Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Може ли летувањето да не е кошмар?

Мал број на жени ја имаат таа привилегија да го доживеат годишниот одмор како уживање. Повеќето, за време на оваа задолжителна хистерија, толку се преморуваат планирајќи го и подготвувајќи се за него, што кога тој ќе започне, веќе им е одмилен. Се би било поинаку да можат ваквата организација да им ја препуштат на мажите, но како што веќе на сите ни е јасно, „посилниот пол“ низ годините не еволуира, туку само се дембелее

Во светот знаете дека доаѓа лето кога ќе ги видите младите девојки со маички на прерамки, куси здолништа и сандали на нозете. Значи, некаде во мај. Кај нас пак, првиот ваков масовен имиџ ја најавува сезоната на глумење Англичани, која трае по пет – шест дена, на секои пет – шест недели. Значи, некаде во март и април.

Овој феномен, специфичен за Скопје, до сега не е демистифициран па, останува без одговор прашањето: „Зошто некои, секоја сезона, со огромно воодушевување ги дочекуваат првите посилни сончеви зраци, кога зимската јакна се уште им стои закачена во претсобјето особено, кога истите (пеколните сончеви зраци) ги имаме цели 6 (шест) месеци во годината?!“ Што ќе рече, не им верувајте на голите рамења и нозе туку кога колешка ви, која цел ден се тегне и проѕева и шмрка низ цевче осум часа една иста чаша со нескафе, ќе ве праша: „Каде на одмор?“ Е, тогаш е почнува летото.

А и хистеријата наречена летување. Каде, со кого, кога, како, за колку… Наоѓање дестинација, резервирање билети, бесмислени осигурувања и зелени картони, план на патот, набавки, пакување па, до обезбедување на станот додека трае одморот, грижа за залевањето на цвеќињата, што ако снема струја, миленичиња…

Голготата продолжува со депилирање, стискање црнки и антицелулитни масажи, избор на соодветна гардероба за плажа, лосиони, креми, чадори, лежалки, а не ретко и лонци и капаци, фен и пегла, полуготова храна, термоси и мнооогу пластика.

Најлошо од се, вие немате соодветен костим за капење? Не ве собира во ниту еден од минатогодишните, новите трендови (како и секогаш) се само за прегладнетите молци, а оние во xxxxllll продавниците чинат колку една ваша плата. А и да се поефтини, просто сте застрашени кога ќе се замислите оптегнати на жешкиот песок. А како да ослабите 12 килограми за десет дена, а да не гладувате?!

Мора ли да биде тргнувањето на одмор кошмар? Секако дека не.
Само треба да се напика во тоа црпката дека не треба да чувствуваме грижа на совест, ако за момент се „исклучиме“ и не правиме ништо.
А со две – три блендирања на вашите предолги трепки, секој маж ќе го убедите во сешто.

Иако, жените се подобри организатори и способни да прават повеќе работи одеднаш, понекогаш потребно е да се излезе од оклопот на супер жена и да му се препуштат на партнерот добар дел од обврските околу планирањето на патувањето (па и за некои други, секојдневни нешта). Ненаметливо сугерирајќи му секако, таман толку, колку да се ослободите од преголемиот товар и колку да помисли дека тој одлучува.
Јадете сендвичи и салати. Манџите секако, ќе ги готвите цела зима. Која исто така во Скопје, трае 6 (шест) месеци.

Можеби нема да имате атрактивни фотки за на Фејсбук, ама нели поентата е да се релаксираат и телото и душата! Слободните денови ни помагаат да останеме здрави – ментално и физички. Затоа и не треба никако да се носи работата со себе. Исклучете секаков контакт со претпоставените. (А и онака ги менуваат на секои девет месеци така што, на игнор тоа тотално.)

За да не се испокарате со партнерот и пред да пристигнете до планираното место – обично околу багажот и трошоците – треба да се запамети дека плажата е за релаксација, а не модна писта и, ако се штеди претходно, летувањето нема да го оптерети премногу семејниот буџет. (Кредит за годишен одмор е еден од најкатастрофалните финансиски зафати.) Впрочем, летото е за опуштање, а не време кога треба да се изгледа совршено и да се мери секој денар.

Костимот за капење треба да биде удобен, да се чувствуваме слободно во него. Не му треба никому дополнителен стрес поради изгледот на сопственото тело. Иако, магазините постојано го сугерираат спротивното, треба да бидеме опуштени, во удобна облека, со луѓе кои ги сакаме, да бидеме весели зашто, животот е прекраток.

Значи, не гладувајте и не преморувајте се по теретаните. Не наседнувајте на пропаганда. Убавиците на фотогографиите се ретуширани. (Плус, не јадат компир, ориз, сирење… за скара и бурек не ни помислуваат. Не еден, три месеца, туку цел живот.)

Реализираната жена си го сака своето тело дури и кога е преголемо според стандардите на рекламите. Среќната жена е впрочем, секогаш попривлечна од витката, но раздразлива. Богами, кога си постојано гладен, попуштаат лесно нервите. Ама, кога самозадоволно ќе му „запредете“ на партнерот, нема таква фотошопирана слика што ќе му го одвлече вниманието.

И се ова би изгледало супер само да не е оној најгрд ден во годината – кога мора да се вратиме на работа. Онаму, од каде што тргнавме. Со истата колешка, на истото место и истото проѕевање, истегнување, кромидарските меабети и шмркањето, од тоа чашата.

Меѓутоа, на крајот на краиштата, да го немаме тоа работно место би му се радувале ли толку многу на одморот?

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *