Сутерен.мк

Весна Петрушевска: Еротичен лав

Десетте работи што (можеби) не сте ги знаеле за актерката на МНТ, позната по улогите во „МКС“, „Лепа Ангелина“… и (се почесто) како ТВ водителка…

  1. Весна најчесто ја сонува својата баба. Никогаш не сонува црно – бело туку секогаш во боја. И тоа во две бои: жолто и црвено. Не верува во соништа, но по лош сон има лош ден.
  2. Отсекогаш сакала да биде актерка. Како мала уживала да имитира, позира…, а нејзините родители уживале да ја гледаат. Од своите четиринаесет години е во театарот, кога со Катерина Колозова ја формираат аматерската театарска група при Домот на младите – „Неодредени“. Со неа ќе направат повеќе успешни претстави.
  3. Г – ѓицата Петрушевска сака да се облекува во кожа. Ја сака секоја гардероба: младешка, лежерна, откачена. Мрази да е „стегната во костимчиња“. На работа пак, сака да доаѓа во тренерки и патики.

4. Она што дефинитивно не сака се медиокритети, кукавици, полтрони… луѓе кои немаат храброст да и ја кажат вистината в очи. Она што особено ја ужаснува (а за кои се вели, секаде наоколу) се шпекулантите, нелојалните луѓе (лојалност тврди, тоа е вистинско богатство). Ја нервираат лоши претстави и „политички крадци“.

5. Театарот го замислува како космополитски простор. Омилен театар и е кореодрамата за која што се надева дека ќе може наскоро да ја работи. Всушност, за кореодрамата мисли дека е единствен начин да се изразат чувствата. Експресија на телото… без да се изговори збор, а да се раскаже приказна.

6. Весна сака да патува. Да го види Тајланд, Јапонија, Париз… Омилена музика и е „есид џезот“, нешто што се вика „фанк соул“ и музиката на Мајлс Дејвис, Роберт Палмер, Стинг… За круцијални книги (барем за еден актер) ги смета „Злосторство и казна“ на Достоевски, „Случки“ на Хармс и „Кво вадис“ на Сјенкевич.

7. Таа нема одреден тип на маж кој и се допаѓа. Ама знае што тој треба да значи во нејзиниот живот: поддршка, материјална сигурност, да не е посесивен, да слушаат иста музика (ова и е особено битно), да знае што сака од животот, да е постар од неа и… да ја обожува!

8. Откако ја направија „МКС“, почнала да верува во еротската естетика на сцената. А за еротиката мисли дека, ако веќе се прави еротика, тогаш таа мора да биде издржана и оправдана. Вели и дека еротиката е многу тешка и храбра работа. Секогаш кога ќе се разголи на сцена, зад себе ги остава фрустрациите и комплексите што инаку се обидува да ги потисне.

9. Мадмозаел В.П. би сакала да одигра нешто во театарот што се игра само на 26 години (колку што и ги има во моментов). Нема замислена драмска улога, но секако тоа би значело откривање на одредена актерска зрелост при што сцената би се срушила од актерска експресија.

10. Кога би можела да се претвори во нешто, тоа би било во лав! Зошто? Лавот е моќно животно. Со одмерени реакции, елегантни движења, секогаш знае кога, како, каде и зошто. Поточно, бидејќи е сосема спротивно од она што таа е.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1996 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *