Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Кој рано рани, два шлога граби

Кога станува збор за празничните патувања за мене е секогаш истата приказна. Секој „продолжен“ викенд си велам „никогаш повторно како последниот пат“! Нема да одам со друштво, овој пат ќе земам соба во некој докажан пристоен хотел, на место каде што редовно има вода, каде што на кафе не се чека половина час, а откако ќе го испиеш уште толку за да платиш, каде што ќе бидеш третиран како што си платил…

Цела година ќе ги мислиш, ќе си ги црташ во главата, за на крај да испаднат како стотта епизода од многу лоша сапунска серија. Не, не зборувам за фантазии со Хју Џекмен или Џејк Гиленхал, боже ме прости, туку, за копнежот што ги следи сите четири годишни времиња – празничните патувања, продолжените викенди.
Кога станува збор за ваквите куси одмори за мене е секогаш иста приказната. Секој пат си велам „никогаш повторно како претходниот“! Овојпат ќе одам каде што ќе бидам третирана, како што сум платила. Цврсто се убедив себе си во тоа иако, некоја јанѕа веќе додека и си го верглав ова низ централниот нервен систем ме јадеше, но нејсе.
Откако нормално, се сама организирав и му го спакував со панделка првиот продолжен топол викенд оваа година на скапоцениот ми животен сопатник, тргнавме…
(Се повторија и потсетувањата, дека во авион не можам, карти за воз кога нам ќе ни прдне, веќе нема, а автомобилот ни е толку стар што е опасно и паркиран да го имаш во близина. За право, имаме и друг, ама го чуваме само за свадби и погреби, ама пак, со држ-не дај, се употреби по стоти пат и за ваква банална работа.)

И, како и секогаш, после повеќе часови префрлање на себеси и во себеси – „што не ги пратив сами, сега ќе си уживав на балконот со бурбонот и провоцирање на комшиите“, пред нас беше морето. Најискрено кажувам: слатководна животиња сум јас. Никакви тоа соли и јодови не ме фасцинираат. Апа пусто, мерак не им се крши на домашните неблагодарници.

Сместувањето не изгледа толку трагично лошо, само уште да ги немаше во дворот т.е. терасата, домашните животинки, како шкорпии и разно – разни инсекти од непознат произход. Храната ја подготвуваме сами, зашто во оваа недојдија ниту еден оброк не можете ни да го изговорите, а не пак да ризикувате и да го изедете. Не е важно, одиме на плажа.

Плажата е доволно далеку што одењето до неа и враќањето назад за четири дена ќе направи од мене стапче за ражњич (не направи, бидете раат). На плажата ѓубре до колена, ладовините се зафатени, па мора да му платиме на бизнисменот што заработува само три месеца во годината и тие, неколку викенди во април и мај, за лежалки и чадор, колку што е половина цена на собата во која спиеме. Ајде, бидна и тоа. Ни го даваат најлошото место, зашто од рани зори се резервираат лежалките (со стари крпи и торби), па остатокот од денот ни поминува испрскани со песок и вода (која е мраз студена) од кантичките на децата кои буквално, ме прескокнуваат преку глава. (Кога ќе ја дофатам таа расќаламена Наташа која ми букираше!)Пиење кафе во локалното кафуле трае два часа – вкупно за услуга и наплата, но си носам книга (навежбана сум веќе). Всушност, да не беа ваквите угостители, ќе умрев необразована. Овие ситуации, фала на прашање, не се променија ниту во остатокот од нашето викендување.

Нискобуџетен филм

Да биде пострашно, овој пат, сретнавме и едни познаници и да ви кажам, има голема разлика кога ги среќавате луѓето по родендени и родителски и на плажа.
Досадни, ко стеници. Да не сакаш да се отрезниш никогаш. Море, да посакаш тука, на лице место да те кремираат. Од одма. Се испекоа на тоа сонцето – ко да живеат во Исланд, а не во пеколното Скопје – уште првиот ден, па после се фалеа кој е поцрвен, наредните три. Запишаа се, на што можат да се жалат кога ќе си одат, за да добијат нешто назад од уплатените пари.

Се залепија до нас и цело време само слушав: колку, кој планирал деца, на кого тие личат, кој е виновен што едното дете е разгалено, а другите неподносливи? Кој, кому не му го простил последниот кафански флерт, зошто тој не забележува дека ослабела 250 грама, а сите го гледаат тоа?! Чиј маж е поодговорен, чија жена подомаќинка, кој денес ќе пазари за ручекот…

Вечерта, ни срам ни перде, двајцата ни седнаа во ресторанот на маса, по купачи. Да, да, со на ачик извадените виснати цицки. Па не знаеш од чии ти е поголем очоболот. И на која страна да гледаш. (Најголема мистерија ми остана, како не им студеше?!) Таа па, откако се натови кило ориз и пол-кило компири (ама, без леб), нарача зелен чај со толчен лен. Цревата не и работеле ко што треба. Кому бре, му работи било што со сто кила сало на коските?! Мене ништо.

Да не го заборавам и постојаното проверување на бројот на децата – дали е ист со оној кога влегле и оној кога излегле. Од тоалетот, пред тоа од водата (мраз студена), за кусо време од зад шанкот, а на крајот на вечерта и од под масата на една вљубена двојка.

Нашето друштво ја знаеше секоја самопослуга во гратчето, сите бесплатни настани, културни знаменитости. Со сите локални жители изгледа се познаваа: мафтаа кому ќе стигнат, а кога ќе ги прашав кои се луѓето само одговараа: „Го знам од некаде…“ (Мислам дека тоа им беше некое гличнување социјално, како и манијакалната потреба за селфи во секоја ситуација.) Ја знаеја и една брачна двојка која толку се испијани уште првиот ден, по што паднаа и двајцата од терасата, па одевме да ги посетуваме во тамошната болница. Тие се чудеа кои сме и што сме им, но беа толку испокршени, што само трепкаа со ококорените очички со одобрување кога им остававме тони портокали, иако вратот им беше во гипс и се хранеа на цевчиња.

Постпразнична траума

Маж ми па, ми беше капак на се! (Ако се изземе појавувањето на познаникот-мажјак последниот ден на вратата во седум часот наутро со „објаснување“ дека сме требале да го искористиме максимално претпладнето. Боже, боже, сфаќаат ли луѓево дека одмор се вика затоа што тргнуваш, стануваш, легнуваш, заминуваш кога сакаш, а не според распоред. Мозочен удар ќе добиев кога онака, сонлива му ја видов грдата фаца преполна ентузијазам дека ќе се дружме од рани зори пентарејќи се по некакви си камења.)

Да се вратиме на долгометражните коментари од василевсот дека сум спакувала премногу работи, како сум го излажала за половина од тежината на куферите… Како од шест понесени блузи сум облекла само две (не разликува бои чоекот, тоа е), од три пара сандали, сум носела само еден, чорапите биле вселенска загатка зошто сум ги понела, од четири јакни и четири пара фармерки и четири патики сум употребила само една петина…

А кога ќе ми текне дека кусиов одмор го замислував како оосвежување на бракот, да си ги подобриме односите! Иако, немам поим зошто, бидејќи ние двајцата најдобро функционираме кога ни збор не разменуваме меѓу себе. Најискрено, јас најраат сум кога маж ми ми е онака, доживотно најскаран на свет.

Поминаа тие три-четири со ништо побарани деноноќија и си велам: никогаш повеќе. На крајот, посакав да сум ничија сопруга, да отидам некаде и да не се јавувам никаде и никој да не ме бара и да не се објаснувам зошто никому не се јавувам.
Си ветувам себе си дека следниот пат ќе направам список на работите што ќе ги носам, но и на оние кои нема. И на оние што ќе ги заборавам. Истото важи и за луѓето…

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *