Сутерен.мк

Билјана Ванковска: Животот нема смисла без алтернатива

Таа не смета дека има други, поповикани од неа да зборуваат кога повеќето молчат. Убедена е дека најсилното оружје на една жена е истото кое е важно и за еден маж – умот, интегритетот, моралот. Ниту време има, ниту пари за фрлање – надворешниот изглед не го смета за најважна работа во својот живот. Според неа, убавината е во духот, шармот, умот, а не во некое фустанче

За професорката на Филозофскиот факултет во Скопје и раководител на постдипломските студиии за мир и развој, поголемиот дел од домашната јавност ќе се согласи дека е личност која зборува умно, чие реално гледање на состојбите знае и да не заболи. Таа пак, за себе вели дека е борец. Помалку уморен на моменти, ама сепак борец за она во што верува, дури и кога другите ја сметаат за неискрена или дури и наивна, глупава.

Д-р Ванковска (1959, Скопје) е директен и одлучен соговорник, со голем шарм што не може лесно да се дефинира. А индивидуалната одговорност што ја покажува реагирајќи кога повеќето од оние кои тоа најмногу го очекуваме се пасивни, ризикот да се зборува без страв ја сместува меѓу малкумината на врвот од македонската интелектуална хиерархија.

  • Истиот ден кога Бисел го пофали напредокот на планот на проширување на Европската унија, Ангела Меркел изјави дека сега не е момент за тоа. Како го коментирате ова?

– Често забораваме дека ЕУ е извонредно комплексна организација, а и дека во неа постои хиерархија на моќ. Ако треба да изберам кој има поголема тежина во она што го вели и за што може да одлучи, дилема нема. Меркел е далеку порелевантна од некој комесар. Нормално е за проширувањето пофално да зборува токму комесарот задолжен за тој ресор: едноставно тој си ја оправдува работата која ја врши.

Оваа политика е „морковот“ и треба да води кон „пацификација“ на нестабилни региони и држави. Од друга страна, Меркел е член на најмоќното тело на ЕУ, Европскиот совет, и како канцеларка на најмоќната држава во ЕУ таа може да си дозволи да го каже отворено она што другите го кажуваат во ракавици.

  • Што мислите Вие за Меркел? Зошто Македонија во овие две децении не „произведе“ ниту една Меркел? Дали сме подготвени за една жена од таков калибар?

– Во моето сфаќање на демократската политика, нема место ниту за железни мажи, ниту за железни дами. Но, Меркел одлично се вклопува во свет заснован на моќ и хиерархија (кој е, секако, „машки свет“), во кој се одлучува одозгора, најчесто врз база на интересите на елитите, а без многу слух за оние „одоздола“.

Секако, би сакала да видам многу жени во политиката, но немам илузии дека и тие најчесто во таа сфера играат по истите правила како и мажите, или остануваат во нивна сенка. Што се однесува до Македонија, не е невозможно да добиеме жена-лидер, ама би сакала таа да не е Меркел.

  • Дали ние одвнатре се с’скаме едни на други додека големите одлуки се донесуваат однадвор?

– Точно е дека многу важни одлуки се донесуваат без наше влијание, па и против нашите интереси, „таму надвор“, ама мене ми е најмногу жал што ние се трошиме во битки околу одлуки врз кои немаме влијание и за кои се обвинуваме меѓусебно, дури и мазохистички. Наместо да бараме жртвени јагниња, треба да видиме што можеме да сториме сами за себе, особено во случаи на блокада.

Застојот во евроинтеграциите е слаб изговор за нашиот неуспех од Македонија да направиме пристојно место за живеење од кое децата нема да ни заминуваат. Имаме милион работи кои се дел на нашата недовршена домашна задача, за која никој не е одговорен освен луѓето кои ја сочинуваат оваа политичка заедница, оваа држава.

  • Како да почнавме да се делиме на оние кои се про и контра ЕУ. Ситуацијата доведе и до тоа дури и две јатрви да се скараат меѓусебно?

Про и контра ЕУ (или НАТО) позициите се сосема легитимни. Тие се во суштината на демократската политика, во која луѓето имаат право да размислуваат инаку од мнозинството и да не прифаќаат догми. Нашиот демократски дефицит го гледам токму во тоа што се наметнува уверување дека мораме да сме единствени (како во Албанија на Енвер Хоџа да ни е идеал, или Северна Кореја денес, во која 102,3% од луѓето мислат исто).

Мене повеќе ме загрижуваат внатрешните поделби по етничка и верска основа, при истовремено пеење во хор дека сме сите за Европа, за која дури и немаме реална претстава.

  • Дали политиката што ја водат големите сили наликува на патријахат? Во смисла, им бираат на другите народи друштво, маж, работа…?

– Иако не сум феминистка, би се сложила дека патријархалниот принцип е тој што доминира во политиката, и внатрешната и надворешната. Големите сили се однесуваат патерналистички кон послабите од себе, па дури и знаат да создадат синдром на зависност. За експлоатацијата на оние кои имаат ресурси и да не говорам…

  • Имаме ли ние алтернатива: како земја, како луѓе, како жени…?

– Која би била смислата на животот без алтернатива? Ставот дека „немаме друга алтернатива“ е крајно погубен, антиинтелектуален и антидемократски по својата природа. Тој им прилега на инфантилни и подредени општества (и луѓе). Што се однесува до жените, тие се за мене првенствено луѓе, 50 отсто од целокупната популација, па не би ги издвојувала посебно.

  • Некој рекол дека политиката е премногу сериозна работа за да им се остави на мажите…?

– Не, оваа фраза најчесто се применува во форма дека политиката е пресериозна за да им се препушти само на политичарите. И јас се сложувам со тоа, бидејќи сум противник на елитистичкото сфаќање на политиката, а поборник на партиципативната демократија која се потпира на учество на што повеќе луѓе, групи, интереси, идеи и програми, пред да се донесе некоја важна одлука, или во нејзиното спроведување.

  • Имате ли впечаток дека вашите колумни се „слушаат“?

– Дека се слушаат, се слушаат, ама дали имаат некакво опипливо влијание, тешко ми е да кажам. Во општество како нашето се нема слух за мислењето на професионалците, луѓето од струка, па ниту на интелектуалците (кои самите често или се ставаат на располагање на некоја партиска политика или си молчат „мудро“). Сакам да верувам дека имам влијание кај некои групи кои се сега можеби малубројни и без многу моќ, а првенствено кај младите, на кои сакам да им оставам аманет дека можат да бидат свои и да не подлегнуваат на атмосферата на заробен ум.

  • Колку сериозно Ве сфаќаат како жена интелектуалец?

– Кога ме сфаќаат сериозно, тоа е најмалку затоа што сум жена, туку затоа што имам ум и силни аргументи (кои знам да ги артикулирам). Но, во обид да ми девалвираат некои аргументи или особено морални позиции, политичари знаат да речат – „да, ама вие сте жена“, небаре мојот ум функционира инаку од машкиот.

Искрено, во моите академски и други интелектуални кругови, ние меѓу себе не се перцепираме низ родова призма. Јас сум за нив првенствено личност, како што се и тие за мене. Мислам дека и во македонската јавност си создадов таком имиџ и задоволна сум од тоа (или како што не ретко ми велат „вие сте единствено „машко„ во оваа држава, кога ќе кажам нешто што другите не се осмелуваат).

  • Имате ли достојна ривалка на општествено – политичката сцена?

– Жените не ги доживувам како ривалки на ниту едно поле. При тоа, јас не сум претендент за политичка функција, па така и тука не си го наоѓам местото за натпревар. Дури и на академски план одамна созреав за да не се натпреварувам заради натпревар и докажување, туку со задоволство учам од попаметните од мене. Луѓе кои се поумни и помудри од мене можат само да ме збогатат, а не ми се никаква закана.

  • Државава потпиша и закон за еднаква застапеност на жените во сите сегменти на животот, а имаме дури и студии на оваа тема. Колку е земјава пред, зад или со светските текови на ова поле?

– За жал, мислам дека во времето кога немавме родови студии, бевме понапред во смисла на женската еманципација. Сега, како да направивме чекор назад, па измислуваме топла вода и се враќаме на заборавени лекции. Пораснав во општествени услови во кои можеби не бев родово сензитивна, ама бев третирана еднакво (дома со брат ми, или надвор со соучениците, или колегите на работа).

Еманципацијата на човекот е суштинското прашање, а положбата на жената како дел од неа, е и глобален проблем. Не сме на дното, ама можеме и далеку подобро. Не е за утеха, но сум сретнала и многу жени од разбиениот запад кои уживаат исклучиво во улогата на сопатнички на своите успешни мажи, мајки и домаќинки.

  • Колку ние самите сме виновни за нагласената второстепеност во општеството која бедно ја прикриваме со многу козметика и ефтина кокетерија?

– Секако дека има можност и во вакви услови, како жени, да се избориме за повеќе и подобра општествена улога, но за жал, кај младите генерации се создаваат евтини модели и популарни се лесни начини на „докажување“ и заработување. Многу работи се нашминкани во општество во кое наместо темелност и знаење се оди на импровизација и шминка. Па видете само како ни е нашминкан главниот град?

  • Што сте вие: десничар, левичар, центрист или реалист?

– Ако треба да ги дефинирам своите јавни и политички позиции би рекла дека сум: краен левичар (па партиите од нашата левица се премногу десно за мојот вкус), атеист, алтерглобалист – а сето тоа подразбира цврсто стоење на земја, ама со глава отворена дури и за идеализам и битка за нешта кои на другите им изгледаат смешни и утописки.

  • Не мислите ли дека понекогаш претерувате со реализмот?

– Не, на ова општество му треба да се симне од облаците, во кои едните го водат кон историска слава, а други кон светла „европска иднина“. Ако не се погледнеме в огледало да видиме кои сме и какви сме, нема напредок. Вистината боли, ама и треба да боли, бидејќи веќе функциониораме под дијазепами.

  • Постојано сте на Фејсбук. Дали поради тоа што немате доволно простор во „вистинските“ медиуми или…? Која е поентатата на ваквата Ваша присутност?

– За мене Фејсбук е сериозна работа, тој е алтернативен медиум низ кој можете да комуницирате, да промовирате активизам, вредности, интелигентни дебати… Секако, за мнозинството тоа е бегство од стварноста и уживање во некаков виртуелен свет. Фејсбук е она што ќе направиш од него. Јас го користам и како едукативна алатка, и средство за креирање јавно мислење, за уривање бариери меѓу луѓе од разни држави и слоеви. Конечно, тој ми дава можност да бидам главен уредник на „мој“ медиум, а со оглед на посетеноста, мојот „тираж“ е повисок од некои на класичните медиуми.

  • Зошто лесно влегувате во расправи на интернет, речиси без селекција и дозволувате да ве навредат недозреани индивидуи, луѓе кои не се на вашето ниво?

– Па не би рекла дека лесно влегувам во расправи. Напротив, мнозина ми се чудат на стрпливоста и тоа што им посветувам внимание на непознати. Кога веќе сум се фатила за орото на социјална мрежа, тргнувам од тоа дека секој заслужува одговор и респект – додека не се докаже спротивното. Мнозина ми го земаат времето затоа што сакаат да се докажуваат токму на мојот профил, а некои се таму и за да ме напаѓаат (по задача).

  • Вие си сте самате себе реклама, се менаџирате себеси доста добро. Се чувствувате ли како жена планета?

– Мене реклама не ми треба. Јас ниту сум лице од естрадата, ниту од политиката. Но, јавноста се повеќе ме доживува како „институција“, па почнувам самата себе да си наликувам на некоја народна канцеларија во која луѓето бараат совет, утеха, некој да ги сослуша, да им помогне. Верувајте, таа улога ми станува се потешка, не заради зголемениот број луѓе кои ме третираат така, туку затоа што сум крајно немоќна да им помогнам.

Овде владее погрешно мислење дека, ако ме има по телевизии и други медиуми, мора да имам моќ да решавам судски случаи или неправди, да вработувам… За жал, јас сум само обичен граѓанин, кој е погласен од другите. Туѓите маки ги преживувам, затоа што имам емпатија, ама тоа ми станува веќе сериозен проблем. Тешко си го „менаџирам“ животот, ако треба да живеам животи на илјадници непознати и незадоволни луѓе.

  • Затоа ли се разведовте после 17 години брак?!

– Кога мојот бивш маж за прв пат ме претстави на негова стара баба од едно скопско село, таа прогнозираше дека не е на арно двајцата сопружници да се толку учени. А тогаш бев само дипломиран правник. Се шегувам, секако.

Разводот не е табу за среќа, ниту пак е бракот светиња. Најважно од се е дека останавме пријатели и родители на трите ќерки. Секој по својот пат, а тоа да не остави траума врз оние кои ги сакаме повеќе од себе си.

  • Во каква емотивна врска сте денес?

– Стабилна. Таква каква што ми треба.

  • Имате три ќерки. Лесно ли беше да се одгледаат три дами? На што ги учите?

– Ќерките никогаш не ги учев да бидат принцези и дами. Ни јас не сум дама иако сум професор. Помош во нивното растење имав не само од сопругот, туку и од мајка ми (таа е факторот на мојот успех, токму заради оваа помош од непроценлива вредност). Одамна немам веќе што да ги научам моите ќерки – тие веќе ме стасуваат и со докторати. Но, мислам дека им дадов пример за жена која може да биде и мајка, и јавна интелектуалка, и професионална и успешна, а да не забега во ароганција и да не се одлепи од своето социјално опкружување.

Моите деца не забораваат дека потекнуваат од еден дедо работник (мојот татко) и еден дедо селанец-работник (од другата страна), и две баби домаќинки. Јас и татко им направивме квантен скок, кој нив им го олесни напредувањето, ама тие не заборавија дека се зависи од нив и дека ништо нема без работа и залагање.

  • Кој Вас ве направи ваква каква што сте?

– Веројатно, многу нешта ме направиле тоа што сум. Но, во раната фаза на животот пресудно беше влијанието на родителите. Мајка ми ме научи на пристојност и скромност, па и потреба да стојам цврсто на земја, а татко ми ме научи да „летам“ – да верувам во себе и да мечтаам за подобри нешта.

Подоцна имав среќа да стекнам пријателства со блескави умови, кои се уште имаа(т) големо влијание на мене. Она што ме води во животот е мислата дека не смеам да се изневерам себе си, т.е. мојот морален кодекс кој ми е поважен од се друго (и од успех, и од пари, и од позиции). И секако, најважна мотивација ми е почитта на ќерките, но и на моите студенти. Нив не смеам да ги изневерам.

  • Што жртвувавте за успехот? Нашите жени многу лесно тврдат дека се реализирани на секое поле… Можно ли е такво нешто?

– Не, илузија е дека можете да бидете подеднакво успешни во се. Секој човек, секоја жена мора да прави приоритети. На жените им е потешко во една фаза од животот додека мајчинството ги преокупира, но децата растат, а тие сами ќе одлучат дали е поважно домот да им е во перфектен ред, ручекот сервиран, а чаршавите испеглани – или ќе имаат други приоритети. Јас одбрав друго. Не се гледам како жртва, иако некогаш сум на работ на исцрпеност.

Индивидуална призма

– Луѓето ги гледам низ индивидуална призма, и најмалку ги ценам според изгледот или социјалниот статус. Имам разбирање за оние кои се понесреќни или понеобразовани од мене. Но, јавноста ни е сиромашна и честопати малициозна. Социјалните и други разлики се продлабочуваат, животот е тежок, па оттука и зависта и озборувањата. Квалитетен човечки потенцијал постои, но останува неискористен, ако нема вработувања и можности за остварување и развивање на личноста низ докажување.

Манипулираат и двата пола

– Жените не манипулираат ништо повеќе од мажите, иако само ним им се забележува дека наводно кокетираат или дека се интригантки. Таквите средства на пробивање во животот ги сметам за одраз на слабост, отсуство на интегритет, самодоверба, чувство на самопочитување, па и недозреаност. Без оглед дали ги користат мажите или жените…

Бранка Д. Најдовска

„Теа модерна“, 2012 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *