Сурово реална, отворена, директна, на моменти и груба се најчестите епитети што ѝ се „лепат“ на хрватската писателка Ведрана Рудан, на чиишто тиражни книги и текстови би ѝ позавидел секој автор на Балканот. Без оглед дали се работи за изнесени мислења во медиумите или за романи, нејзините наслови секогаш имаат јасна иронија, а пишаното секогаш е на работ на колумна, есеј или памфлет. Кај неа тешко може да се определи што сече повеќе: окото, јазикот или перото!
Родена е во Опатија, во 1949 година. Педагошка академија завршува во Риека – како што прецизира таа, на отсекот по српски, хрватски и германски јазик. Во животот пред да стане позната работи како учителка, туристички водич, продава сладолед, а последниве 25 години и како новинар во повеќе хрватски медиуми.
Добива отказ во весникот „Национал“ во 1991 година и со правосилна пресуда е вратена на работа, но сама ја напушта редакцијата. Во 2009 година поради една своја „антисемитска“ изјава добива отказ и од „Нова ТВ“. Ги зема под своја заштита оние што се без работа, загрозените жени, обичниот човек, сиромашните, обесправените… На мета ѝ се тајкуните, банкарите, политичарите, поповите, Ватикан, НАТО.
Досега има објавено осум романи („Црнци во Фиренца“, „Да даде господ мајка да те роди“, „Јас, неверничка“, „Кога жената е курва, кога мажот е педер“, „Костури на округот Медисон“, „Љубов на последен поглед“, „Страв од плетење“, „Уво, грло, нож“), преведени на повеќе светски јазици. Според книгата „Уво, грло, нож“ се работени и претстави во театарот „101“ во Хрватска и во белградското „Ателје 212“. Член е на Хрватското друштво на писатели.
Во брак е со Љубиша Драгељевиќ, по професија адвокат. Од првиот брак има син Славен и ќерка Асја, од којашто има внука.
- Познато е дека не ги сакате политичарите и тие се најчестата тема на Вашите критики. Постои ли некој за кого мислите дека е добар?
– Не!
- Дали нештата би се смениле кога би имало повеќе жени во политиката?
– Не би се сменило ништо. Политичарите не се топли човечки суштества и сосема е сеедно дали се мажи или жени. Сите тие во извесна смисла се изроди, грешки на природата, опседнати со моќ и пари. Крадец до крадец, ништо не им е свето.
- Во своите колумни и книги „си играте“ со зборовите и емоциите, секогаш почнувајќи од себе. Дали постои термин „премногу искрен“? Треба ли некогаш и да се премолчи нешто?
– Јас секогаш почнувам од себе, затоа што мислам дека сум како луѓето околу мене. Ме мачат истите проблеми како и сите луѓе. Недостиг на пари, несреќни деца, болест, сиромашни пријатели, живот во одвратна земја што е рај за криминалците од сите бои и класи… Премногу искрен? Што значи да се биде премногу искрен? Јас сум личност која нема тајни, сето она што ме мачи го делам со пријателите и со читателите. Така ми е полесно. Не мислам дека сум злобна. Само сум несреќна, но не повеќе и не помалку од вас.
- Постојат ли за Вас табуа? Има ли тема на којашто никогаш не би говореле или пишувале?
– Не би кажала дека се воздржувам од некои теми. За која тема не би пишувала? За малтретирање и изживување врз деца.
- Ве критикуваат дека сте премногу остра, сурово реална и без пардон во зборувањето, но и пишувањето…
– Ниедна моја приказна не е сурова. Можеби е само толку колку и вистинскиот живот. Вистина е дека откако ми се роди внука во книгите станав поблага и потолерантна. Не ставам тешки зборови во устите на јунаците. Но, затоа се изживувам на мојот блог.
Не знам кој ме опишува така. Особено малку луѓе знаат каква сум навистина. Луѓето како личност ме проценуваат и ми судат според моите книги и настапи во медиумите. Јунаците од моите книги особено малку личат на мене, а моите настапи во јавноста, по правило, се перформанси. Мене, вистинската јас, ме познаваат единствено неколку мои пријатели, мојот маж, моите деца, мојата внука. Сите тие ме сакаат и за мене мислат сѐ најубаво. Мене ме прават среќна луѓето кои ме опкружуваат.
- Значи ли тоа дека нема автобиографски моменти во Вашите дела?
– Ви реков, речиси да нема.
- Имате фанови и кај нас, но и во сите републики од поранешна Југославија. Дали е тоа производ на југоносталгијата, историско-културна поврзаност и сличност или нешто трето?
– Еднаш бев во Скопје и еднаш во Охрид. Пред неколку години организаторот на мојата турнеја кога влеговме во зградата каде што требаше да ја промовирам мојата книга „Црнци во Фиренца“ ми рече да се подготвам за разочарување, бидејќи ќе дојдат мошне малку луѓе. Ми зборуваше дека за мене не знае никој, никој не чул во Македонија. Кога влеговме во салата имаше огромна турканица. Организаторот ми објаснуваше дека се одржува некоја претстава во салата до нас и дека сите тие луѓе, всушност, се дојдени да гледаат некаква премиера. Се запрепасти кога виде дека сите тие дошле да ме слушаат мене. Во тоа време многу често настапував на „Нова ТВ“, па заклучив дека претпоставките на мојот организатор не се точни. Луѓето ме познаваа. Никогаш нема да ја заборавам таа вечер! Феноменално е чувството кога ќе дојдеш првпат во некоја непозната земја, а луѓето сакаат да те слушнат. Одвај чекам да се вратам во Македонија и да се „удавам“ во вашите колачи!
- Дали се сметате за феминистка?
– Јас сум борец за човекови права, за женските особено. Робинки сме откако постои светот и векот. Мажите владеат со светот. И со нашите животи. И само со пари можеме да се бориме против тоа. На секоја девојка треба да ѝ биде цел да дојде до покрив над главата, а не до маж! Не е проблем да најдеш маж, проблем е да „куртулиш“ од него. Кога имаш свој клуч, сѐ е полесно. Само го шутнуваш и напред во нови победи.
Ако е ова феминизам, тогаш добро.
- Зошто мислите дека бракот е легализирана доживотна робија на жените?
– Сите мажени жени знаат за што зборувам! Бракот најчесто е заедница на двајца луѓе кои мислат дека со заеднички сили полесно ќе си ги платат долговите и кредитите. Според последната статистика, во Хрватска се разведува секој трет брак, во Загреб секој втор. Тоа значи дека ние жените од Хрватска полека, ама сигурно, излегуваме од темнината.
- Што е со правата на хомосексуалците?
– Сите „гејови“ би требало со пушка да се натераат да стапат во брак. Тотално е нефер само ние што сме хетеро да поминуваме низ пеколни маки.
- Како гледате на жените од Балканот? Дали се разликуваат од другите на планетата?
– Не се разликуваат по ништо. Балканците ги „млатат“ и убиваат своите жени исто како и Американците или Швеѓаните. На тоа поле сите жени на светот се еднакви и на иста позиција.
- Што им е потребно на жените за успех?
– Страсна љубов кон себеси! Себеси, себеси, себеси…
- Во едно свое интервју рековте дека љубовта кон маж Ви е апсолутно најважна во вашиот живот. Коментар?
– Требаше да бидам попрецизна. Во мојот живот најважна ми е љубовта кон мојот маж. Би сакала да е жена!
- Возможна ли е љубов без секс?
– Љубов без секс никако, но секс без љубов секако!
- Еднаш рековте дека не сте тип жена која ќе ги чува своите внуци. Дали можеби го сменивте мислењето откако добивте внука?
– Не. Жал ми е поради тоа. Внуката ми расте, ја гледам ретко и секогаш кога ќе ја видам е поинаква. Ја сакам, но немам сила да го следам нејзиниот пеколен ритам. Не можам да трчам по неа, не ги знам одговорите ниту на едно нејзино прашање, таа нема нерви да одговара на моите. Кога сум со неа се чувствувам како дете застанато пред строга учителка. Зошто денес внуците се толку паметни?!
- Како гледате на балканската иднина? Оптимистички или малку поинаку?
– Градовите на Балканот се еднакво посрани места за живот, кога ќе ги споредите со, на пример, Франкфурт, Париз, Њујорк, Тирана или Скопје. Или имаш пари или немаш! Или си роб или си робосопственик! Живеам во Риека во Хрватска. На Балканот. Не мислам дека тоа е хендикеп. Единствено во последно време многу ми оди на нерви што во мојот сакан град врне секој ден. И така со месеци. Како е во Скопје? Ако кај вас има сонце, јавете ми, за да се преселам!
Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2013 година