Небото во Француска Гвајана преку ден е сиво, матно, тешко, паѓа на тебе и те притиска на гради како да не му е доста и од онака големиот притисок кој го имаш секојдневно.
Силен, крупен дожд ти ја мокри униформата и оружјето, ти го мие лицето, образот и не дава да ти се видат солзите од напор, очај, гнев, а најчесто по цивилниот живот. Како кај Django Reinhard во Les nuages.
Ноќ… Понекогаш облаците се разидуваат и го гледаш црното, мастилаво небо со безброј ѕвезди.
Замислуваш како е “таму”, дома, бидејќи ти немаш право да викаш “таму е мојата дома” – гледаш во тој правец, иако знаеш дека “таму” е 10.000 километри далеку и 6 саати понапред.
Под небото е “таму” и се што имаш оставено. Тогаш нема место за понекоја солза. Се познава кога нема дожд.
Ноќ во Алжирската пустина на границата со Мали, каде кога со залезот на сонцето се е црвено, а ти не можеш да одредиш каде престанува пустината, а кога почнува небото.
Завивање на којоти и слаби шумови на лисици кои пред самракот излегуваат во пустината да ловат. Испотен, преморен ко улично куче, со прегрнатото шише вода, кое го чуваш повеќе од себеси, легнуваш на се уште жешкиот песок и гледаш во небото и онака, од “досада” (носталгија е за тебе забранет збор), каде е “таму”, што се прави, дали е време за вечерна пијачка, дали се смеат на некоја твоја заебанција од минатото… Разликата е само два ебени саата и 3 000 километри.
Утро во Кигали во хотел Mill & Collin кој е полн со бегалци, а ти со полн оквир на ФАМАС ги чуваш онака, потпрен на камената ограда која го дели од остатокот на “Afrique noire”.
Проаѓаат преубави жени, мулатки кои не те ни приметуваат. За нив ти си само најобичен странец како и секаде во светот, освен “таму” – каде потенцирано, немаат перспектива со еден обичен легионер, интернационален дрипац.
Ама никој не го знае мотивот зашто си се приклучил на Легијата, а и ти го бараш сите
овие години.
Дали е тоа поради авантура, мислење дека ќе направиш нешто чесно и храбро, пари, бегање од нешто, немање каде, немање излез… бегање од себеси.
Подоцна, сфаќаш дека тоа е желбата да скршнеш од патот по кој многу други одат, да зачекориш во шума во која пред тебе никој не зачекорил и оставиш сопствена, единствена трага.
Тргнете ги газовите од фотељите и креветите. Зачекорете во непознатото, видете на кој можете, а на кој не можете да сметате и на крајот пронајдете се самите себе.
Vive la legion.
(Авторот го сакал Буковски и Капор, Питер Сејвил и Жорж Брак, али они не го сакале него. Осим архитектура не завршил ништо озбилно али сјебал пет години од животот во Легијата на странци. Перспективен, онака симпатичен по малце… Како не бе?! Навива за Црвена Ѕвезда и воли све што воле млади.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk
Браво за текстот, Владимире👏👏👏❗️