потоа се обврза повторно да ги промени учебниците и уставот поради бугарското инсистирање дека нејзиниот јазик и нација потекнуваат од Бугарите. Што друго може да каже компанијата на масата освен: „Како, по ѓаволите, тоа може да биде истата држава?
Во духот на демократијата
Не е баш така, некој ќе рече. Ај да видиме. Обемниот Преспански договор меѓу Грција и Македонија, во кој вторава се согласи да си го смени името во Северна Македонија, беше потпишан во јуни 2018 година, „во духот на демократијата, почитувањето на човековите права и фундаменталните слободи и достоинство“, како што стои во неговата преамбула. Посебно внимание привлекуваат членовите 7 и 8 во кои, меѓу другото, Македонија се обврзува во рок од 6 месеци да ги ревидира статусите на спомениците, јавните објекти и инфраструктура доколку тие на каков било начин упатуваат на старата хеленска цивилизација, да спроведе корективни мерки (член 8, став 2), дека нема да го користи симболот кој стоеше на нејзиното знаме и дека ќе го отстрани од сите јавни места и јавни употреби на својата територија (член 8, став 3). Конечно, двете страни се согласуваат да формираат експертски комисии кои на основа на научни факти и доверливи историски извори, „по потреба ќе ревидираат школски учебници и помошни наставни средства како што се мапи и историски атласи“ и ќе ги контролираат идните изданија.
Освен тоа, „страните прифаќаат дека нивното специфично разбирање на поимите ‘Македонија’ и ‘македонски’ се однесуваат на различни историски контексти и културно наследство“, па кога Грците ги користат тие поими, тие се однесуваат не само на подрачјето и народот во северна Грција туку и на она што им припаѓа („but also their attributes“), како и на хеленската цивилизација, културата и наследството на тој регион од антиката до денес (член 7, став 2); кога пак, Македонците ги користат тие поими, тие се однесуваат на нивната сопствена историја, култура и наследство, кои се значајно различни („distinctly different“) од она што го користат Грците. Конечно, двете страни наведуваат дека „официјалниот јазик и останатите атрибути на Втората страна (Македонија – н.з.) не се поврзани со древната хеленска цивилизација, историја, култура и наследство на северниот регион на Првата страна“ (член 7, став 4).
Од сите парадокси со кои обилува овој документ ова е веројатно најголемиот. Цела Европа, Запад, целиот Медитеран па и целиот свет ја слави хеленската култура и јазик и чувствува поврзаност со неа, само Македонците се исклучок? Грците на сите на долго и на широко ќе им раскажуваат дека нивната култура, политика, наука и филозофија имаат хеленски корени, само на Македонците тоа ќе им го одрекуваат?
Неволји со јазикот
Посебно интересен членот од преспанскиот договор во кој се вели: „Втората страна наведува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, припаѓа на групата јужнословенски јазици“. На внимателен читател нема да му мине незабележано дека грчката страна со ова не го ни признава официјалниот јазик на северниот сосед ниту пак неговата посебност во групата јужнословенски јазици – тоа тврдење го изнесува само македонската страна!
Но, додека во спорот со Грција јазичното прашање беше суштински маргинално бидејќи на Грците не им пречи нација и јазик сè додека Македонците не се врзуваат за античките Македонци, во спорот со Бугарите, кои македонскиот јазик го сметаат за дијалект на бугарскиот, тоа е клучно.
Што за тоа носи најновиот документ? Во најновиот Протокол за кој во основа се изјаснуваше македонското Собрание на 16 јули (2022), Република Северна Македонија се обврзува дека: во својот Устав ќе ги внесе и Бугарите, дека македонската влада “ќе ја реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресијата“ од минатото, извршени директно или индиректно од страна на комунистичките власти против граѓаните на основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучувајќи ги Бугарите, ќе спроведе рехабилитација на жртвите на репресија од комунистичкиот период, „ќе гарантира слободно остварување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија на слободно изразување, заштита и развој на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница“, дека ќе го сузбива говорот на омраза против Бугарите со кривично гонење на оние кои го користат, дека „ќе ги почитува сите заеднички историски настани и личности, претходно договорени“, дека ќе ги достави измените на лекцијата за Самоиловото царство од учебникот за седмо одделение и „ќе ја смени содржината на учебникот по географија за 7-мо, заради неосновани етнички/територијални претензии“ итн…
Основниот впечаток кој го остава овој документ е едностраноста на низата мерки и обврски, кои се однесуваат само на македонската страна. Бугарите ќе бидат признати во Северна Македонија но не и Македонците во Бугарија, само бугарските жртви на репресијата ќе бидат рехабилитирани, но не и македонските во Бугарија, само Северна Македонија ќе гарантира остварување на правата на Бугарите во својата земја.
А што е со Втората светска војна? Па не ги окупираа Македонците Бугарите туку обратно. Што е со жртвите на бугарската окупација? Нема ни збор за македонската заедница во Бугарија и нивните права, за страдањата пред, за време и после Втората светска војна. Притоа, овој Протокол не ги содржи сите обврски која ги презема македонската страна бидејќи се повикува на претходни договори кои дополнително ќе бидат објавени. Со други зборови, статусот и посебноста на македонскиот јазик, правата на Македонците на сопствен идентитет, реципрочно извинување за бугарската окупација или злосторствата од војната, ни со буква не се спомнати.
На собраниската седница, Урсула фон дер Лајен ги уверуваше македонските пратеници дека „нема сомневање дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние тоа го почитуваме.“ Но, тоа може да се однесува на бриселската администрација но не и на Бугарите кои ќе имаат целосна слобода и натаму да тврдат дека македонската нација не постои и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
Сите нации се измислени, само некои се поизмислени
Да се разбереме, сите нации, како што вика Бенедикт Андерсон, се „замислени заедници,“ модерни политички производи полни со противречни, произволни историски рефлексии, приказни за поврзаност со крвта и тлото, за јуначкото минато и славните предци. Поновиот наратив за денешните словенски Македонци како потомци на древните антички Македонци и слично е бесмислица. Но, исто така, етничката, генетската и културната врска на денешните Грци со древните Грци, или пак на денешните Бугари со степското племе Булгари по кои го добиле името, во иста мерка е далечна и посредувана, така што ниедна модерна политичка заедница не би требало да поседува монопол на Александар Македонски или Самоил, а камоли на основа на тоа да ограничува други во поглед на името на земјата, знамето и државните симболи.
Иднината на една европска земја не смее да зависи од страна 34 во учебникот по географија за седмо одделение. Ако денешните Бугари и Грци уште болуваат од национални фикции и фрустрации, европските лидери би требало од нив да ги трезнат и лечат, а не да ги охрабруваат, поздравувајќи договори на „компромиси и рамнотежа“ (Макрон), при што на едните, кои се надвор од Унијата, до самобришење им се стеснуваат основните политички права, додека другите, кои се во неа, се бетонираат во својата исклучивост.
(Авторот е научен соработник на Институтот за филозофија и општествена теорија на Универзитетот во Белград, Србија.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk