Во предградие на Софија е регистрирана „Фондација Македонија“ чија главна цел, по се изгледа, е ширење на идеите за голема Бугарија и за бугаризација на Македонците.
Фондацијата била регистрирана во април минатата година, а на нејзиниот официјален веб сајт пишува дека станува збор за бугарска културно – просветна организација формирана од Бугари од Бугарија, Македонија и Албанија.
– „Имаме една цел – населението во Бугарија и Македонија да биде едно општество во две држави… Важна претпоставка за постигнувањето на таа цел е фактот што општеството во двете земји до пред неколку децении беше еден народ кој можеше да има заедничка иднина во секоја сфера од јавниот живот“ – пишува на веб-сајтот на „Фондација Македонија“.
Меѓу сработените активности стои дека во текот на 2021-та година биле посетени над 50 населени места на територијата на Македонија и биле донирани над 30 илјади бугарски книги, над стотина бугарски знамиња, како и ресивери за бесплатен прием на бугарски телевисиски канали и пакети со храна на сиромашни семејства.
Фондацијата се фали и дека од македонскиот Архив скенирала над 3.000 документи и дека планира да скенира уште 17.000.
– „Денес, за прв пат во нашата историја, ги добиваме овие документи и по скенирањето ги доставуваме до Институтот за историски студии при Бугарската академија на науките за обработка и вклучување во официјалната бугарска историографија. Копија од документите даваме и до Државната архивска агенција на Република Бугарија“ – се вели во отчетот на бугарската „Фондација Македонија“.
Фондацијата не е активна само на терен туку и на социјалните мрежи каде шири иредентизам и етничка нетрпеливост, постојано споделува содржини со бугарски територијални претензии кон Македонија, а активностите се видно засилени откако се потпишаа серијата документи помеѓу Македонија и Бугарија.
– Повторно ќе бидеме едно. За тоа работиме, за тоа живееме, за тоа се трудиме – се наведува во еден од постовите.
Фондацијата не крие дека за своите операции и дејствија веројатно се консултираат и координират со официјалните бугарски институции, што може да се забележи од објавените заеднички фотографии со директорката на Бугарската агенција за дијаспора.
И додека јасно и недвосмислено се повикува на уривање на македонскиот уставен поредок и на нарушување на македонскиот териотријален интегритет, суверенитет и независност, не е јасно дали нашите инстуции ова не го забележуваат, го игнорираат или едноствно не работат на заштита на државата и на државните интереси.