Во извештајот на Комитетот за елиминација на расна дискриминација при Обединетите нации се наведува дека го зема предвид објаснувањето дадено од страна на Бугарија оти сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и Македонците и Помаците, но дека, сепак, изразува загриженост поради извештаите дека на припадниците на македонските малцински групи им се забранува слободно остварување на правото до слобода на собирање и здружување
Бугарија да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на правата на припадниците на малцинските етнички заедници, меѓу кои и македонската и помачката (етнички Македонци со исламска вероисповед), вклучително преку спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Ова го посочува Комитетот за елиминација на расна дискриминација при Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации во својот најнов извештај за Бугарија.
Во извештајот се наведува дека Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од страна на Бугарија оти сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и Македонците и Помаците, но дека, сепак, изразува загриженост поради извештаите дека на припадниците на македонските малцински групи им се забранува слободно остварување на правото до слобода на собирање и здружување.
Дополнително, Комитетот изразува жалење за постојаните пречки и отежнувачките услови за регистрација на граѓански организации и пријавеното одбивање на регистрација на македонските здруженија од страна на Агенцијата за регистрација и од судовите, врз основа на нивната македонска самоидентификација.
Во извештајот, кој излезе во пресрет на одбележувањето на 75-годишнината од Декларацијата за човекови права на ОН, Комитетот, исто така, препорачува Бугарија да ги отстрани сите бариери за регистрација на малцинските здруженија и да преземе мерки за да ги поттикне нивните активности и да соработува со нив.