Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Сиромашни и дебели

Преголемата телесна тежина е присутна во сите општествени слоеви, но богатите многу поуспешно и се опираат на оваа појава, пред се заради суетата и угледот во заедницата. Затоа што можат! Никој не се здебелил од првокласни бифтеци, мисиркино месо, риба и морски плодови, туку од леб, ориз, компир, тесто…

Загрижена за мојот, според сите денешни сурови стандарди, запустен изглед, почнав да гледам некои видеа на Јутјуб за здрав начин на исхрана односно, велнес. (По ново, така е коректното именување на диетите т.е. слабеењето.) Нејсе.

Интернетот е пренатрупан со бели, преубави 30 – годишни девојки кои постојано блендираат авокадо и манго за појадок, па половина килограм свеж спанаќ и три банани за ручек, а за вечера на скара печат две парчиња лосос, малку октопод и свеж аспарагус!

Ужинки (имаат по три) им се индиски ореви, непечени лешници, но и „обични“ ореви! Неизбежни се и полен од костен, брашно од бадем, дехидрирани папаја, папуа и нова гвинеја!
Се она за што ниту една просечна баба од работничка или пониската средна класа никогаш не ни чула!

Ми доаѓа да им се раздерам онака божествено дека мене тие нивни рецепти за три дена ќе ме чинат колку годишната плата, но брзо ми текнува дека ова е всушност, залуденост по губењето на килограмите вешто спакувана во амбалажата на позитивниот животен стил. А кога е лудило односно, мода во прашање – дерењето е џабе трошење енергија и гласни жици.

Живееме во време кое е опседнато со храната. На овој или оној начин. Во обид да се справиме со сета таа врева околу и во нас, страв, агресивност, осаменост, во уста ставаме она што ни е на дофат на раката. А секоја рака нема исти шанси во изборот на посегнување.

Разумност

Токму затоа богатите се витки, а сиромашните се дебели! Авторитетите веќе утврдија дека ефтината храна е мрсна, а богатите луѓе не јадат ефтина храна. Што ќе рече, многу е скапо да си убав и виток. Не треба да сте доктор по квантна физика за да сфатите дека карфиолот, краставиците, белата риба… е бајаги поскапа од компирот, виршлите, копаните од непознато потекло…

Дека еден хамбургер од сто денари ќе ве држи долго сит, а шитаке печурките на скара ќе мора барем пет пати во текот на денот да ги порачате! А денот трае и трае… Особено денес. Со ова темпо, со овие обврски.

Уште пак, да било био, еко и што ти не знам!? Ќе ме држи мене будна секој ден по дваесет часа целата таа фенси, отмена, лајт – позитивна балавурдија листа на јадења?! Да, ќе ме држи, ако имав милиони евра за џепарлак. Бидејќи ги немам, ќе јадам она што можам да си го дозволам.

(Настрана што она одење на липосукции, криолиполизи, фитнес, теретани, јоги или купување за по дома разни мини „вежбалници“ е исто така скапо, а и најчесто завршуваат како закачалки на веќе облечени алишта. Се нема време драги мои за борба со килограмите, кога се бориш за гол опстанок!)

Или барем додека државата здравиот начин на исхрана не го направи подостапен за своите граѓани што значи, да влијае попродуктивно на земјоделието и прехранбената индустрија.

Слугите покорни така ќе трошат помалку на бескорисните средства за слабеење, на лекови за разни оболувања, па и на храна! Меѓутоа, крајниот резултат е подолговечно и попродуктивно население што на секоја (разумна) земја повеќекратно и се исплатува! Ама најпрво, треба да се среди земјата!

Компензација

Во тешки времиња луѓето се склони кон мрсна и калорична храна. Тоа е основниот инстинкт за преживување, бидејќи имаат чувство дека егзистенцијата им е загрозена. Научниците оддамна утврдија дека народот во време на финансиски кризи, а со тоа и депресии, внесуваат дури до четириесет отсто повеќе калории од потребните.

Тоа не е потреба од одредени вкусови, туку од што поголемо количество на храна. А ние сме во константна криза во сите појави и видови, повеќе од три децении…

Наспроти нас, оние кои живеат на посреќни места внесуваат дури повеќе од 25 отсто помалку калории од просекот! Едноставно, не компензираат за очајот со количини храна, туку се свртени кон духовните потреби.

И, секако, баталете ја идејата дека вегетаријанството или веганството е одговорот! Дебелината е силно поврзана со сиромаштијата сеедно, дали (не) јадат месо, млеко, јајца! Веганите се исто така дебели и „нездрави“. Сиромашните вегани. Затоа што и тие се „товат“ со ориз, компир, леб, тестенини…

Заборавете ги оние пароли – „без глутен“, „без шеќер“, „без брашно“, без било што забавно! Сето тоа е само фолија за да се потенцираат политички коректно – класните разлики, елитизмот, стравот од дебелите!

Дебелите никој не ги цени баш нешто. Кога сте дебел, на другите им испраќате порака дека сте неодговорни кон вашето тело, а со тоа очекувано – и кон другите. Доколку сте витки, докажано е дека околината се однесува кон вас со многу повеќе почит, а добивате и многу подобра услуга. Во секоја прилика.

Генетика

Во многу култури и историски етапи, дебелината била знак за убавина и здравје, плодност и сила. Во некои делови на планетава, таа се уште е симбол на привлечност.

Меѓутоа, денес на поголемиот дел од жителите на земјава и отповеќе им е јасно дека преголемата дебелина не што не е знак на здравје (за убавината и не е така битно), туку се и сериозна причина за бројни физички, психички и социјални проблеми. А иницирана е од разни биолошки, психички, социјални и особено, генетски недостатоци!

Така, таа станува хронична болест, што тешко се лечи. (Со години постојат лекови и кај нас, кои не им се препишуваат на обичните смртници, а секој ден се појавуваат нови.) Всушност, невозможно – без поддршка од средината и пред се, државата! Освен, ако некому не му одговара работите да се баш такви, какви што се?!

Имено, се појави пред извесно време една необична студија дека дебелите најчесто гласаат, имаат поцврсто партиско определување односно, лојални се на победничките партии. Од друга страна, витките се повеќе – оптимисти! Па сега, видете…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *