Коалицискиот партнер на премиерот Димитар Ковачевски и лидер на ДУИ, Али Ахмети го сврте вниманието на јавноста по телевизиското интервју за ТВ 21 во опуштена атмосфера и домашен амбиент од неговиот семеен дом во Зајас во кое открива детали за „тајни средби“ и разговори со екс премиерите Никола Груевски и Зоран Заев на тема Кривичен законик.
Вели ги имало неколкупати, но иако имало начелни договори, последен од нив се повлекол актуелниот претседател на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. За уставните измени, Ахмети е дециден, не постоел никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ.
Според Ахмети, одговорноста за уставните измени кои отвораат европски пат за државата е кај Мицкоски. Уставните измени пак за ВМРО-ДПМНЕ не се тема за дискусија, тие не остапуваат од ставот дека не прифаќаат условувања под бугарски диктат. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски од Собранието порача дека тие не правеле кворум на седницата на која се носеа измените на кривичнито законик, туку го искажале својот став против.
Од Бихаќка и денеска со позната реторика – ВМРО ДПМНЕ ја блокира европската иднина.
И додека дома политичките партии се надмудруваат дали и кога ќе биде гласањето за уставните измени пред крајниот рок 30 ноември кога завршува скринингот премиерот Димитар Ковачевски пак е во САД во друштво со вицепремиерот Бојан Маричиќ на средба со специјалниот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. На маса се уставните измени и македонските евроинтеграции за кои меѓународната заедница интензивно последниов период испраќа сигнали за приоритет.