Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Твоите пари звучат празно

За греота. Толкави богаташи, а без желба да завршат како историски личности. Еми, како поинаку, кога се обични бараби кои совеста си ја гланцаат пред светот со дваесетте пакетчиња за децата без родители. А и оние пуфлине нивни – ко божем не ги знаеме од што материјал се направени или што беа пред да ги венчаат.

Ништо поарни не се ни препишувачите на книги од талентирани и непознати автори од СССР. Станови, вили изнатрупаа. Имоти за правнуци.
Македонијо, те изедоа ненаситните

Кога имаш пари ти фали внимание, бидејќи другарите не те фермаат затоа што си полн ко брод и им оди на нерви тоа.
Ти фали и култура и образование. Дури го трупаше богатството, другите учеа, а ти остана летва. И сега, кога по ќерамиди ти се тркала злато, земи запиши факултет што го сакаш, оди по музеи, на патувања каде ќе научиш нешто. Ама не, ти си правиш дома бордел, коцкарница, кафеана, сала за реанимација… (Да, знаеме дека ги имате.)

Времињата се такви, џабе си паметен, ако немаш пари, а ако имаш нема врска што си акреп.

Жена која нема купче евра е напорна, импулсивна, дива, неартикулирана, но, ако е некоја богаташка тогаш таа има само потреба да побегне од својот хаос, интелигентна е и креативна, ама ете, не знае да живее т.е. ја носи во себе целата несреќа на овој свет, мистериозна е дури и волшебна преплашена животинка.

Чиста поетика, во синкопи е кога и тропаат златници во торбулето.

Направи богатство или доползи до некоја функција и никогаш нема да те наречат пијандура, туку боем.

Богат комарџија не е растурикуќа, туку лирски човек, авантурист.

Ждерач на говеда е хедонист, а не свиња кога има барем сто илјади евра во банка.

Жена со милионска сметка на контото секогаш е прелепотица, паметна, класа, сталожена, држи до себе, дама со цел во животот, со кариера, негувана, внимава на себе, ја почитуваат мажите, совршена сопруга, мајка, другарка, змеј и кралица. А, ако и има некој порок, таа е едноставно, нежна душа несфатена од простаците и ниските слоеви.

Истата, кога нема пари, „ако пегла, очајна е. Ако изгледа според годините, баба е. Ако изгледа помладо од возраста, хистерична е. Ако е нервозна, недое*ана е. Ако се смее, површна е. Ако изгледа самоуверено, курва е. Ако е дотерана, има швалер. Ако не е, ќе ја заменат со некоја која е. Ако отпатува некаде сама, спонзоруша е. Ако работи напорно, глупа е. Ако зборува отворено, кучка е. Ако е немажена, нешто и фали. Ако е омажена, ама сиромашно, нешто и фали многу. Ако роди само едно дете, неспособна за мајка е. Ако роди три деца, само за расплод ја бива. Ако има машки пријатели, сите и се љубовници.“

Оние кои се уште првобитната акумулација на капиталот, започната од пред најмалку три децении и се уште трае, ја нарекуваат безобразно транзиција, и нивните пажови и клика, порачуваат: „Жени, мавнете се од кариери, љубови и слобода. Омажете се за првиот кој ќе ви овозможи присуство на елитни корпорациски журки. За да не ве лаат. “

Најсмешно е што кога ќе се јавиш на некој оглас за работа од манжетниве, патетични со глумењето важност и модерност, ти ги поставуваат оние препишани прашања од милијардерите од Силициумската долина.
Па ти се обраќа, покрај другите глупоштии со: „А каде се гледате после десет години?“

Во Македонија? Среќна ќе сум, ако не завршам во Бардовци, на гробишта или да копам по контејнери.
Мислите дека нешто ги допира? Јок.

Богаташите развиваат механизми на одбрана од очајот со којшто чат-пат се сретнуваат: според нив, секој сам си е виновен што е во таква ситуација.

Па, според таа логика, и згазеното дете на улица од страна на некој збеснат нивен исцедок си сноси одговорност за својата смрт. А не, наследникот или наследничката на фирмата што дедото ја украл од народот, или на онаа што таткото ја направил со пари украдени од децата на тој, ист народ.

Па, после коментираат: „Што бара дете надвор? Нема шофер да го носи на училиште? Нека им го одземат детето, ако не знаат да се грижат за него. Нека го бапнат во мувлосаното сиропиталиште. Што прават социјалните служби? За што ги плаќаме? За бездомници да се шетаат по улици? Да просат? Не давам јас пари за да ги потрошат на дрога и алкохол.

Што не ги приберат малине што ми се ѕверат во чинијата. Да не може човек на раат да седне во бурекџилница или кафанче. Се преправаат дека се гладни, само за да искамчат некој денар, што после ќе го дадат за лепак.“
Сиромаштијата ќе подаде педесет, сто денари или ќе им купи ѓеврек, парче пица, кроасан. И после, наместо со две млека, ќе си отиде дома со едно.

Учат, многу лесно и брзо милионерите да игнорираат се што можат, а не прават. Како на пример, дека со нивното последно патување во Кина со сите „нејзини, негови и заеднички“ деца можеле да изградат една градинка или оддел во болница.

Науката веќе докажа дека колку луѓето имаат повеќе пари, толку помалку ќе помогнат на некој многу посиромав од нив. Тие си помагаат меѓусебно. Држат ниво.

Не може на некого да му помогнеш кој економски и културолошки драстично се разликува од тебе. Мора да се има дистанца. Дистанца, што го прекинува природниот тек на човечката солидарност.
Не е ова од вчера и не е само во Македонијава, но се чини, никаде не е толку се’ присутно и толку неподносливо дрско.

Има една поговорка дека за да успееш треба често да кажуваш „да“, а кога ќе стигнеш горе на општествените скалила, што почесто да изговараш „не“.

Точно е дека колку си „поугледен, повлијателен“, толку повеќе нешто ќе бараат од тебе, но одбивањето на повик за помош е едноставно, нечовечно.

Постојат истражувања за збеснатоста на богашите, за нивното одалечување од сопствената врста (прогуглајте, има студии, не е текстов докторска дисертација), дека возачите на луксузни автомобили дури четири пати почесто не пропуштаат пешаци од останатите или дека многу повеќе лажат, мамат дури и на игри во кои нема никаква материјална добивка, дека се полакоми, па дури и дека онака, „лагзам“ крадат по продавници. И дека сосема исти се и нивните деца. Од најмала возраст.

Ама, кога имаш пари за добар адвокат, длабок џеб за судијата, не ти чуе за ништо.

Познатата реченица од „Кум“ вели: „Зад секое големо богатство, има големо злосторство.“
Колку зад нашите милионери има уништени семејства, кариери, животи, соништа, право и правда?
Не постои такво нешто, во исто време да се биде богат, чесен и пристоен. Не. Не во Камедоњава.

Не знам дали за да си обезбедиш милијарди треба да си го изедеш сопственото срце па, после ги дојадуваш трошките од него за да можеш да трупаш и трупаш, но знам дека ни еден со срце, не може да ја игнорира бедата во којашто живее три четвртини од населението овде.

Како што и не знам, дали некогаш, некоја година нам, на оние кои знаат само за р’мбање, на кои никогаш не им е признат ни трудот, ни лојалноста, ни правото, ни правдата, ќе ни биде радосна, спокојна, здодевна.
Но, за секој случај, ако постои некој Шеф од горе, кој можеби и ќе не чуе во моментот, да си ја посакаме желбата. Таа, да престанат да не глодаат.

Над триесет години покажуваме фатализам. Се препуштаме на судбината. Романтичари непоправливи.
Така што, ни треба сериозна помош. Од некоја виша сила.

Епа, среќно…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *