Сутерен.мк

Вечното синило на Улис

На втори февруари 1922 година, Силвија Бич, сопственичката на париската книжарница „Шекспир и компани“, за првпат во целост го објавила романот „Улис“!

Џојс го пишувал романот седум години додека живеел во Трст, Цирих и Париз и долго време се мачел да го објави своето животно дело, сè додека тоа не се случило, симболично, на неговиот четириесетти роденден.

Денеска светот ја прославува стогодишнината од отпечатувањето на романот „Улис“ од ирскиот писател Џејмс Џојс. Овој роман, веќе со децении важи за еден од најголемите романи на ХХ век и едно од најважните дела напишани во историјата. По повод стогодишнината, повеќе од стотина писатели, уметници и музичари, меѓу кои и Маргарет Атвуд и Салман Ружди, од 2 февруари до 16 јуни здружено ќе го читаат „Улис“.

Со сопругата Нора и децата Луција и Џорџ

Долги години „Улис“ бил сметан за контроверзен роман, забранет за печат во многу земји, па оние што сакале да го читаат морале да го набавуваат на нелегални начини. Сепак, со текот на времето човештвото ја увидело неговата големина и брилијантност и денес „Улис“ со право се смета за ремек-дело на дваесеттиот век.

Инаку, Џојс инсистирал корицата на книгата да биде сина, во нијансата на грчкото знаме, па за тоа дури и го ангажирал сликарот Мајрон Натинг. Се претпоставува дека опседнатоста на Џојс со сината корица има врска со древна Грција, „Одисеја“ и Хомер. Како и да е, непишано правило е дека секаква друга боја на корицата на оваа книга, во чие и да е издание би било непочитување на желбата на писателот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *