Сè си има – внимателно истражен и остварен универзум, хумор, порака, пластично, ин-јор-фејс, еве-уште-еднаш-за-тие-што-не-сфатија прикажување на борбата со патријархатот. Дали е тоа затоа што филмот е и за деца, па да сфатат, или затоа што тоа е едноставно стилот на Грета Гервиг?
После сите ветувања дека ова ќе биде најјакото нешто што излегло на светов и веков, излегуваш од кино задоволен и насмеан, ама ден подоцна баш и не знаеш што да повториш или да дискутираш околу него. Добар, а сепак кино-салата полна жени од сите возрасти беше релативно тивка, па ќе почастеше повремено со некое скромно смеење. Немаше ни некоја посебна возбуда на крај, киното се напушташе во релативна тишина, како да сме биле на Ларс фон Трир или Јоргос Лантимос, а не на нешто што беше ветено дека ќе биде најзабавното, најсмешното, нај-нема-да-ви-се-верува нешто на планетава.
Прво влегување во сала те пречекува море од розеви нијанси, затоа што има изгледа преќутен, колективен договор дека филмот мора да се испоштува со било што розево и тоа е една прекрасна сплотеност на македонската публика каква што не сме виделе одамна. Да правевме вакви преслатки будалаштини за локални настани ќе бевме многу понапред, ама тоа е муабет за друг пат.
Филмот е визуелно прекрасен и преточен. Сите тие пастелни бои, цело тоа розево, кастингот на Марго Роби – врв. Медиумите веќе со месеци пишуваа и за верноста со која Грета Гервиг му има пристапено на креирањето на светот: Барби не се симнува по скали, туку „слетува“ во кола, онака како што прави кога ја движи детско раче. Водата е пластична, Врховниот суд е составен од жени, претседател на Барбиленд е жена, Барбиките едноставно го водат светот. Конфликтот во приказната е дека мислат дека ова успеале да го предизвикаат и во вистинскиот (нашиот) свет, а нели, не, и од тука настануваат проблемите.
Зошто вака скромно искуство?
Па, полн е филмот со јаки реплики, јаки моменти и јаки референци на Барби-универзумот. Можеби најуспешна заебанција е Weird Барбие, барбиката со која што „си играш прегрубо“, и завршува ишишана, исшкртана и расчепатена на кров од куќа. Има фантастични пораки, што на закржлавени традиционалисти нема да им се допаднат (и одлично што е така), како на пример дека до Барби, девојчињата имаа само кукли-бебиња и можеа да си играат само „мајки“, а после Барби можеа да си играат буквално сè, да се ставаат во секакви улоги и да фантазираат дека се најуспешни и најсовршени во било кое поле измислено откако имаме цивилизација.
Сепак, од пуста желба пластично да се прикаже женската (и општата) борба со патријархатот, на моменти издишува приказната.
Од друга страна, ова е филм за пластични кукли. Можеби и баш тоа е вистинскиот начин да се прикаже борбата со патријархатот? Бонус поени дека и девојчиња од прво одделение ќе научат дека живеат во машки свет и секогаш ќе има мажи што ќе сакаат да ги поттиснат и да ги направат пластични кукли, па не смеат да дозволат?
Ако е така тогаш е одличен. Минус умешноста што ја има Дизни, на пример, да направи „Малиот принц“ – дело што возрасните ќе го гледаат со едни очи, а децата со други. Филмови „за сите генерации“ кога се умешно изведени, немаат граница до каде што е за деца, а од каде што почнува за возрасни. Можеби еден од ретките минуси на „Барби“ е што границата јасно се гледа, а пораките не се претопуваат една во друга.
Ако имаш седум години, очите ти се ококорени од информациите што ги добиваш и излегуваш од кино полн со одговорени прашања. Ако имаш триесет и седум, гледаш и ти доаѓа да повторуваш „добро, сфативме, во ред е.“
А цело време нуди поклони – Хелен Мирен е наратор, се појавува реалната Барбара Хендлер, девојчето по кое Барби го добива името, сега веќе 82-годишна, се појавува дури и Џон Сена, како машка сирена, свесен за локните што му се ставени на глава. По Америка републиканци и десничари се лутат дека Барби ги нарушува традиционалните вредности (what?!), а инцели на интернет, незадоволни што Марго Роби станува феминистичка икона се тешат дека „она не е ништо посебно, 5/10“.
Храброста и амбициозноста на обидот да се направи современ филм за културолошка икона како Барби, иако исплатливи, сепак не успеваат да ја задржат енергијата од почетокот на филмот и да не го разводнат до крај.
Или како што ќе срочат во рецензијата на Сиенен, „Филмот е многу помалку од тоа што можеше да биде, но многу блиску до тоа што треба да биде.“
Ама да, треба да се гледа. Облечете розево и одете во кино.