Сутерен.мк

Ана Бунтеска: Илузија

Се разбуди покрај неа, како и секое утро. Сонцето се пробиваше низ тешките завеси, кршејќи ја темнината во собата. Ги отвори очите, се прозевна и стана, упатувајќи се мрзеливо кон купатилото. На враќање го зеде утринското кафе, една столица и седна недалеку од неа…
Таа лежеше со затворени очи, прекрасна жена во неговиот кревет, прва љубов што воопшто некогаш ја доживеал. Беше нежна и прозирна, а наместа кожата и беше прошарана со тенки вени, кои ја нарушуваа таа совршена белина.

Ја гледаше со поглед на човек кој знае да препознае убавина. Секој дел од нејзиното тело го познаваше како да е негово. Патецот на косата, ушните школки, обликот на веѓите, сјајот во очите, нејзините усни создадени за бакнежи, сите насмевки и гримаси кои понекогаш го изобличуваа тоа ангелско лице. Имаше обли, мали гради и совршено долги нозе, со мали убави прсти.

Бавно го испиваше кафето, не чувствувајќи го вкусот.

Првпат кога ја виде таа изгледаше толку недостижна за него. Не, не дека не можеше да и’ пријде, туку во нејзиниот свет немаше место за никој освен за нејзините демони. Будеше кај него страв, посакување и омраза. И велеше дека ја љуби каква и да е, но никогаш не ја прифати. Се обиде неколкупати да ја скрши, да ја направи зависна од себе, но безуспешно. Беше врзан за неа и тоа го плашеше. Кога ја гледаше, се чувствуваше како пред него да се отвориле портите на рајот, а тој, обичниот смртник, не можеше да влезе низ нив. Таа беше се она што тој отсекогаш посакувал, се она што значеше љубов… И му бегаше.
Понекогаш исчезнуваше со денови, без да се јави, да го побара. Немаше извинувања, само молк. Никогаш не се караше со него, само го гледаше загадочно како да знаеше нешто што за него засекогаш ќе остане тајна. Тој молк, тој молк го убиваше.

  • Ме излуди – извика, стискајќи ја шољата со кафе.

Таа не го слушна. Лежеше во креветот нереално убава, лежеше гола, изложена на неговиот поглед.

Секое утро стануваше пред неа за да украде дел од нејзиниот сон. Само во тие кратки моменти чувствуваше дека ја има, дека му припаѓа, само тогаш тој беше во предност. Не, не беше тоа натпревар меѓу нив.Тоа беше однапред изгубена војна развлечена во времето.
Тој беше немоќен и свесен за својата немоќ, беше исплашен и свесен за својот страв, беше луд од љубов и свесен дека никогаш не ја имал.

Се исправи.
Денот беше длабоко навлезен во собата.
Застана пред неа.
Таа лежеше в кревет…
Нежна…
Со проѕирна кожа…
Речиси совршено бела…
Освен модро – црвената линија на вратот, обвиткана со жица.

(Авторката не е “жена, мајка, кралица”, туку мајка, економист и пишувач. Родена е во 1972 година. Со цел.)

One thought on “Ана Бунтеска: Илузија

  1. Прекрасен расказ… страотен…. драматичен…. читањето го завршуваш со нелагодно чувство, со непознат вкус во устата… подголтнуваш… 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *