Сутерен.мк

Ана Павловска Данева: Неоткриена чувствителност

На јавните настапи делува строго, принципиелно, решително, а богатата професионална биографија оформена за релативно кусо време, ја вбројуваат во успешните жени од кариера. Има огромен број пријатели, но до неа вели, вистински допреле само малкумина и тоа е нејзиното непроценливо богатство кое љубоморно го чува за себе

Ана Павловска Данева (1974, Скопје) е докторант на Правниот Факултет “Јустинијан први” (2004 година), професор на истиот факултет, потпретседател на Централниот одбор на СДСМ, пратеничка во Републичкото собрание, ќерка на писателот, поет, новинар и публицист Јован Павловски, сопруга на Дарко Данев, професор на Машинскиот факултет во Скопје, со кого го има најголемиот успех – синовите Никола и Виктор односно, нивното воспитување и одгледување, оценките, постигнувањата што ги имаат на училиште,, начинот на кој се однесуваат со возрасните, со другарите, со авторитетите…

За голем број пријатели од најраната младост, таа едноставно е Ана на Дарко и тоа не и пречи, напротив, таквата улога и влева сигурност и делува заштитнички на неа.

Наспроти целиот тој имиџ на строгост и студенило во јавноста оние што ја познаваат велат, дека е исклучително чувствителна, крајно нежна со најблиските, најчесто насмеана и позитивна личност. Плаче кога гледа филмови, се смее гласно и често, интуитивна е и понекогаш ирационална. Меѓутоа, без отстапки, сосема конкретна и прецизна кога се во прашање обврските.

  • Вашата партија најави работно лето. Навистина ли нема да одите на одмор?

– Работното лето повеќе од два месеца се реализира непречено, без застој, без пауза, со енормно голем број на средби со граѓани, посети на градови и села низ државата. Секој викенд го поминуваме работно, заминуваме од дома наутро во сабота, се враќаме во недела по завршувањето на нашите промотивно-протестни митинзи, Во ваква работна атмосфера, понесени од поддршката и реакциите на граѓаните едноставно се нема време за размислување за одмор.

  • Што вели семејството на тоа?

– Кога сме сите четворица заедно, важно ни е квалитетно да го поминеме времето, независно каде сме. Сепак, чувствуваме потреба за опуштено и непречено смеење, гушкање, разговарање, па дури и неправење ништо… Ќе се потрудам сето ова да се реализира низ неколкудневен престој надвор од домот и без вообичаената рутина.

  • Кај нашите жени како да е непишано „правило“ – прво децата и сопругот, а после се друго… Релативно млада сте, а веќе зад себе имате завидна професионална биографија? Како успевате да направите баланс?

– Се разбира дека мајчинството само по себе значи посветеност, грижа, пожртвуваност за децата. Но, кое е значењто на секој од овие поими? Дали жртвувањето на кариерата, затвореноста дома, занимавањето исклучиво со семејни или домашни обврски, откажувањето од стручна надградба и професионално напредување ја прават задоволна и среќна секоја жена? Не верувам.

Оние кои го избрале сами овој пат, се жени за почит. Не е мала работа да бидеш столб на најважната општествена клетка-семејството. Но, оние кои се одлучуваат за таков живот заради одредени стереотипи, грешат. Таквите жени се длабоко во себе незадоволни, па оттука неретко се случува за жал, да завршат како неуспешни мајки, сопруги, домаќинки.

Јас никогаш немав дилема дека сакам и можам да бидам правник и професор, а во исто време и сопруга и мајка. Така, завршив рано студии, па се омажив, завршив постипломски и станав асистент на Правниот факултет на УКИМ , по што го родив Никола, докторирав и влегов во процедура за избор во доцент, па го донесов на свет Виктор, станав професор, па влегов во политика… Гледате, едно со друго не се коси, не се судира, напротив се надополнуваат, нели?

  • Која е цената за една жена да има успешна кариера?

– Хм, ме замисливте со прашањево. Еве, ќе тргнам од себе, што губам или со што плаќам како што велите, за сметка на богатата професионална кариера. Јас сум ќерка која е многу врзана со своите родители, би сакала да сум многу почесто кај нив, во домот во кој сум родена и израсната, да сум на трпезариската маса на која со кафе и домашен колач сме ги правеле најдолгите семејни разговори, најзначајните муабети мајка-ќерка, но работните обврски се поретко ми го дозволуваат тоа задоволство.

Со брат ми Мишо не можам да се сетам кога последен пат сме излегле сами на кафе, добро е што се уште ја почитуваме традицијата за собирање на празнични семејни ручеци кај нашите родители, па тогаш си ги проследуваме најновите настани. Има денови кога со Дарко повеќе зборуваме по телефон и смс пораки отколку во живо. Одамна престанав да џогирам по кејот на Вардар, а таа активност ужасно ми фали. Често ги пропуштам родендените или забавите на другарките, нивните сопрузи и деца или доаѓам последна, пред самиот крај.

Жалам за сите овие работи. Од друга страна, убедена сум дека го имам направено вистинскиот избор.

  • Зошто влеговте во политиката и тоа токму во време кога академската кариера ви беше во полн ек?

– Токму затоа што сакав сето акумилирано знаење, искуство и капацитет со кои располагам да ги вложам во постигнување некоја возвишена цел, За идеологија со која сум била воспитана и израсната и во која безрезервно верувам. За подобра иднина своја, но и на своите деца. За подобро општество, за вистински општествени вредности.

  • Вие сте дел од таа, нова гарнитура, кои брзо добија високи позиции во СДСМ. Има(ше) ли отпор од постарите колеги?

– Јавноста често не нарекува, „новите“ луѓе во СДСМ иако во партијата веќе одамна никој од нас не се смета за нов. Јас за релативно кус временски поминав неколку скалила во партиската хиерархија.

Во 2009-та сум избрана за член на Централниот одбор на СДСМ, во 2010-та, станав Претседавач на истиот тој Централен одбор, а во 2011та сум избрана за потпретседател на Партијата. Не, отпор немаше околу моите партиски функции, но сигурно дека и на колегите во раководството на Партијата кои се од поодамна партиски активисти, како и на поранешните носители на функции, па и на членството им било потребно некое време за запознавање со нас поновите кадри, за следење на начинот и ефектите од нашата работа, едноставно, на стекнување доверба едни во други.

Тој период е завршен, сега сите заедно навистина функционираме како прецизна и моќна организација составена од многу делови меѓусебно поврзани и целосно усогласени.

  • А граѓаните, вашите студенти, како реагираат тие?

– На почетокот, кога одев на теренска работа, граѓаните ме доживуваа исклучиво како универзитетски професор, потешко ме перцепираа како партиски функционер. Сега е обратно, и тоа е нормално. Првенствено сум за граѓаните пратеник, за активистите на СДСМ пратеник и потпретседател. За студентите, независно од функцијата што ја вршам, секогаш ќе останам нивната професорка. Барем така се однесуваат до сега и таквиот нивен однос навистина ме грее.

 

  • Неодамна од еден медиум ве обвинија за конфликт на интереси иако, и пред вас имало професори што биле и пратеници. Зошто ви се „закачија“ токму вам, токму сега?

– Затоа што последнава година власта во својата безидејност наместо да изработува проекти, да спроведува политики за напредок на државава и подобрување на животниот стандард на граѓаните, таа единствено се занимава со негативна кампања кон опозицијата и кон неистомислениците.

Се разбира дека немам никаков судир на интереси, ниту еден закон не попречува универзитетски професор да држи настава, да биде ментор на докторанди, магистранти. Работниот однос на Правниот факултет, согласно со законот го имам ставено во мирување истиот ден кога станав пратеник. Антикорупциска тоа го знае, но добила налог. Морале со нешто да излезат во јавност, бидејќи да не бевме јас и уште неколкумина од раководството на СДСМ оваа институција не ќе знаеше што да прави со себе. Белким, некој не очекува од нив да ја истражуваат финансиската дупка на ВМРО-ДПМНЕ од 3,5 милиони евра потрошени за изборите?!

  • Колку во етаблирањето во општетството ви помогна потеклото? Растевте опкружени со луѓе кои веќе нешто значеа во заедницата…?

– Искрено да ви кажам, никогаш не сум имала проблем со фактот дека Јован Павловски ми е татко. Напротив, сите го знаат како боем, како вистински уметник, човек кој со своите дела, со своето творештво, со својот стил на живеење,со начинот на комуникација со луѓето остави траен печат во еден период од развојот на новинарството и пишаниот збор во нашето општество.

Јас од него, но и од мајка ми (лектор по македонски јазик) го имам наследено талентот за убаво изразување и лесно и разбирливо пишување. Затоа не ми е проблем кога се обраќам на поширок аудиториум и не ми претставува проблем да пишувам и објавувам трудови, статии, колумни.

Од друга страна, иако сум вистинска татина ќерка (јас и физички личам на татко ми и тој бил секогаш попустлив кон мене, а мајка ми пореална и построга), мислам дека ретко татко ми умееше да „погоди’ во кое одделение учам, која година на факултет запишувам, кој испит го полагам…тие работи беа потполно надвор од неговиот интерес и светоглед зашто од една страна јас бев многу самостојна, а од друга тој има во мене неограничена доверба.

Е, многу поголем проблем ми беше да ги стигнам или да ги надминам критериумите поставени од брат ми. Ние учевме во исто основно училиште „Вера Циривири-Трена“, тој е постар 8,5 год од мене и кога тој заврши осмо, јас тргнав во прво. Истата учителка, истите наставници…, а Мишел Павловски беше секогаш првенец на одделение, на генерација, најдобар математичар, најдобар историчар, најдобар извидник…

Од мене сите очекуваа да бидам како брат ми или подобра. Никогаш не ги достигнав критериумите што тој ги постави, ниту пак имам сретнато таков интелектуалец. Се гордеам што сум негова сестра!

Ароганција е неразбирањето на маката

  • Главната дамка на СДСМ беше всушност, надменоста и снобизмот. Многумина велат дека „проблемот“ со ароганцијата на раководството и понатаму останува нерешен. Што е во суштина, сменето во Партијата?

– Сменети се и луѓето и начинот на однесување. Девет викенди по ред, целото раководство на СДСМ низ различни општини во државава посетува домови, дворови, средсела, чешми, ниви, дуќани, кооперации, кафеани, кафулиња, паркови, социјално загрозени семејства, борци, спортисти, пензионери…

Секој од нас гостува и ноќева кај наши активисти најчесто во руралните средини, поретко во градовите, пробуваме да навлеземе во животите на секое семејство што ќе го посетиме, да им ги разбереме маките, проблемите, желбите, потребите. Ќе се согласите дека ваквото работење не содржи во себе ама баш ништо снобовско, надмено или арогантно, нели? Понатаму, најголем дел од раководството сме пратеници. Цела година, секој ден изработуваме нови законски норми, будно го следиме работењето на Владата. го читаме и анализираме секој владин предлог, закон, извештај, изјава, буџетски трошења, им предлагаме на пратениците од власта заеднички да усвоиме дел од нашите позитивни предлози што ќе донесат бенефит за сите граѓани, апелираме, убедуваме, изнесуваме факти, компаративни решенија, говориме, дебатираме од собраниската говорница…работниот ден не се знае кога ни завршува.

Навистина не гледам ништо арогантно и снобовско во ваквиот начин на работа. За мене, арогантно е кога пратеничка од власта ги омаловажува нашите светски афирмирани режисери, уметници, научници само затоа што не се согласуваат со власта. Препотентно е кога пратеници без образование плукаат по универзитетски професори, арогантно и дрско е партиски бараби да се користат за тепање студенти среде Скопје и за тоа никој да не сноси одговорност, безобразно и потценувачки кон сопствениот народ е кога една цела поширока фамилија ги држи клучните функции во државата, снобовски е тие функционери да носат часовници кои чинат колку еден стан за четворочлено семејство. Е, сите овие атрибути на препотентност, снобизам и ароганција, денес, наместо во раководството на опозицијата, ќе ги најдете меѓу челните луѓе од власта.

Насмевката е најважна

  • Трошите ли многу време и пари на својот изглед?

– Важен ми е изгледот, но кога говориме за изглед, не мислам само на стил на облекување, туку за мене составен дел од изгледот на еден човек е и неговата насмевка, гестикулацијата, начинот на комуникација, погледот, довербата што ја влева кај соговорникот, самоувереноста. Многу време и пари (навистина повеќе одошто треба) трошам на телефонски сметки заради бројните и долги разговори.

  • И вие и вашиот сопруг сте реализирани и успешни млади луѓе. Проработува ли суетата? Кој доминира дома, чиј збор е главен?

– Неколку пати мислам кажав во текот на разговорот, Дарко и јас секогаш сме се надополнувале, ние сме долги години заедно, нашето заедничко живеење има минато различни фази.

Од безгрижен млад брачен пар, без сериозни обврски, без деца, амбициозни, со големи планови, до сериозни луѓе кои се подготвени да се спротивстават на сите предизвици, нежни родители, партнери подготвени да се жртвуваат еден за друг, како и за своите деца. Јас три години работев како демонстратор (значи со сите асистентски овластувања, но без плата) на Правниот факултет, а Дарко заработуваше за двајцата. Тој имаше одлична кариера во областа на сообраќајот и моторните возила и пред да се вработи на Машинскиот факултет. Патуваше често и низ земјава и во странство и ја имаше целата моја поддршка.

Последниве години, јас имам такво забрзано темпо на работа и живеење, а тој е толерантен и трпелив. Ниту јас, ниту тој не сме биле никогаш посесивни, најверојатно затоа опстојуваме толку долго без никаков проблем. Не верувам дека постои брачен пар, семејство, каде се покажуваат или мерат суети, едноставно љубовта не подразбира суетно однесување. Барем кај нас е така. Јас се радувам на секој негов успех, како и тој на моите постигнувања.

Чиј збор е главен? Хахаха, зборовите на пратеник се зборови на народот, нели?

Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2012 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *