Обањ, 20 километри од Марсеј, касарна Вињот, 17 јануари
Бедно утро. Бевме разбудени од сирената, урлањето и тропањето на саржанот по креветите
кога влезе во спаваоната.
– Станувајте! За минута да видам дека е се под конец и надвор на писта!
Брзајќи ги местевме креветите, за потоа остриот глас на саржанот, пропратен со пцовки
и навреди, да не построи на средината на спаваоната:
– Уличари, ова не е хотел, ниту вашиот дом од којшто сте избегале. Ова овде е Француската
легија на странци. Овде се станува човек, а не бебиситер. Никој од вас нема да
стане легионер. Марш надвор!
Врне. Досаден ситен дожд. Ко иглички ме боде по лицето и голите рамена онака сонлив,
без маица, само по тренерки. На пистата веќе беа две групи на потенцијални регрути.
Чекаа мирно. Ладен ветер дува, се вовлекува во коските. Од ладното солзи ми течат.
Во секоја група имаше по околу 40-тина луѓе. Скоро голи, само по патики и тренерки,
чекавме што е следно. Ова е прв пат вака да не извлечат од заедничките спални соби. Уште е темно. Од
исток се натрупуваат црни облаци.
– Оние кои ќе го слушнат своето име, нека застанат во левата колона до мене, конечно
прозборе саржантот.
Со некој необјаснив страв ги слушавме имињата што ги читаше. Чекав во некој момент да
го слушнам своето име. Ме немаше. Од нас 40-тина, левата страна ја пополнија 30-тина
потенцијални регрути.
Ледениот глас ме врати во стварноста, освестувајќи го и оној најскриен дел од мене… Во што
ли се впуштив?
– Вие од левата страна, назад во спаваоните, соберете си ги стварите и чекајте пред
пријавница да ви ги вратат документите. Имате право уште еднаш да конкурирате
по шест месеци. Тоа ви е последно. Останатите по мене. Облечете се и средете се. Имате десет минути за тоа. Кого го нема за тоа време нека не се ни јавува. Туку право на капија.
….
Собата на првиот спрат во командната зграда, лево од споменикот на загинатите легионери
беше осветлена и топла. Пред прозорот на канцелариска маса седеше некој капетан на
легијата и нешто читаше. Кога ме воведе саржантот, не ја ни дигна главата. Продолжи да
чита.
– Г-дине капетане, ова е првиот од новите регрути кои ја поминаа преселекцијата. На
број се 22 и чекаат надвор. Спремни за Кастелаундари.
Капетанот само климна со главата и не гледајќи ме, ми се обрати:
– Милетиќ… кои се твоите мотиви за приклучување на легијата. Дали си криминалец,
имаш ли полициско досие, бегаш од некого, н еможеш да се најдеш во својата
земја… кои се твоите мотиви?
Милион одговори ми поминаа низ глава. Што да кажам?! Се присеќав што кажував на
мотивационото интервју, збунет гледав низ прозорот.
Како да му кажам дека сум љут и бесен на све во Скопје, не сакам на тој факултет, си го
сакам својот пат. Еден легионер Хрват ми кажа во една прилика дека не морам да
одговорам и да се повикам на членот кој гласи: „Идниот легионер ќе го задржи мотивот за
себе и ќе ви го соопшти по обуката.“ Тука нема лажење. Они знаат се за тебе, дури и нешто повеќе. Што да кажам во овој момент…
– Г-дин капетане, овој енгаж волонтер е со мислење дека војничкиот повик на него би
делувал позитивно и дека професионално може да напредува.
Капетанот ја крена главата од тоа што го читаше. Некако го издржав неговиот погледот право во очи без
да мрднам.
– Погледнете го ова, ми пружи лист на кој беа некои имиња. Сите завршуваа со иќ.
Не сфаќајќи за што се работи, само летимично го погледнав и го вратив.
– Дали го видовте?
– Да, г-дине капетане.
– Енгаж волонтер Василиќ Милан, матрикула (матрикула – воен број) 364ххх. Се
упатуваш у Кастелаундари на основна обука во траење од 18 недели. Тамошните
инструктори ќе одлучат која ќе ти биде специјалноста и понатамошната обука.
Военото, повикувачко име ќе го избереш по завршување на обуката, а дотогаш ти
немаш име, националност, вера. Ти си само број по кој ќе те познаваат. Запамети го.
Од овој момент само Господ и Легијата се грижат за тебе, мада не сум баш сигурен за
Господ. Добре дојде во Француската легија на странци. Саржан, водете го да го
потпише првиот петгодишен договор.
Василиќ Милан… ново име…
Владимир нема да постои во следните пет години. Ќе постои во сеќавањата на родителите,
брат ми, пријателите, девојките… Милан Василиќ е роден тој ден, на 17 јануари, година дена
постар со пермутиран датум на раѓање, познат само на командата и соборците со кои
морам да ги минам наредните години.
Продолжува…
(Авторот го сакал Буковски и Капор, Питер Сејвил и Жорж Брак, али они не го сакале него. Осим архитектура не завршил ништо озбилно али сјебал пет години од животот во Легијата на странци. Перспективен, онака симпатичен по малце… Како не бе?! Навива за Црвена Ѕвезда и воли све што воле млади. Текстот е извадок од неговиот автобиографскиот роман „Јас, легионер – дрипачка интернационала“. )
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk