Овој карикатурист во текот на своето 40 годишно творештво, објавувал карикатури во познати светски списанија, учествувал на повеќе меѓународни изложби на карикатурата, изложувал десетина пати самостојно како во Македонија, така и во странство, основач е и прв претседател на Здружението на карикатуристите на Македонија, добитник е на награди и високи признанија во земјава и во странство…
• Јубилејот ви беше одбележан со изложба во населбата „Ѓорче Петров“ и помина речиси, незабележано. Зошто?
– Јас сум тука безмалку во немилост. Требаше да ангажирам луѓе кои јас сум ги примил, кои не знаат дома да си отидат, да ги молам за галерија, за каталог… Тоа е под моето достоинство. Објавија во весникот тоа што го објавија и тоа е се. За разлика од сега, 35 – годишниот јубилеј беше одбележан во галеријата на „Остен“. (Василевски е вработен во Редакцијата на „Остен“, нов. заб.)
• Ќе се одржи ли конечно, годинашната Светска изложба на карикатури?
– Единствено ние во светот имаме специјализирана Галерија за карикатура и таа е затворена! Во мај требаше да се одржи Светската галерија на карикатур, но откако ја презедоа овие од „промениве“ нема ништо.На дамата, која ја води, толку и се можностите. Некој решил да ја постави на местото и ја поставил. Дали може, дали знае, дали има контакти… Кому му е тоа битно!? Тоа е манифестација меѓу најстарите културни манифестации во Македонија. Прашање е дали ќе се одржи? Велат, ќе биде некаде во септември…Составен е привремен тим од дилетанти, кои не ни сонувале дека ќе станат главни уредници! Тие биле технички лица, таму ги местеле карикатурите. Сега, очекувате од нив да умеат да направат изложба!? Тврдам: ако добиле дваесет успешни карикатури – јас ќе се откажам од карикатурата!
• Вашата „неподобност“ е поради политичката определеност или…?
– Јас сум во „Остен“ дојден како Ане Василевски! Мене не ме донела ни партија, ни Тито, ни Бранко Црвенковски. Член сум на Централниот одбор на СДСМ, најверојатно ќе бидам и кандидат за градоначалник на „Ѓорче“, а во политиката сум откако сфатив дека луѓе како Митко со „врапчињата“ ми ја кројат судбината. Но никогаш не сум се политизирал како карикатурист, па преку работата да ја бранам партијата. Сум цртал карикатури за нив, ни самиот не знам колку! Нашата работа е општествена критика, а јас, ако не ја критикувам власта, кого да го критикувам!? Сега не знам што да цртам! Во ситуација сум да цртам езоповски карикатури, кои никој не може да ги „разбрка“, кои во заднината имаат некоја порака, ама одоколу, одоколу… Никогаш не сме имале толку материјал за работа, а не смееме да го искористиме. Јас се занимавам со гег – карикатура, со внатрешно – политичка карикатура. Не се занимавам ни со портрет карикатура, ни со чист хумор, туку со општествена карикатура, а не можам да си го работам својот занает.
• Ви забранил ли некој директно дека „тоа и тоа не смеете да го коментирате“?
– Никој не ми забранил со декрет, но со самото тоа што не ви ги објавуваат карикатурите што ја засегаат власта… Колку што знам, главниот уредник не е со некоја партиска книшка, но очигледно, си има „полицаец“ во главата. Како и останатите до него. Партиска автоцензура или само страв – сеедно! Мене на двапати ми е „порачувано“ да си одам од Редакцијата. По 40 години занимавање со оваа професија!? Дури се и цинични, па ми велат: „одете таму, каде што ќе ја ценат вашата работа!“ Каде тоа!? Во кој тоа весник!?
• Каков е тиражот на „Остен“?
– Никаков. Мене ми е жал поради тоа зашто во него сум од самиот почеток. Преку него сум создал кариера, сите награди сум ги добил со работата во него.
• Тиражот ни пред две години не беше восхитувачки?
– Тиражот беше над две иллади примероци, а тоа беше една мерка за оправдано финансирање од страна на државата зашто, вршел некаква општествена улога. Родителите пари плаќаат децата да им се духовити. Не сум упатен, но според она што го гледам, се сомневам дека денес има над триста продадени примероци. Така е, зашто „Остен“ не се занимава со она што треба. Тој би требало да остане специфика: преку сатира да ги коментира состојбите. Меѓутоа, не му се дава простор. Се плашам дека „Остен“ за една година ќе згасне. Штета!
• Колку е карикатурата новинарство, а колку сликарство?
– Мислам дека новинската карикатура е сто процентно новинарство. Меѓутоа, онаа изложбената мора да има одреден графицизам. Има автори на кои идејата им е во прв план, а графицизмот во втор и обратно. Кај мене мислам дека тоа е прилично изедначено. Карикатурата се цени кога со што помал број на елементи ја кажувате пораката. Новинската карикатура е многу тешка работа: секој ден да се црта и кога сте расположени и кога не… Освен тоа, таа живее само еден ден и е локална. Додека пак, изложбената се бави со некои универзални пораки, со проблеми кои секаде се случуваат и таквата карикатура останува за сите времиња. Сепак, секогаш сум преферирал да работам дневна, новинска карикатура.
• Има ли иднина карикатурата во Македонија?
Во осумдесетите имаше наплив на карикатуристи, страв да те фати! “вропска велесила бевме во карикатура. Полека, полека се девалвираше тој статус – хонорарите стануваа се помали. Денес ретко кој весник коректно ќе ја плати карикатурата. Јас со мојата прва објавена карикатура си купив џемпер. Сега ни во опозиционите весници не можете дадете нешто што не им се допаѓа! Се мора да се движи во однапред одредени насоки. Во Македонија има 7 – 8 активни карикатуристи!? Ако веќе државата ми дала некои награди, нели самата се негира со шесте илјади денари плата!? Младите ќе направат неколку карикатури, ќе видат дека нема пари од тоа и фаќаат „магла“. Имавме 80 – тина врвни автори, кои досега имаат над двестотини награди во светот. Една мала земја беше светска сила во карикатурата! За жал, тоа е минато, зашто и оваа креативност веќе функционира по – задача!
Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2000 година