Сутерен.мк

Банкротирано пријателство

Еден човек, еднаш оддамна, многу ми помогна. Не бевме пријатели, туку познаници, но јас го замолив и тој ми излезе во пресрет. Искрено му се заблагодарив тогаш и му реков дека никогаш нема да заборавам што сторил за мене. И не заборавив.

Поминаа десеттина години и тој повторно се појави во моето опкружување. Се израдувава на таа негова појава. Но од тогаш, каде и да се свртам, слушам едно исто: „Да не бев јас, таа сега ќе беше на буниште“ и слични грозни изјави.

Кога и да го видам му ја изразувам мојата благодарност пред сите, искрено признавам дека ми се нашол во животот, но тој не престанува да ме „потсетува“ колку „многу“ направил за мене и колку многу му „должам“. Не го прави тоа директно, но секогаш алудира на таа моја некогашна ситуација со што недвосмислено ми бара нешто назад, а јас не можам да разберам – што!?

Должна

Должна дарлинг, од вакви, како вашиот „пријател“ ми се крева не косата, ами кожата. Не знам што очекуваат таквите? Како да им се оддолжиш за добрата волја? Како поинаку, освен со добра волја!? Ама не – тие сакаат повеќе и повеќе и повеќе….

Тие сакаат цел живот да им бидеш черга од која ќе ги бришат нозете кога и како и пред кого сакаат, заради еден нивни благороден потег. Кој впрочем, воопшто не ни бил благороден. Зашто, што би рекол Достоевски, „Ако при секоја пријателска услуга веднаш мислиш на благодарност, тогаш не си подарил нешто, туку си продал“.

Бидејќи е така, продале нешто, вие вратете им со подарок – гледајте да биде што поскап (нека ве теши тоа што ќе е еднократен) иако, овие се незаситни, но кога ќе добијат каква – таква материјална сатисфакција (очигледно, друга не ги ни интересира) ќе замолчат. Барем, некое време. Да се надеваме дека набргу потоа ќе изчезнат во непознат правец.

Едно од најгрдите, најништожните, најмизерните слики е кога некој очигледно и очајно бара да му се каже „фала“. Тоа е на врвот на патетичната агенда на Здружението на планетарно врвните патетични. Бедотија невидена.

Ќе го тепавте по уши, ако не ви излезеше во пресрет или ќе му го миниравте кокошарникот?

Толку многу се изнервирав од ваквите „услужливи“ персони што се премислив: море, ништо не им давајте. Нека „пукнат“ така, во исчекување на нивната „награда“ и „признание“. Игнорирајте ги без пардон. Нека ве тужат за недоволно искажана благодарност. А вие, поднесете контратужба.

За уништување на хуманистичките карактеристики, подготвување терен за предаторско уредување на општеството, форсирање на танга гаќите и нехигиената и давање приоритет на брилјантните академски кариери кои ги проучуваат праисториските филологии, трансформационата етика и брановата хармониска теорија на историската перцепција.

Тужете ги. За да завршиме еднаш засекогаш со ваквите шизофрени и фригидни влечуги…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *