Сутерен.мк

Бонус причини за депресија

Есента на многумина им носи лошо расположение. Разбирливо, не е лесно од бикини туку така да се влезе во џемпер. Та вакцинирани та, не. Оние пак, кои паѓаат во очај од септември и не излегуваат од него се до крајот на животот, ги мачат побанални нешта: од купување учебници и огрев, до правење зимница!

Третото годишно доба е сезона на успеси, премиери, промоции, нови колекции, свршувачки и бракови, големи почетоци и уште пограндиозни прегратки и ветувања. Милина…
На повеќето жени проблем им е како да и одолеат на есента. Со сите оние чевличиња за тропкање по сокачињата (по нашите булевари се беснее, не се шета), чантички кои ептен, се тамам со новите чизмички од велур, истакнати прамени од свежо исфенираните косички… Па онака, со кафе, жалења од типот: „Ништо немам да облечам, а она што го имам, нема каде да го спакувам!?“

Есента е најромантичниот летен период во годината. Полна со мириси, бои, звуци… Може до несвест да се ужива во младото вино, костените, интимни скарички, прошетки по жолто – црвените паркови… Со по некоја забелешка, како: „Секогаш во овој период косата ми паѓа!? Се утепувам од пари давање за разни третмани и пак, ништо!“

Од онаа страна на булеварот пак, кај што е осојницата, каде што на жените им се заканува ќелавост од постојаното носење на собрана коса, затоа што ниту имаат време, ни нерви, па ни желба веќе, да се исфризираат, тие малкуте од родот женски (кои не ни влегуваат во официјалната статистика), оние кои во очај паѓаат секој септември и од него не излегуваат до крајот на животот, ги мачат многу побанални нешта.

Бесплатни трошоци

Имено, после летните одмори и разните трошоци следи нов удар на домашниот буџет. Од подготовки за на училиште – ранци, нови патики, гардероба, тетратки, ужина, ручек, спортски активности, учење странски јазици, родендени, излети, екскурзии, списанија, школско обезбедување, одење во театар, тоалетна хартија, течни сапуни, осигурување на децата… А бре, се до купување завеси за училницата!? И после, било бесплатно образованието!?

Ете така, им се обезбедува материјал на аналитичарите кои постојано трубат (без решение, нормално. Сите експерти се такви – само галамат, а не кажуваат ништо корисно) дека во текот на септември се троши повеќе од можностите осносно, дека ние, „малцинството“ се задолжуваме без покритие. Бидејќи, ова е месец за сите стари долгови како на пример, сметките од летувањето. Демек, бевме таму, некаде во странство и трошевме. Да, и мислевме дека зимницата се собира од дрвјата. Сосе тегли.

Да, да… Тоа хипотеките, минусите на кредитните картички, купот безобразни дечишта со нереални очекувања (па во учебник им пишува дека старателите им заработуваат по илјада евра плата), оној василевсон пред телевизор, кој самоиницијативно се нарекува глава на куќата, а што се нервира само за вообразеноста на нашите спортисти и не му паѓа на ум да најде работа плус, немаат врска со депресијата на минорното женско граѓанство!

Тие очекуваат домаќинката им, не само да ги врати и подмири долговите туку и да спреми зимница како што и доликува на една домородна, патриотска кромидарка.
Кој нејќе да види полни полици со кисели краставички и пиперки, ајвар, варен патлиџан, пинџури, компоти, мармалади, салати – нелути и лути – смрзнати печени пипеки, расол… !? Уф, уште и домашна ракија, вино, месо во саламура, чадени домашни колбаси (знам одличен рецепт), јуфки, тарана, дури и сирење… Па згора на се, домашен леб во она машинкине… Купуваш цела зима само пиво и кафе. А оганот се весели во некоја калиена, гломазна, црна печка. Едвај чекаш да ти дојдат гости и, да се фалиш. Убавини…

Е сега, ова беше илустрација за честитка за Нова година. Во реалноста, нашите женчиња до несвест се глупираат подготвувајќи ајвар од десет или дваесет килограми пиперки. (Како ли ќе ги изедат тие пет тегли!?) Односно, купуваат од „проверените пазарџии“ веќе готов или од супермаркет (па го препржуваат, ако непцето им е попрефинето, па не знаеш кај е зијанот, а кај ќарот) или пак, оние најитрите, си го обезбедуваат бесплатно како подароци од роднините на село. (Не дека е бесплатен, туку така се вели.) Што ќе рече, ниту една нормална домаќинка денес нема да седне и да прави зимница како што правела нејзината мајка, баба, тетка, комшивка. Некои немаат време, некои пари, некои желба, некои – ништо.

Сообраќај и соживот

Меѓутоа, да претпоставиме дека се сте направиле/средиле како што треба во есента. И пак, со ништо навидум предизвикано, доаѓа некое чувство на тага, на празнина. Со сите психосоматски болести на прагот, а отпорни на лекови.

Жените се воспитувани со очекувања дека нивната главна цел во животот им е да се грижат за семејството, па според тоа, нивниот живот се врти околу активностите кои водат до зајакнување на другите, а не на нив самите. Нивното доживување на себеси длабоко е вкоренето во роднинските врски и личните односи, во развојот на интерперсоналните вештини и блискоста, емоционалната отвореност и емпатијата. За разлика од нив, машкоста се базира на достигнувања – лични, а не на давањето на другите.

Мажите сакаат да бидат татковци и сопрузи, но нивната дефиниција произлегува обично од нивните улоги вон семејството и позицијата на водач. Успехот на деловен план често бара потиснување на личните емоции, контролирано и пресметливо однесување. А, светот на парите е за жал, се уште машки. Ви изгледа премногу комплицирано!? Не е.

Станува збор всушност, за она толку женско – „јас морам“, „немам време“ ,„не можам“, „нема да успеам“. Ниту еден маж не се заморува со вакви себе-закани! Така велат експертите. Велат и дека проблемите, кои се типично женски, се решаваат стоејќи. Онака, им стоиш, размислуваш за нив и, ги гледаш од високо. Сериозно! Велат и дека функционира.

Во меѓувреме, игнорирајте малку тоа хормонски излудените паразити по дома, на дустанбајлијата кого срце ќе го стрефи од последните квалификации којзнае за што, објаснете му дека стентови се вградуваат денес како и пломби, но за стресови како неплаќање на време кредит и дека крајно време е и вие да отидете на педикир, а тој да најде уште една работа. И, најважно, кажете гласно дека со задоволство ќе ги примите трите тегли ајвар (кој и да ви понуди, па бил и недопржен – заради квантитет) од нивните –легендарни – десет. Истегнете се и оставете го фрижидерот празен. Белким некому ќе му текне дека ништо не вирее туку така, на асфалтот. Особено, во сенка.

Не сме сите исти и не сме сите родени под иста ѕвезда. Ниту било фер, ниту ќе биде. Судбина ли е, табиет ли е, воспитување ли е… Кој враг ќе го знае!? Меѓутоа, треба да се извлече најдоброто од – понуденото. Или поточно, од одземеното…

Бранка Д. Најдовска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *