Париз, Garre de Lyon, 31 декември
Од автобусот кој идеше од De Gaulle се симнав карши City de Ille. Дијагонално го пресеков
булеварот Clemanso за да стигнам до железничката Garre de Lyon. Clemanso го шетав последен пат
со татко ми, мајка ми и брат ми. Ми се чинеше дека е тоа со векови наназад. Ништо се немаше
сменето, освен моите години.
Париз ми изгледаше исто. Ништо се немаше сменето, освен целта. Тогаш поминав недела дена на
десната обала на Сена во хотелот Савој, безгрижно и полн со себе. Целта сега ми беше друга,
полна со грижа, сомнеж, но и бес и револт кон она што го оставив во Скопје.
Навечер одевме да ја видиме Триумфалната капија и авенијата Foch, преку ден Ајфеловата кула и
Трокадеро. Родителите не однесоа во Caffe de Trocaderro на торта од бисквити со прелив од
јаболка, навечер во Cousine de Rhone и Fetis на вечера.
Се скаравме со брат ми земајќи му ја тортата кога ја изедов мојата. Утредента отидов со татко ми
на кроасан и бело кафе во Bruant на De Abessye.
Garre de Lyon беше преполн со луѓе. Нова година. Возот за Марсеј стоеше на петти перон. Застанав
потпрен на канделабрата и од јакната ги извадив цигарите. Заборавениот мирис на свежи
кроасани и нугат коцки ми се вовлекуваа во носот. Се присеќав колку го сакав доручекот со татко
ми во Fetis, два кроасана и чаша бело кафе. Сега тоа беше векови зад мене.
Сам.
Немав претстава што понатака со мојот живот. Сакав да избегам од се, од сите. Завршив прва
година архитектура и немав поим како понатаму. Ова ми изгледаше како едини излез.
….
TGV за Марсеј тргна. Седнав до прозор и гледав надвор се додека не сврте накај Saint Lazar. Тогаш
заспав.
….
Пет саат попладне. Касарната се наоѓа на влезот во Обањ на самиот пат кон Марсеј. Автопатот
поминува баш пред неа. Гледав кај да поминам за на крај, прескокнувајќи ги лентите, да стигнам
пред пријавницата.
Чисто и средено. На црвен тежок ѕид од фасадна цигла пишуваше: „Comandement de la Legion Etrangere“, а под него „I regiment Legion etrangere“.
Тоа е тоа, помислив. Времето ми се чинеше дека не тече. Кој знае колку стоев таму премислувајќи се
што да правам – дали да влезам или да се свртам и да се вратам дома? До тука дојдов, каде
понатака, што понатака?
Бев малце поенергично дете. Често под казна за своите глупости. Се ме интересираше и се сакав
да дознаам. Место не ме држеше. Како прв внук на народен херој и сојузен секретар за рударство
во СФРЈ, бев разгален до бескрај. Се што сакав морав да добијам… и, добивав. Низ главата ми
помина мисла каков живот оставам во Скопје – другари, девојки, патувања, плочи. Поготово на Joy Division и Ultravox.
Свртен накај патот последен пат се премислував. Пред мене само пат со колони автомобили,
позади страв и неизвесност. Што да направам…
– Добра вечер. Сакам да се пријавам во Легијата на странци – му кажав на легионарот на
пријавницата на англиски јазик.
****
Дел од автобиографскиот роман „Јас, легионер – дрипачка интернационала“.
Продолжува…
(Авторот го сакал Буковски и Капор, Питер Сејвил и Жорж Брак, али они не го сакале него. Осим архитектура не завршил ништо озбилно али сјебал пет години од животот во Легијата на странци. Перспективен, онака симпатичен по малце… Како не бе?! Навива за Црвена Ѕвезда и воли све што воле млади.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk