Сутерен.мк

Александра Мијалкова: Незаслуженото е минливо и многу лажно

„Се случуваат во животот нефер работи, кога не им се оддава вистинското признание на пожртвуваните, кога лаиците стануваат критериум, кога судат неинформирани, кога се отфрлаат реперите, но… Моето мото е дека, ништо не се добива незаслужено! А и да се добие, тоа е минливо и многу лажно! Дека единственото нешто што никој не може ниту да ти го даде или земе е талентот и посветеноста!“ – вели примабалерината при Македонскиот народен театар, со завиден фундус зад себе од улоги меу кои и оние во „Македонска повест“, „Дон Кихот“, „Жизел“, „Корсар“, „Лебедово езеро“…

Ученичка на Ѓурѓица Јовановска, мајка на две машки деца и една вистинска прва балерина.

  • Се средија ли конечно, работите во МНТ односно, во Балетот?

– Кога работите би биле средени како што треба, сменувањето на директорите во Балетот, нр би требало да имаат никакво влијание врз кариерата на членовите на ансамблот. Како што воопшто, не би требало да има блијание смената на било какви хиерархиски имиња врз нечија креативност.

Авторитетите во уметноста се за да се организира работата, а не за да се создаваат талентите. Талентите се раѓаат, а се формираат со сопствен труд и волја, а не со функционерски фотелји.

Нас не би требало да не интересираат директорите, министрите, политичарите туку, нашата работа, кондицијата и личната креативност. Не е оправдување за нечија мрзеливост смената на директорите, како што нее оправдување за неспособноста на директорите неактивноста на ансамблот. Меѓутоа, факт е дека секогаш и секаде има незадоволници.

За чудо, тоа се постојано истите, кои јас би рекла дека се пред се незадоволни од себе па, после од другите. Во секој случај, треба да се работи.

  • Сепак, не може да речете дека политиката не е влезена и во Балетот и дека врз вашата Куќа немаат влијанија дневно – политичките превирања?

– За жал, да! Тоа е најстрашното што може да и се случи на една уметност: да ја идентификуваат со моментните политички настани! Ние живееме во една психоза и тоа влијае врз сите. Вие не можете да творите убави нешта, кога сте во војна! (Каква и да е таа.)

Мене лично, никогаш политиката не ме интересирала и не сакам ништо да имам со неа, зашто културата, како најголем репрезент на една нација и држава не треба да има ништо со нешто минливо, прагматично и нечуствително како политиката.

  • Факт е дека политиката е присутна во културата и дека третманот од соодветното министерство кон една културна институција зависи од партиската оределба на дотичната куќа…

– Па не знам дали е баш така… Јас не сум ни компетентна да зборувам за некакви третмани и односи кон институциите на Владата.

Претпоставувам и убедена сум всушност, дека Министерството за култура се однесува соодветно кон своите штитеници. Зашто, во спротивно, би било тотална нелогика!? Не знам кој нормален би сакал за него да се зборува лошо па, така и Министерството!? Мислам дека проблемот е во нешто друго, во комуникацијата.

Знаете. Пари уметниците никогаш немале. (Барем не вистинските уметници.) Во културата финансиите биле секогаш проблем, но кога има вистинска комуникација тоа може или барем, побезболно ќе се надмине тој проблем. Вие знаете дека еден уметник и не е нешто загрижен за материјалните придобивки, ама страшно го боли кога се однесуваат со него потценувачки, со недоверба, во манирот – употреби, па фрли. А тоа е последица на недостаток на вистинска комуникација. Луѓето едноставно, не знаат кои сме и зошто сме.

  • Затоа ли вие после долги години пасивност решивте да се појавите во медиумите?

– Никогаш не сум се експонирала повеќе отколку што треба. Тоа важи и за мојот приватен живот.Кога човек ќе избере една професија би требало она што го знае и умее да го искаже во својата област, а не кај што не му е местото.

Кога се крева завесата јас сум таа што сум – балерина и треба да кажам тогаш што знам и што умеам. Другото не важи. Арно ама, со намножувањето на медиумите, особено телевизиите, ни се случи кој треба и не треба да ни влегува дома преку екраните и да има став за се и сешто. Сите станаа експерти за се.

Лично, мислам дека човек треба да си ја знае територијата и да не ја напушта освен, кога е во служба на неговата професија. Сакам да кажам дека, ни ова моето не личеше на ништо зашто луѓето добиваа погрешни информации од погрешни луѓе, но не мислам дека треба да се појавувам на секоја ТВ седенка.

  • Малку е неспоив егзибиционизмот (кој е основен нагон кај секој сценски уметник) и скромноста што сакате да ја сервирате?

– Мене балетскиот свет ме знае и да бидам искрена, мислев дека тоа ми е доволно, но не е така. Пријателите ме наговорија дека треба повеќе да комуницирам со медиумите, ама сфатив и дека тоа е добро. Во границите, се разбира.

Добро е за претставите, за да се привлече повеќе публика, да се популаризира балетот. Инаку, мојата суета е потполно задоволена кога сум на сцена. Мене не ми требаат дополнителни медиумски ангажмани за да биде потврдено моето постоење. Кога не е така, таа суета не е креативна туку деструктивна. Да бидам потполно изкрена, мене дури и ми се смачи постојано да велат: „Ја знаеш Сандра? Која Сандра? Абе, Сандра на Сашо Мијалков!“

Многу ретко некој ќе рече: „Сандра, примабалерината на МНТ!“

  • Многумина ќе речат дека токму презимето ви обезбеди многу улоги, но и статус во националната куќа?

– Сум ги чула тие озборувања и, што да ви кажам!? Мојот сопруг не влегол в театар. Всушност, влегол кога јас настапувам и нормално,бил воодушевен. Шегата на страна, него воопшто не го интересира во никој поглед театарот. Па и да сака, сигурна сум дека не може да најде начин да влијае. Не го бидува за таков вид влијание.

Како и да е, можете да се фолирате со титули, чија долготрајност зависи од способноста на вашите потчинети, а тоа ќе си го припишувате како ваша заслуга, но во индивидуалните уметности како што е балетот, зад што ќе се скриете!?

Како и во новинарството впрочем, уредникот може да ви смени наслов, мисла, текст, но на крајот сте самите вие со сопствениот производ, бил добар или лош. Сакам да кажам, човек може да ве протурка или наштети со своето влијание, но не може од вас да направи подобар креативец или неквалитетен производ.

Она што е во вас, избива на крајот. Што и да е тоа. Кога ќе се крее завесата не важи ни презиме ни име, туку трудот вложен, талентот и имагинацијата.

  • Што е балетот: талент или напорни физички вежби?

– Ах… Тоа е една комплексна уметност пред се, но колку е процентуално застапено едното, а колку другото… Некои велат талентот е најбитен, други обратно… Знам дека многу неталентирани луѓе, со многу упорност, постигнале многу во животот. Знам дека многу талентирани поради својата мрзеливост пропаднале.

  • Зошто станавте балерина?

– Мојата мајка беше балерина и таа го препозна во мене тој импулс. (Добро што тоа не му се случи на татко ми инаку, ќе бев фудбалер!)

Не сум размислувала за тоа. Знам дека од своите 9 години требаше да бидам балерина и еве, сум. Што знам… Тоа сум што сум, но ако мајка ми немаше сенс за мојата дарба не верувам дека наваму ќе ме насочеше. Кој би сакал детето да го насочи некаде каде што не му е местото!? Мајка ми пресуди во оваа моја вокација.

  • Кое е нивото на македонскиот балет?

– Па, сигурно не е на завидно. Имаме кадри, кои не се негуваат, кои не работат. Немаме некој респектабилен репертоар, нема соодветна ангажираност на профилите. Нема авторитет (бидејќи раководствата се менуваат на секоја година) кој ќе го врзе и зацврсти ансамблот, нема дисциплина, мотивација, нема вистинско насочување. Останува се на сопствената амбиција.

  • Што мислите за гостувањата? Многу често доаѓаат овде балетски уметници, но не и обратно?

– Не ми се допаѓа тоа. Зошто не одиме и ние некаде? Или барем, не толку, колку што треба. Кога и го поставив ова прашање на нашата директорка ми рече дека ставката гостување во Министерството не постои веќе. Зошто не се прави размена? Парите не се најголемиот проблем, туку пак, ќе речам, не постои вистинска комуникација. Значи, што можете да сторите кога на патот ви застануваат некакви одлуки, акти и неинформираност!?

  • Што преферирате: класичен или модерен балет?

– Класичен.

  • Поради кореографијата или…?

– За мене најкореограф беше Олга Милосавлева и – крај!

Многумина се бават со кореографија, со модерен балет, информирани се, знаат, но јас сепак, се уште го преферирам класичниот балет. Тоа допрва треба да стане традиција, школа за модерен балет, усовршување, што не значи дека нема таму квалитет, ама јас сепак, пред него ќе го ставам класичниот балет.

  • Често на класичните балети се прават нови редакции. Што ви се допаѓа повеќе: новите елементи или оние железните, препознатливи кореографии?

– Да, се прават нови видувања на балетите, но мене лично, повеќе ми се допаѓаат оние, оригиналните кореографии. Тоа е тоа.

  • Што е со школите?

– Македонскиот балет се базира на руската школа. Така што и јас повеќе сум приврзана кон рускиот балет отколку кон другите, но ми се допаѓа и францускиот.

  • Францускиот, зашто тамошните балерини се обично повисоки од руските, како што сте и вие или заради поинаквиот сенс?

– Точно е дека француските балерини се високи, но не е тоа пресудно. Реков, рускиот балет ми е поблизок, но го сакам и францускиот.

  • Висината е предност или маана за една балерина?

– Предност во секоj случај. Висока балерина ја исполнува сцената, делува поимпресивно, повпечатлива е.

  • Што велат партнерите на тоа?

– Мене веќе долго време партнер ми е Горан Божинов и ние совршено се разбираме. Тој е способен да се справи со мене. Можеби и му сум тешка, но не се пожалил. Играме долго години заедно и досега не сме имале проблеми.

За една балерина многу е важен партнерот. Дали умее и може да ја крене и како, дали ја чувствува како партнер, рамноправен. Со Горан сме погодени, како тој мене, така и јас нему. Значи, ако балерината има партнер соодветен, како што ми е мене Горан, висината е само предност.

  • Што е тогаш недостаток на вашата професија?

– Тоа што ќе подготвувате претстава со недели, а сиот тој труд ќе морате да го прикажете во една единствена вечер! Тогаш, или ќе паднете или ќе се воздигнете, но поправен – нема.

А може да ви се случи нешто лошо токму тој ден, можеби ве боли заб или сте биле на нечиј погреб, можеби… Можеби баш, не ви е денот. Меѓутоа, тоа е вашето вознесение или пад. Тие минути. Минути кои се вечност, но и страшно лажливи мигови. Се се случува токму тогаш, а ти…

Ти си тогаш сам на светот и потпрен само на себе. Испит на кој нема препишување.

Бранка Н. Доневска

„Старт“, 2001 година  

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *