Како суштество пораснато покрај вода, отсекогаш ми изгледале смешни полумртвите тела исполегнати на песокот, кои патетично се обидуваат да го скријат вишокот килограми, а во исто време, уште пожално, сакаат што повеќе милиметри од својата кожа да ја изложат на безмилосното сонце.
Поткрепа плус во мојот отпор кон сончањето секако беше и домашното воспитување дека прегорената од сонце кожа изгледа припросто и дека меѓу илјадниците, речиси голи, убавици, мажите секогаш желно ќе погледнат во белата бутина која случајно ќе ѕирне од долгото здолниште.
Како пасиониран пак, пливач, секако дека тешко ми е да ги одбегнам сончевите зраци, но освен неопходното сушење на костимот за капење, не останувам ни секунда подолго на песокот, без разлика што кај нас никако не поминува модата на парадирањето на препечените желки, со цел да му се даде до знаење на останатиот свет дека ете, можат да си дозволат одмор!? Зашто главното прашање (и лете и зиме) е „каде го доби тенот?“, а важечките одговори се: „на тенис, скијање, на Карибите!“ Да, да, се е тоа одење по стапките на баба им.
Ај што лежечките часови поминати на безмилосната топлина се тотално расфрлање на времето и бесмислено трошење на животот, туку некој да им кажеше дека стриите, брчките, целулитот уште позабележителни стануваат на исончана кожа!
До 30 – тите години на 20 – от век било важно да се сочува отменото бледило на тенот – исончаната кожа била знак на стандардот на ниските класи (работа на отворено). Како моден шик детаљ, испрженото од сонце лице прва го воведува Коко Шанел. Меѓутоа, таа нијанса – умерена, со боја на песок – била привилегија повторно на високите класи, кои можеле да си дозволат скапи креми, соодветна гардероба, автентични фотографии од местото на настанот т.е. сончањето. Нејсе.
Бронзеното тело одамна не претставува симбол на добра форма и здравје (Шанел не знаела за штетноста на УВ зраците, ни за една од главните причини за рак на кожа), а уште помалку на социјалниот статус (се сончаат и на покрив на зграда, на тераса, по овоштарници, селски дворови, преку автобуските прозорци). Всушност, најновата модна изјава на Холивуд е бледиот тен!
За оние пак, кои и натаму неумоливо се бламираат (незагрижени ни за здравјето, ни за ритамот на гламурозниот свет), последната вест е од медицината: најбрз и најтраен темен тен се добива, ако наместо скапите масла и млека за сончање користите пот од нилски коњ!
Велат дека мириса одвратно, но што е тоа во споредба со резултатите!?
Бранка Н. Доневска
„Форум“, 2002 година