Бидејќи во јавноста кружат разни гласини во врска со штрајкот на просветните работници, се објавуваат деградирачки текстови и генерално кај јавноста постои негативен став во однос на наставниците, потребно е да се разјасни кои се обврските на наставниците и да се разбијат предрасудите
Наставниците штрајкуваат за поголема плата, но тоа е половична вистина. Тие штрајкуваат од повеќе причини, меѓу кои најбитната е: нивните права. Поддршка од Владата и од народот немаат, но не само тоа, кај истите два ентитети постои и голема спротивставеност на правото на наставниците за штрајк.
Медиумската кампања која се спротивставува на наставниците не само што ги прави незаслужни за барањата, туку ги направи и незагрижени за децата, небаре ги жртвуваат за сопствените цели. Наставниците по медиумите честопати се споменуваат како непријатели на образовниот систем и како уценувачи. Да не зборуваме за лавината деградирачки коментари кон наставниците на социјалните медиуми кои дури се пренесуваат и на порталите.
Ќе се послужиме со текст објавен на интернет порталот „Банкометар“ објавен пред штрајкот на просветните работници, кој повикува на „бркање од работа на наставниците“ ако штрајкуваат. Таму се изнесени низа невистини во врска со наставниците кои се на некој начин „слика во мало“ на ставот кој можеме да го сретнеме во јавноста.
Негативна перцепција во јавноста за наставниците
1) Наставниците имаат 4 месецa годишен одмор
Не, наставниците немаат летен и зимски „распуст“. Тоа што не предаваат не значи дека не работат. Нивното присуство тогаш се евидентира и нивната работа е сведена на некој вид канцелариска работа, каква што имаат голем дел од вработените во приватниот сектор.
Според „Законот за работни односи“, член 137 „Работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена,“ па така и наставниците. Наставниците според стажот најмногу можат да имаат 23 дена одмор (со 20-30 години стаж).
Да не заборавиме дека летниот период наставниците можат да земат само колективен одмор. Затоа, ако сте наставник, заборавете на јунските и септемвриските поволни цени, и задоволете се со одмор сред најскапата сезона!
2) Наставниците не знаат да ја користат технологијата
Напротив, сите поминале низ ИКТ обуки и знаат повеќе од просечен вработен, но со онлајн наставата се под лупа на јавноста веќе подолго време и се што прават може да го посведочи „real-time“, секој кој се вклучува на онлајн наставата. Која друга професија е на таков „испит“ секој ден?
3) Наставниците ништо не работат и по часовите се слободни
Наставниците своето време на работа го поминуваат со 30-тина деца кои треба да ги учат, контролираат, да им бидат психолози и педагози. Секој кој има 2-3 деца дома знае колку внимание, време, трпение, посветеност и нерви бараат тие. Тука не зборуваме за тоа да си играат на телефон, туку активно да ве слушаат и да научат нешто од вас. Е сега помножете го тоа со 10 или 15 пати!
По завршувањето на часовите, домашните обврски на наставниците се состојат од планирања и подготовки на наставата, запишувања часови, електронски дневници, прегледување писмени, тестови. Класните раководители имаат уште повеќе обврски од ова, одговарање на повиците и посветување внимание на родителите и на учениците, при што е потребен индивидуален пристап и солидни познавања од областите на методика, психологија и педагогија. Ова не е се – постојат многу други обврски!
4) Наставниците се „административци“
Технички да, суштински НЕ! Наставниците немаат К-15 и бенефициран стаж. Платата на просветните работници е под просечната плата, додека јавната управа е далеку над просекот. Просветните работници се изоставени од сите „бенефиции на гранските колективни договори“. Тие се однесуваат на вработените во „органите на државната управа и сл.“, ОСВЕН тие вработени во „образование и наука, култура и заштита на децата.“
Што не е во ред со сликата на јавноста за наставниците?
Оваа слика беше споделувана по социјалните медиуми пред неколку години, кога имаше уште еден неуспешен обид на СОНК за подобрување на состојбата на наставниците. Се чини како добра илустрација на реалната состојба.
Состојбите со третите слики (во првиот и во вториот ред) не се подобрија… освен тоа што со пандемијата бројот на обврските на наставниците се зголеми, а перцепцијата на јавноста за наставниците се влоши. Мора да се работи активно на подобрување на таа слика, особено од страна на СОНК.
Изјавите на Владата се исто така проблематични. Во извештаите за зголемувањето на платите од 2017 наваму треба да се земе во предвид и дека почетната точка била мизерна. Ако тргнеме од неа секое зголемување се чини големо, но тоа е само привидно. „Во 2017 година неговател/ка во градинка земаше 14.493 денари плата“ Замислете некој кој се грижи за најмалите, оние кои бараат најголемо внимание и грижа зема толкава плата.
Извештаите одат дотаму што велат дека ако се покачат платите на наставниците треба да се намалат инвестициите во земјата, па се оди и до таму што се предвидува дека покачувањето на платите на наставниците ќе предизвика инфлација и економска криза! Кој е следен за обвинување, пензионерите?
Затоа, тврдењето дека во Македонија се води медиумска војна против наставниците во која се користи стравот од кризата и тие на кои наставниците им го посветиле животот – децата, не е далеку од вистината. Дали во такви услови може да се направи нешто? Да!
Што треба да направи СОНК за да биде поефикасен борец за правата на наставниците?
СОНК мора сериозно да размислат за ангажирање на човек задолжен за ПР (јавни односи).
Она што треба да направат пред секој штрајк е да го испитаат јавното мнение. Ако на народот не му е јасно зошто наставниците бараат поголеми плати, тогаш мора да се спроведе медиумска кампања која ќе објасни зошто е тоа така. Не само што не го направија тоа, туку СОНК не се потруди да изготви ниту едно солидно соопштение за медиумите за тоа кои им се барањата, освен поголема плата.
Во групата „Подобра онлајн настава“ се споделени барањата на СОНК, од приватно лице, кои конкретно се: „вредноста на минималната плата да се множи со коефициент на сложеност на работно место“, но и следните точки: 1) надоместок за превоз, 2) додаток за работа во комбинирани паралелки, 3) додаток за работа со ученици со посебни потреби, 4) додаток за прекувремена работа, 5) К-15… Наставниците моментално немаат ниедно од овие права!
Ова не е пренесено во ниту еден медиум. Точката 2, на пример, може да биде многу корисна во регулирањето на онлајн наставата, затоа што таа оваа учебна година е со низок квалитет. Наставниците едноставно не чувствуваат потреба покрај другите обврски и да вклучуваат компјутер и да навлегуваат во низата технички и фактички потешкотии на оваа настава.
За да се подобри „инклузивната настава“ (и онлајн наставата како поткатегорија на ова), треба да се прашаат и наставниците какви се проблематики носи таа настава и да ги задоволат барањата по точка 3. По однос на точка 4, сликата погоре доволно зборува за тоа колку дополнителна работа надвор од училиштето имаат наставниците.
Ако тоа не е доволно да ја убеди јавноста зошто наставниците треба да имаат поголеми плати, тогаш што? Дали можеби ова: „Науката кажува дека поголемите плати на наставниците носат подобри успеси на учениците!“
Кон подобро образование
Што е потребно да се направи? Да се пристапи рационално на проблемот, да не се користи емотивниот момент како страв од кризата или страв од тоа дека децата ќе останат необразовани при анализата на проблемот. Луѓето кои пишуваат на Фејсбук деградирачки пораки кон наставниците треба да бидат свесни дека и нив некогаш ќе им треба поддршка од нивните сограѓани и дека само сложно може да се решат проблемите.
Точно е дека со подобри плати на наставниците ќе може да се имплементираат подобри реформи и ќе имаме подобро образование, но потребно е да се задоволат и другите нивни барања кои произлегуваат од дополнителните обврски кои ги имаат. Но, првично СОНК треба да се потруди јавноста да се запознае со обврските, должностите, одговорноста и чесноста на професијата наставник, зашто наставниците се носители на образованието, а општеството кое не се грижи за образованието не се грижи за иднината.
(Авторот е член на Друштвото на писатели на Македонија и на Здружение на новинарите на Македонија. Дипломирал на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Како писател има објавено повеќе од 15 дела, а пишува и под псевдонимот Берт Стајн. Основач е на порталот арно.мк, како и на групите „Дај, не фрлај“ и „Не фрлај, не загадувај“ преку кои работи на ширењето на свеста за рециклирањето, реупотребата и намалената употреба со цел зачувување на околината.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk