Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Киднапирање ирваси

Новогодишните празници секако дека се идеална прилика целото пошироко семејство да се собере на свечената трпеза и да си ги разменат минатогодишните најубави моменти, како и желбите и очекувањата од наредната. Одлична можност да се ослободиме од мрачните мисли и чувства што се насобрале во изминатиот период. Меѓутоа! Е, секогаш има едно меѓутоа…

Велиме Нова година и мислиме – насмевки, веселост, радост. Се околу нас блешти, се трудиме да светкаме и ние. Ова се денови за семејството, пријателите, подарувањето, простувањето. Празнична еуфорија што демне од секое ќоше, па ако не заиграме во тој ритам, не ни постоиме, нели!? Затоа, ко нетокму, ги празниме паричниците, купуваме и она што никогаш нема да ни затреба, се фалиме со уплатени туристички аранжмани и штрасот на фустанот за преценетиот ресторан. По правило, сето тоа над своите финансиски можности, а на штета на реалните потреби. Или велиме – Нова година, а мислиме – нови ветувања, нови цели, нов живот. Набрзина ги средуваме сметките, бришеме луѓе, си ги билдаме амбициите, се колнеме дека ова или она… Се ќе биде и се, со сите ќе правиме сосема поинаку!

Самонаметнат стрес

Проблемот е што мене и на самата помисла на 31 декември ми се враќа оној нервозен тик, што го добив кога за прв пат со мојот скапоцен сопруг го пречекавме први јануари со поширокото семејство ! Да, да, секако дека ќе се чудите што тоа може да предизвикува анксиозност кога се работи за храна, пиење, подароци, смешки…
Ехееееј!

На пример, оние прашања до децата: „Кое одделение си?“, а тие веќе завршиле факултет. Или: „Кога ќе те мажиме/жениме? Кога ќе најдеш работа? Кога второ дете?“ Кога, кога, кога…!? Никој не прашува – како? Знам дека се тоа тоа треба од едно уво да влезе, а од другото да излезе, да не се навлегува во расправии и објаснувања.
Знам и дека не морам јас ништо друго освен, да ги сакам оние што ги сакам и да им дозволам и тие мене да ме сакаат.

Меѓутоа… Меѓутоа, намерно или не, ќе си набиеме притисок дека мораме да подготвиме најдобра храна, која мора да успее совршено, да купиме идеални подароци и да ги спакуваме како професионалци, да бидеме прекрасни домаќини и се насмевнуваме цело време.
Згора на се, нормално дека ќе се прејадете, а богами и препиете, па следниот ден е уште поужасен од претходниот: надуен стомак, главоболка, мамурлак, болки во желудник, нервоза…
Светот (додека ние се занимаваме со измислување на триста трикови како да се преживее од први до 15 во месецот) го изанализирал и ова педантно.

Па така, на пример, само во Велика Британија илјадници луѓе сериозно се повредуваат внесувајќи ја елката дома или украсувајќи ја, а стотици се здобиваат со повреди од украсните сијалички!? Секој петти пациент кој се јавил на лекар тие денови заради труење со храна, причината била што ги јадел остатоците од новогодишниот оброк, што во фрижидерот стоеле повеќе од два дена, а бројот на труења од алкохол е за 41 отсто поголем од било кој друг период во годината. Исто така, ризикот за смртност во пожар е поголем за педесет отсто, а експертите тврдат дека за ова виновни се алкохолот, цигарите и големиот број на свеќи.

Од друга страна пак, бројот на самоубиства е понизок особено, кога се во прашање жените!? (Од презафатеност со чистење, готвење, дотерување… немаме време ни да се убиеме!)

Време за искреност

Да бидам искрена, не можам да ја смислам Нова година! Особено што мојот василевс откако се размноживме никогаш не ме носи никаде, туку се некого пречекувам дома, ги дворам, чистам по нив, па после дремеме пред телевизорот чекајќи ги децата да се вратат од нивните забави. Така што, наместо едвај да чекам да излезам надвор од пештерава, јас едвај чекам да ја лупнам главата од ѕид! Неговата, секако.

Како и да е, не го поднесувам целото тоа расфрлање, претерување, наметнување. Немам некои трауми од детството, па често се прашувам од каде сиот тој отпор кон овој празник!? Можеби мојата одбивност кон ова блесава, општа, вештачка веселост започнала со оние ТВ новогодишни програми, кога „ѕвездите“ на нашата музичка сцена вртеа ора пред камерите, накитени со ефтини украсни ленти. Или пак, со репризите на филмовите „Сам дома“, „Лов на зелениот дијамант“, “Супермен“, „Конан, варваринот“… После кои мораш да се вратиш во реалноста каде што не што никој не те сака таков каков што си, туку не може да издржи што воопшто и си присутен на светов!

Можеби пак, заради сите оние копита од мажи кои ги изнагледав низ животов како чекаат девојките да се напијат ко кобили, за да дојдат до триминутен секс!? Знаете, тоа се истите што сакаат ем нежна да е, ем калашњиковот ко чупалица да го барата, ем покорна, ем богата, ем мис на Амишите, ем Линда Лајвлејс да е, ем зелници и сарми да му витка, ем по лист марула за оброк самата да јаде, ем да го трпи и се смее на глупите му шеги, ко нездрава, ем чашка да не испие (на деметрини да е, ама скришно).

Ме нервираат и сите чоколатца во облик на Дедо Мраз, па и самиот Дедо Мраз, кого го гледам на секој чекор како го извикува она имбецилно „хо, хо, хо“!

Видете, тоа е еден мнооогу ризичен празник по било чие здравје особено ментално, зашто се слават измислени почетоци и завршетоци. Јас одамна се откажав од надежите поврзани со него. Кога ќе подразмислам малку, се е поради тоа што оној вообразен бел дедо кој, никогаш не ми исполни ниту една желба, никогаш не ми го донесе она што го сакав, а навистина, сум била понекогаш и – добра.

Ептен се надевам дека еден ден ќе го сретнам, па ќе го ограбам, ќе му врзам ѕвонец на вратот, а ирвасите ќе си ги чувам на тераса. А најмногу дека поради коронавирусов деновиве ќе налетам на што помал број здодевни луѓе.
До тогаш – среќна Нова…

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *