Сутерен.мк

Владимир Светиев: Рамнодушен човек е жива несреќа!

Зад него се голем број театарски улоги, ТВ драми, три играни филма, многу значајни ловорики – домашни и странски, а тој вели: „Ако сум одиграл сто улоги, задоволен сум само од пет. Што сум направил со останатите 95, ич не ме бендисува.“

Владимир Светиев (Битола, 1945 година) можеби не си ги бендисува улогите, но така не мисли и останатиот свет. Уште од времето на „Дневникот на лудиот“, кој како многу млад го прослави, па преку „Ричард Трети“, се до последниве – Глембај во „Глембаеви“ и Гаев во „Вишновата градина“ (обете во режија на Љубиша Георгиевски).

Како да се опише актер кој веќе 27 години успешно опстојува на театарската сцена? Тоа најдобро го прави Владимир Светиев за Владимир Светиев:

„Интровертен, наивен, со голема верба во луѓето, интровертен, без љубов кон себеси, со многу пороци, нестабилен, непостојан, контроверзен. Човек од ситуација: како што ќе ме ’прифатат!’“

Би додале само: тој е и една од трајните наши вредности. Како актер и како човек.

  • Се сеќавате ли на времето од „Дневникот на лудиот“? Како се чувствувате денес, во споредба со тогаш?

– „Дневникот“ како идеја и предизвик го носев уште од првите години, како студент на Академијата во Загреб. Оваа новела на Гогољ ветува извонредни можности за сценска реализација, а ликот на Лудиот, неограничена широчина за актерска креација. Секој ден во „Дневникот“ е нова трансформација, друго расположение, поинакви околности. Ликот Попришчин е жртва на средината во која живее. Длабоко човечното, искреното и поетското во овој лик го наметнува прашањето за тоа, кој е навистина луд: Лудиот или средината во којашто живее!?

Не беше лесно два часа, сосема сам, да го држиш вниманието на публиката! Денес, од оваа временска дистанца од 23 години, проблемот на лудиот Попришчин, во ништо не се исменил. Со мисла сум да го поставам повторно, но на поинаков начин, бидејќи ни јас не сум истиот од тоа време. А во ова разнебитено и разулавено секојдневие, неговата актуелност ќе биде и поголема.

  • Со Попришчин доживеавте слава, а бевте многу млад. Извлековте ли некаква поука од тогаш, која би им помогнала на денешниве ваши колеги, кои доживуваат нешто слично?

– Да: не занесувај се, ништо не е неограничено трајно! Најмалку, таканаречената слава. Особено овде, кај нас. Труди се и во обичниот живот да бидеш едноставен, во смислата што ја подразбира Чехов. Не во смисла на балкански „интелектуалец“ од пејзанска профилација.

Една кинеска мудрост вели дека човек не треба да се плаши од писмениот, ниту од неписмениот. Опасен е наполуписмениот! Нашава средина врие од такви типови. Каде поголемо задоволство од самото тоа што си млад и поголема сатисфакција од фактот дека имаш време за поправен!?

  • Што мислите: може ли во Македонија да се изгради една актерска ѕвезда, да се однегува таа, да остане ѕвезда?

– „Интелектуалците“ што пред малку ги споменав и наполуписмените што ги има во сите сегменти на животот, па и во културата, за жал, се творци и на „ѕвезди“. Поим, типично американски. Секоја ноќ на нашето небо никнуваат нови ѕвезди од „естрадата“ демек, од улицата, што не е за наводници. ТВ куќите им се широко отворени, весниците, разните магазини…

На сите страни и мажи и жени, мрдаат со газињата, блеејќи во ритамот на нашиот мелос се разбира, компромитирајќи го мелосот и прекрасната реч на народниот поет. Неверни љубови, напуштени, расплакани, клетви, солзи и риданија. Содома и Гомора!

Ваквите „творци“, сегдеприсутни и благословени за жал, создадоа и еден вештачки наметнат вкус, за стомаци што брзо се празнат. За вистинските креативци останаа ќошињата, скриени, затемнети. Со средства кои едвај овозможуваат живуркање. Безмалу, вегетирање. Автентичниот, чмае таму! Заборавен и отфрлен. Зар треба да го споменуваме по којзнае кој пат, примерот на Ристо Шишков!? Од респект кон него, нема повеќе да зборувам за ова!

  • Постои ли улога што сметате дека само вие можете да ја одиграте, а ја добил некој друг и, како се однесувате тогаш?

– Во ова прашање, проштевајте, има многу излишни зборови за едноставна работа. А тоа е: се е во развој. Денес мислам и чувствувам вака. Од каде да знам што ќе ми донесе утрешниот ден, кога во хороскоп и бајачки не верувам!?

Сепак, ја прифаќам теоријата дека за сите улоги, во конкретно осмислена уметничка задача, се важни. Тоа е изгледа едно од суштинските прашања на актерскиот морал, нешто кое за жал, го подзаборавивме во овие тешки мигови. Тоа прашање на актерскиот морал, искрено да ви кажам, мошне често ме загрижува. Во ова време на би рекол, по малку купечка прагматичност, сите почнуваме да се џапаме за „главни“ и големи ролји. И, незадоволни од малата, ќе ни се случи да се однесуваме ноншалантно.

Можеби затоа стануваат реткост целосни претстави, со целосно остварена концепција. Забораваме дека желбите, особено оние големите, се за на перница. За пред заспивање. Најискрено ви кажувам: ми причинува посебно задоволство, кога ќе видам на сцената млад актер со успех да остварува улога, која некогаш самиот сум ја посакувал, а не сум ја добил.

  • Што сметате за ваш најголем професионален успех, а што за неуспех?

– Веднаш ќе речам: во кариерата, многу ролји сум промашил и често размислувам за тоа, како би било дека по вторпат да ги играм, што е се разбира, невозможно. Настрана лажната скромност: има улоги од кои и ден – денес не сум задоволен како сум ги одиграл. Најчесто мислам на „Обесеник“ од Пекиќ, „Ричард Трети“, Глембај, па и најновата, Гаев во „Вишновата градина“. Оние пак, промашените, тивко повторувам – се повеќе, за жал.

  • На кое ниво според вас ни е театарот и, каков театар сакате?   

   –Ете, со ова прашање правиме еден убав континуитет во нашиов разговор, зашто одговорот во голема мерка ќе асоцира на почетокот. Каков е театарот, велите? И како би сакале да биде? Тема и објективна и, субјективна. Несогледливо широка. Театарот, ваков каков што е воопшто не ми се допаѓа. Од причини што лесно може да се претпостават, во него на голема моја жалост, преовладува популистичкиот вкус.

Театарот денес се дави во еден крајно ефемерен популизам и во поголемиот дел од реализациите, неподнослив волунтаризам. Па така, се случува почесто публиката да биде избркана од „публиката“ и многу поретко, обратно! Што е можеби најтрагично, на овој план се поделени и актерите: едните ја посакуваат едната, други – другата публика. Што се не се прави денес на сцената?!

Со душа се чека да пукне мрсна пцост, да се исмеат нештата што се неспорни како етика… Едноставно, се и сешто! За да биде иронијата поголема, има и такви, кои сериозно мислат дека сето тоа е таканаречениот современ израз. Современа вистина, побуна против зачмаениот морал и лажниот поредок на нештата.

За среќа, две години со „Пралипе“ талкав по Европа и неотповикливо видов и сфатив: за цивилизираниот свет тоа е забоболка на млечните заби, нешто одамна одживеано, одамна видено и заборавено. Срце ме заболува кога ќе видам наши луѓе, дури и сериозни, да веруваат дека тоа е вистинскиот пат. Ех! Без сомнение, тоа некому му одговара. Нека му служи на чест! А актерот, што да прави тој? Трча кутриот, од немило до недраго, се со цел да си ги плати граѓанските обврски: струјата, парното, телефонот, а за трошоците на егзистенцијата, онаа голата, да не зборуваме!

Можам да го разберам кога `на сцената ќе му дојде да си каже некоја пцост, па и на погрешна адреса нека е! Се поретка појава е театарот на естетските истражувања, на уметничката промисла и, како што тргнале работиве, се пшлашам дека таквиот театар ќе стане минато. Тоа најмногу ме плаши! И токму во време кога се јавуваат прекрасни генерации на млади актери, верувајте! Образовани. Облагородени.

Фанатични ентузијасти! Вљубеници во уметничката убавина. Јавачи на виорот на уметничкиот идеал. И токму тие млади луѓе живеат со несигурноста за корката на ионака, горчливиот актерски леб. Жално! Ќе се сложите, нели?!

Немојте да ми велите дека има многу места во големиот свет, каде што навистина би ги држеле на дланка како скапоцен дар! Тоа уште повеќе ќе ги разжалости, верувајте ми! Ги знам и ги познавам. Тоа е тоа.

  • Зошто се вративте од Германија? Се покајавте ли некогаш поради тоа?     

– Затоа што договорот помеѓу МНТ и Театарот на Роберто Чули за мјата работа таму, беше на две години. Задоволен сум од претставите и улогите што ги одиграв. Мило ми е што со Рахим Бурхан ја поставивме „Големата вода“ од Живко Чинго. И што ја одигравме речиси во сите европски центри: Минхен, Париз, Амстердам, Цирих… Ја добивме и првата награда на фестивалот во Норд Вестфалија. Но никогаш не се покајав што се вратив.

  • Што се случува со вашиот ангажман на ТВ, филм?

– Мојот последен филм беше „Последната македонска сага“ на Бранко Гапо. Кога де снимаа последните наши филмови, јас веќе бев во Германија, така што… А за телевизијата… И сами гледате дека речиси, воопшто не се снима ништо. Веројатно, поради недостиг на финансиски средства. А во оние нивни „експрес кујни, експрес кафиња…“ не ни сакам да учествувам! Тоа ми изгледа како проституизирање на секоја професија.

  • Кој од вашите досегашни ликови најмногу личи на Владимир Светиев?     

– Ете, ова е популизам. Како сте можеле да дојдете до заклучок, дека актерот во вистинскиот живот треба да е Хамлет, Отело или гаев?! Актерот едноставно, низ сопственото животно искуство и чувство го предава она што го напишал авторот.

  • Живееме во време кога многумина се разочарани…

– Рамнодушен човек е жива несреќа! Јас не сум таков.

  • Важите за човек кој приватното го крие мошне успешо. Зошто се криете?       

– Токму така. Се кријам. Опасна и неподослива работа е некој да ти чепка под долната облека, како што стана обичај кај нас. Уплав имам од такво нешто! Бегам како ѓавол од темјан!

  • Од што се плашите?

– Од сето она што го реков до сега, како иднина на актерската уметност.

 

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1998 година

 

 

All-focus

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *