Сутерен.мк

Вистинско наследство

Пријателке, верувам дека до сега не си добила вакво обраќање. Имам внука од 12 години и премногу ја сакам. Немам свои деца па тоа девојче ми е се што имам во животот, а што нешто вреди. Таа си има свои мајка и татко, но сепак, многу време поминував со неа така што ја чувствувам повеќе од ќерка. Ми дијагностицираа неубава болест. Тоа не ме загрижува премногу, но ме загрижува девојчето. Ќе и оставам материјални добра, но сакам да и дадам нешто потрајно, а не знам како. Ќе се сеќава таа на мене, ама времето си го прави своето, ќе порасне и ќе заборави колку сум ја сакала. Би сакала да ме запомни по арно, а не само по парите.
Тетка


Тетка дарлинг, ви се восхитувам на здравиот разум, но пред се, на тие хоризонти што ги имате во себе особено, во околностите во кои се наоѓате!

Убедена сум дека вашата внука долго ќе се сеќава на вас на најубав начин, но да, во право сте – таа расте брзо и многу од дружбата со вас ќе избледи со текот на времето. Точно е, сеќавањето е единственото богатство што може да му го оставите некому. Ќе ви дадам само пример, а другото го препуштам на вашата креативност и нежност кон детето.

Славниот италијански педијатар и психолог Марчело Бернарди, своевремено и напишал писмо на својата мала внука, Катарина. Посакувајќи ви мир и светлина каде и да сте, ви пренесувам делови од овој мошне инспиративен текст:

– Којзнае што ќе правиш за 20 години. Којзнае каква ќе бидеш. Којзнае дали и тогаш како и денес ќе бидеш интелигентна, нежна, храбра, горда, искрена, инвентивна, полна со смисла за хумор. Се надевам дека ќе бидеш, но сигурно е дека светот ќе стори се за да ти помогне да ги изгубиш тие убави особини. Против тебе ќе се здружат многу сили, а особено една – стравот.
Стравот од изолација и префрлања од друштвото, страв од сиромаштија, страв од неуспех, од обврски и одговорност, од борба, од самотија, страв од луѓето, страв од смртта.

Ми се чини дека стравот е најтешката болест што го загрозува човештвото и очигледно, средство што и обезбедува успех на секоја уцена; основен инструмент со чија помош секој може да се присили да се прилагоди на одредена ситуација сеедно, за какво зло и да се работи. Стравот е најдобриот пат на кој секој може да се присили да се откаже од сопствената автономија, независност и, на крајот, од слободата.

Сега не се плашиш од ништо и тоа за мене претставува големо задоволство. Во тебе се уште не забележувам знаци на оние стравови кои само возрасните умеат да ги всадат во главата на детето. Сакам да те набљудувам како самата стекнуваш искуства, како се движиш низ мрачната соба, како ги проучуваш инсектите и животинчињата во природата, како се обидуваш да помилуваш куче скитник или мирно им приоѓаш на непознати луѓе. Во овој свет, ти и твоите врсници претставувате вистинска утеха и, секако, се надевам дека тоа вечно ќе трае, дека секогаш ќе останеш таква, благородна и борбена, сигурна и силна, горда и мила. Ако во тоа успееш ќе ги имаш, по мое мислење, сите услови да го избереш вистинскиот пат…
Ќе видиш: ќе ти зборуваат дека светот отсекогаш бил таков и дека таков засекогаш и ќе остане.

Ќе ти зборуваат дека отсекогаш имало богати и сиромашни, дека отсекогаш имало беда, оттаму и глад, привилегии, ропство, војни. Ќе ти зборуваат дека секој кој се обидел нешто да измени одел право во пропаст. Сосема се лишени од фантазија. Дури и од надеж. …
Традиција. Според мене, не треба се од неа да се исфрли.

И традицијата има свое значење, иако не она кое најчесто и се дава. Пред се, се смета дека традицијата е правило кое треба секогаш и секаде да се следи., како збир на обичаи и навики што треба недопрени да се сочуваат во сегашноста и иднината. Јас повторно, сметам дека вредноста на традицијата не е во тоа, туку во нешто сосема друго; традицијата, како и се што се донесува на минатото, треба исклучиво да служи како појдовна точка да се направи повеќе и подобро, значи поинаку. Ние меѓутоа, очајнички се фаќаме за вчера, и тогаш традицијата станува терет што не ни дозволува да напредуваме, затвор од кој не можеме да излеземе. Дури тоа не го ни сакаме, зашто иднината, непознатото, новото, поинаквото предизвикуваат – страв…
Ако веќе не е нешто остварено ќе ти речат дека тоа е неможно да се направи. Дека човекот е создаден така, дека заедницата е таква, дека светот е таков.

И ќе ти речат дека помирувањето со состојбите е единствената разумна работа. И прилагодувањето исто така. Ако и после дваесет години ја поседуваш креативноста и самодовербата со кои располагаш денес и, ако им одговориш дека со волја се може да се менува, особено положбата на луѓето; ако им одговориш дека светот може да се базира на сочуствителни односи наместо на пари; ако им одговориш дека треба да се размислува за светот составен од луѓе, а не од газди и слуги; ако така им одговориш, ќе ти речат дека се е тоа само една утопија. Тоа го велат зашто се плашат. Од страв. Ете, тој збор повторно се враќа.

Но стравот не го уништува секого. Тебе на пример, и не само заради твоето детско незнаење, туку затоа што целата си свртена кон нештата и луѓето кои ги сакаш, освојувањата и прогресот, кон светот. Накусо, ти си надвор и над својата личност. Оние кои, и кога ќе пораснат, ќе останат такви многу се посилни од било кој страв. Ова се, како што ти реков и на почетокот, мои мисли и чувства што ме обземаат додека си играм со тебе. Ова писмо, кое ти го оставам, само е дел од мојот живот. Со него направи секако, само она што ти ќе сакаш.

Твојот дедо…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)
.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *