Сутерен.мк

Бесплатни часови за самоодбрана

Карпошанки од идната сабота, поточно од 3 февруари, ќе можат да посетуваат бесплатно обука за самоодбрана и фитнес во спортската сала на основното училиште „Јан Амос Коменски“, а трошокот ќе го покрие Општината. За обуката, која ќе ја спроведува полицискиот боречки клуб „Безбедност“, во годинешниот буџет на Карпош се обезбедени 100 илјади денари.

Иницијативата ја поддржаа и советниците во општинскиот Совет како дел од проектот „Фитнес и самоодбрана за девојки и жени“ во рамки на Програмата за еднакви можности меѓу мажите и жените.

Станува збор за десетмесечна обука која ќе трае до 30. ноември, а ќе се одржува двапати во неделата, односно во понеделник од 21 до 22 часот и во сабота од 12 до 13 часот. Преку обуката, учесничките ќе се стекнат со техники за самоодбрана од напад на вооружен и невооружен напаѓач, за задржување на контролата, како и техники за реагирање во различни ситуации.

Овој проект има за цел да ја промовира родовата еднаквост и да го поттикне развојот на едукативни информации кои се поврзани со здравјето, виталноста и физичката култура кај жените и девојките, информираат од Општина Карпош.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *