Амбициозна биотехнолошка компанија од Далас ќе се обиде да ја врати во живот птицата додо, изумрена во 17 век, откако целосно го декодирала нејзиниот геном.
Стартапот „Колосал биосаенсис“ привлекува инвеститори со најавите дека работи на целосно декодирање на геномите на легендарни изумрени животи, како волнениот мамут или тасманискиот волк. Работата со геномот на додото е завршена, но остануваат уште многу предизвици за да се врати во живот изумрената птица со впечатлив клун.
– Следниот чекор е да се споредат гените со оние на сродните птици, како никобарскиот гулаб, за да се утврди „кои гени го прават додото додо“ – изјави Бет Шапиро, водечка генетичарка во проектот.
Потоа би се модификувале гените на сродните живи птици, со цел додо повторно да се врати во прашумите во Маврициус, каде што живееле пред да бидат истребени од луѓето.
Компанијата „Колосал биосаенсис“ во изминатите две години доби 225 милиони долари за проектот „додо“ и сега има вредност проценета на 1,5 милијарда долари. Нејзината цел не е само да ги враќа изумрените животни, туку и да ги декодира геномите на што е можно повеќе видови и да спречи изумирање на загрозени животни.