Баз Олдрин, астронаутот кој заедно со Нил Армстронг стапна на Месечината во 1969 година, на својот 93-ти роденден се венча по четврти пат.
Неговата сопруга – Анка Фаур – има 63 години, а парот е заедно подолг период.
„На мојот 93-ти роденден и на денот на кој исто така ќе бидам почестен од Живите легенди од авијацијата, со задоволство споделувам дека мојата долгогодишна девојка, доктор Анка Фаур, и јас стапивме во брак.
Се венчавме со мала приватна церемонија во Лос Анџелес и сме возбудени како тинејџери“, пишува астронаутот.
Сопругата на Олдрин работи во неговата компанија од 2019 година и е доктор на науки во областа на хемиското инженерство.
Ова е четвртиот брак на Олдрин, кој претходно беше венчан со Џоан Ан Арчер, Беверли Ван Зиле и Лоис Дригс Канон. Тој има и три деца од првата сопруга.
Баз Олдрин е познат по историското патување до Месечината во 1969 година со мисијата Аполо 11.
Тој е вториот човек кој стапна на Месечината, по астронаутот Нил Армстронг.
Олдрин се пензионира од НАСА во 1971 година, а потоа основа своја непрофитна организација насочена кон истражување на вселената.
Иако Олдрин го доживеал сонот на многу деца, па и возрасни, по патувањето до Месечината минувал низ тежок период.
Имено, астронаутот повеќе не знаел што да прави со себе, па долг период страдаше од депресија и алкохолизам.
Но, тој е трезен повеќе од 40 години.