Сутерен.мк

Бранка Доневска Најдовска: Зимница

Со четири кила лук од пазар и десет китки – најнакитени магдонос, влегуваме во самопослуга за да купиме киселина т.е. вински оцет односно, есенција, илимити лимонтус што ќе рече, што ти јас знам од списокот што личи на рецепт за биолошко оружје

Кој денес подготвува зимница т.е. туршија, мармалади, ајвар? Никој. Тие без пари немаат со што, а на тие со пари друг им прави. А ни едните, ни другите, немаат со кого да ја јадат. Можат само да ја испратат.

Што ќе рече, навремените залихи за долгата зимска мрзеливост околу мезињата, јадењата, ужинките се одамна преминати во народни преданија, бајки и приказни што се граничат со реалноста.

Оние неколку-неделни пазарења и гњавења, нервозарии и ступидарии, пресметки и пресмешки, перчења и кодошења, онаа убавина на заедничко правење на нешто за сите, оддамна го нема. И за тоа не сме виновни ние. Виновни се оние, кои не доведоа до тоа на големата пиралка само да можеме да се потпреме, наместо со неа да мешаме ајвар. (Всушност, лупам глупости. Баш ние сме криви. За се.)

Просто човек да се расплаче кога ќе се сети како некогаш се подготвуваше таа раскошна, разновидна и жизнерадосна зимница. И сите приклученија што го следеа тој процес. А ги имаше…

Уште пред и летото да започне мајка ми ќе се „стомнеше“ (знаете она, кога жена така моќно ќе ги потпре дланките на колковите), а тоа значеше сите да се построиме пред неа и да го регистрираме трајно (добро, барем до следниот пред-почеток на летото) во меморија само нејзиниот список, начичкан на две странички истргнати од тетратаката по коцки.

Имаше на тој документ упатствија од каде да се набават добри телешки црева (се правеа и домашни свински колбаси), кој има прва класа дрва за чадење, до тоа од кого ќе се позајми бакарен котел за пржење чварки т.е. туринки односно, џимиринки. Ченгели, ножеви, сатари како се острат, кој ќе позајми ќумбе, пирустија, сач, големо чингено тенџере, машина за мелење месо и пиперки, преси, рендиња, сита и решета, буриња, инки, гази, решетки и тегли, тегли…

Свашта чуда имаше на тоа хартиената закана на коцки, како и предупредување дека зборовите хормони, анксиозност, личен простор, џендер-џинџер дилеми се уште не се измислени, а и самоубиствата како изговор не ги признаваа.

Солзи, суета и чварки

Се што ќе ви текне дека е подобно за сушење, кандирање, правење џемови и слатка од се што расте на и под дрво, од се што има и нема семки, има и нема калории значи, од се што не е отровно, а може да издржи најмалку шест месеци во оцет или шеќер, пржено, варено или само потопено во – нешто, се се собираше, купуваше, донираше, прифаќаше, одгледуваше, жетвареше. И потоа, „втеглуваше“.

Немам поим зошто, но од осумчленото семејство, за пазарење по јавните, масовни собири, „стомнетата“ секогаш не назначуваше нас – татко ми и мене.
Ми остана до денес мистерија како тоа се избираат тазе јајца на пазар? Татко ми ги купуваше првите табли што ќе ги видеше. Најсвежи излегуваа, редовно.
На татко ми нервите му попуштаа кај ситниците како „100 грама лорбер“, а пакувањето е од 75 грама?! Ако купи две, ќе му се дерат со: „што ќе им праам сеа на 25 грама ловоров лист?!“ Преплашен беше човекот редовно, јас му доаѓав како седатив или личен полицаец, да не убие некоја касиерка или пазарџија.

На крајот на краиштата, таман мислиш дека за својата послушност ќе добиеш сладолед, тебе те „частат“ со тазе мармалад или тазе ајвар и рендано сирење или тазе чварчиња.

Па кога ќе дојдеш до ниво на, ни лажиче ајвар веќе да голтнеш и посакуваш подрумот да експлодира од солидарност со тебе, те праќаат да однесеш примерок кај комшиите. Ти носиш две тегли од подготвеното дента, тие те испраќаат со пет од истото, ама нивно.

Храна и за „оној“ свет

Многу години од мојот ран живот мислев дека зимницата е многу битна и за задгробниот живот, дека без неа нема ни да те примат во рајот, па затоа возрасните толку многу и посветуваат внимание. Па, боже мој, ја носеа и раздаваа и тоа како, и на гробишта. Тоа што сите до еден, па и најмалите, не „дуеше ко гајди“, никому не му беше важно.

Најнакусо, муабетов е дека целта (исполнета редовно) на „стомнетата“ и сличните на неа, им беше 365 денови (не шест месеци) да јадеме пржени зелени патлиџани, пржени зелени пиперки, ајвар, пржена кисела зелка, пржен карфиол, па потоа скиселени и чат – пат, чадени домашни колбаси (локаници) и чадено свинско месо, чиј процент на учество не се ни забележуваше од сиот тој оцет, есенција, ајвар, лутеница, малиџано (тогаш се викаше ајвар од модар патлиџан) и сите нивни варијанти и трансџендерства.

И, кога сите тегли на светов се тестирани за квалитет, една по една тетките, стрините и бабите на кои си заборавил во последната година, се најавуваат дека ќе ве посетат. И носат те едно исто како понада – зимница.

Никој и ништо четири сезони не дозволуваше да се заборават сите тие печења, лупења, мелења, чистења, толчења, пржења, мерења, се додека не дојде демократијата.
Па она што ни беше толку здодевно и напорно, ни стана симбол за сиромаштија.

А потоа, за копнеж…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *