Од појавата на неговите цртежи, дури и кога попатно ќе се спомене македонската карикатура, Владо Јоциќ ќе биде секогаш именуван како еден од нејзините потпорни точки. Наспроти импресивно волуменозното творештво, како во бројки така и во значење (патем, колку Јоциќ беше витален во професијата зборува и фактот дека е единствениот македонски карикатурист кој почна со перформанс – карикатурата), тој остана скромен и недопрен од суетата. Почина во мај, оваа година, а во негова чест, Светлана Христова Јоциќ ја објави Книгата за линијата и зборот
Неодамна од печат излезе “Книга за линијата и зборот“. Книга, посветена на македонскиот карикатурист Владо Јоциќ. Постхумно издание на „Македонски духовни конаци“. Ја подготви Светлана Христова Јоциќ во чест на својот сопруг, кој во мај оваа година замина тивко, како што и живееше, без онаа безобразна самобендисаност, толку „неопходна“ за овие времиња. Онаков, каков што беше, преполн добрина, мекост, непосредност и сочуствителност, немаше премногу место за него нашава матна медиумска сегашност. Затоа и остана чувството кај дел од новинарите (оние што ја имаа честа да го познаваат) на пропуштена шанса да се пренесе во медиумите дел од неговиот богат творечки опус, од неговите ултимативни, а суптилни забелешки за опкружувањето, животот, политиката, новинарството, љубовта…
– Таков беше тој. Не бараше внимание за себе Доволно му беше што тој го дава своето, некому. Еден негов стих вели, „река препливав за во твојата солза да се удавам.“ Беше голема потпора, можеше да издржи многу, а сепак, со толку љубов во себе, што и најмала човечка тага го допираше длабоко – раскажува неговата сопруга, не сакајќи јавно да навлегува премногу во деталите за заедничкиот живот ниту пак, за направените неправди кон еден од основоположниците на македонската карикатура.
– Тој не би го сакал тоа. Владо живееше онака, како што треба секој човек да живее – никому не загрозувајќи му го битисувањето. Никогаш не се жалеше на ништо, па ни на тоа, што ете, како да го заборавија медиумите, институциите, колегите… Стално го парафразираше Радој Ралин велејќи, поарно да ме нема отколку да се прашуваат што барам јас таму!? За никого, ниеднаш не кажа погрден збор! Јас дури сега всушност, по неговата смрт го осознавам. Пребирајќи по неговите творечки исписи, изливи на мудроста, линии и збор што те поземаат да размислуваш така, како што никој не соумеал да ти соопшти! Толку суштински. За животот воопшто, за природата и прифаќањето на крајот. Но, се уште за мене е голема непознатица како тоа да не го спознаам тоа чудесно духовно богатство!? – преполна емоции, повеќе за себе, коментира Светлана Христова Јоциќ.
А тоа духовно богатство ќе почне да се открива уште во 1958 година, кога како гимназијалец (родното место на Јоциќ е Пожаревац, Србија,1939 година, а по образование беше дипломиран инженер – архитект) ја започнува соработката со весникот „Студентски збор“. Оттогаш животот му се одвива во знакот на карикатурата. Учествувал во формирањето на младинскиот студентски клуб на карикатуристите „Кикс“, како и во создавањето на истоимениот прилог за хумор и сатира на „Студентски збор“. Надминувајќи ги студентските теми и проблеми, со неколку колеги ја покренува рубриката „Епицентар“ во скопски „Вечер“. Не напуштајќи ја страницата за хумор и сатира во „Нова Македонија“ (со повремени излети во „Млад борец“, „Јеж“, „Политика“, „Борба“, „Весели свет“, „Ослобоѓење“, „Павлиха“, „Феферон“…) во 1966 година заедно со Славко Јаневски, Цветан Станоевски, Бошко Смаќоски и Дарко Марковиќ учествува во обновувањето на македонското хумористичко списание „Остен“, како уредник за карикатура.
Во „Остен“ зазема разни функции: уредник за карикатура, заменик главен и одговорен уредник, главен и одговорен уредник, директор на Светската галерија за карикатури. Неговите карикатури се објавувани во Канада, СССР, Полска, Турција, Грција, Италија, Швајцарија, Германија, Холандија, Унгарија, Романија, Бугарија, Чешка, Словачка, Белгија, Холандија, Монголија, Аргентина, Австралија, во сите бивши републики на Југославија… Добитник е на 22 меѓународни награди за карикатура во земјава и странство, како и за новинарство од Здружението на новинарите на Македонија.
Со самостојни изложби се претставил во Македонија, Полска, Италија, Србија, а учествувал на сите изложби на македонските карикатуристи во странство. Владо Јоциќ беше комплексен автор. Илустрираше и опреми над 120 книги, а за дизајнот на „Скопскиот трамвај“ од Христо Петревски ја доби наградата на Културно – просветната заедница на град Скопје. Објави две книги со карикатури: „Луѓе“ („Студентски збор“, 1972 – ра) и „Кроки портрети на македонски писатели“ (ДПМ, 1997-ма), а како автор на плакати е наградуван со први награди во Краков, Полска и Акшехир, Турција. Покрај ова, преведуваше од српски, бугарски, англиски, француски на македонски јазик. Добитник е на орден Заслуги за мир на СССР.
Накусо, од појавата на неговите цртежи, дури и кога попатно кога ќе се спомене македонската карикатура, Владо Јоциќ ќе биде секогаш именуван како еден од нејзините потпорни точки. Наспроти импресивно волуменозното творештво, како во бројки така и во значење (патем, колку Јоциќ беше витален во професијата зборува и фактот дека е единствениот македонски карикатурист кој почна со перформанс – карикатурата), тој остана скромен и недопрен од суетата. Господин, во вистинската смисла на зворот. Како што ќе рече своевремено и Бошко Смаќоски, „мајстор на контрастот, истражувач на светот отаде мислата, педант во цртежот, веселник и развеселувач, а уста не отвора – ете, тоа е Владо Јоциќ.“ Па ќе додаде дека во неговите карикатури, неговото човекољубие ја победило строгоста во него, ја ублажило осудата, го потсмирила подбивот.
– Да, многу ги сакаше луѓето. Беше полн љубов. Велеше, љубовта, живее со давање, а не со земање – си приспомнува, Христова Јоциќ, која четириесет години живееше покрај него. Се уште вели таа, како вчера да било ја помни нивната прва средба во охридски Студенчишта, во едно лето, во седумдесеттите години од минатиот век.
– Во обид да се ослободиме од жештините пливавме секојдневно со другарка ми долго и далеку. Потоа, со чун накај Охрид. Еден ден, во чунот за Охрид, од десната страна, седеше тој. Со ведра љубезност проговори: „ На почетокот беше Зборот. Дури потоа настана Молчењето.“ Оваа мисла, рече е од еден од најмудрите сатиричари, Јиржи Лец. Јас му предочив дека го љубам зборот. Во текот на разговорот, во еден момент ми рече дека водата е желна за допир, затоа се искрева во бран. Па се распрскува во капки, во надеж дека барем една ќе го допре човекот. Го прашав дали е тоа допир или љубов? Владо се насмеа, зеде еден лист хартија и молив и соедини две фигури. „И допир и, љубов.“, ми рече.Соединување на едното и другото во едност. И така, не соединети запојдовме излегувајќи од чунот низ охридската чаршија, додека не се разделивме. Отпоздравот на Владо му беше: „каде ќе се видиме?“ Ништо не одговорив. Времето само не повика на изложбата на Светската галерија на крикатури, што тогаш се одржуваше кај „Кармин“ во центарот на Скопје.
На таа пак, изложба, тврди Светлана, инстиктивно застанала пред карикатурата на својот иден сопруг. Гледајќи го тој цртеж вели, веднаш сакала да го види и да го праша, како настанала, која е првата карикатура? Меѓутоа, бројната публика, многуте луѓе околу него, сакајќи да му честитаат, не „дозволиле“ да му пријде.
– Погледот сепак, постојано му беше упатен кон мене. При крајот на изложбата конечно, дојде до мене и ме праша за впечатоците. А јас, почнав да медитирам за линиите, за конкретно да му кажам дека не ги сакам паралелните линии. Затоа што ме упатуваат на не-средбите и разделбите. Зашто тие никогаш нема да се соединат. Владо, како Владо, со целата своја благост, ми вели дека и паралелни да се нашите размисли за различни собитија во животот, не значи дека љубовта не е љубов. А љубовта, секогаш раѓа љубов, нели!? Откако се соединивме тој и јас желнеевме да останеме во тој наш свадбен свет и да не го оставаме некаде надвор од нас. Не знаевме да носиме маски во изразувањето на нашите чувства. Постојано укажувавме дека не сме во опозиција еден кон друг. Никогаш не сме чувствувале дека на било што или на било кого во светот целосно припаѓаме.
Светлана вели дека никогаш меѓу нив немало сомнежи, условувања, преиспитување на зедништвото. Биле еден покрај друг. Бескомпромисни во својата креативност, бескрајно толерантни во навиките на другиот и со огромна почит кон меѓусебните разлики.
– Замислете четириесет години заеднички живот! Содружба и соединување на секој план: дом, творештво и што не, редум… Љубов, болки, страданија, вознес и неотстапност од сознајбата дека љубовта е простор и време, мерено со срце – ќе рече на крајот, македонската поетеса, мајка на сликарот Сергеј Андреевски и сопруга на неповторливиот човек и интелектуалец, Владо Јоциќ.
Љубинка Басотова:
Редок човек, со ретка дарба
– Владо Јоциќ смело ги става под критичка призма ововремените човекови маани и заблуди, човечките незаситни, порочни страсти, алчноста, кариеризмот, насилието на моќниот врз бессилниот, неправдата. Го гледа тоа, го бележи со универзалниот јазик на карикатурата, го жигосува, но не за да повреди, рани или навреди, туку да опомене, предупреди и да поучи, да насочува кон правдина и честа на добрината. Ретки се луѓето кои се со ваква дарба. Уште поретки оние, кои со толку благородие и добра мисла ја оживотворуваат таа своја дарба. Еден од нив е нашиот Владо Јоциќ.
Погрешни луѓе, на погрешни места
Богатата активност и постојана ангажираност од Владо Јоциќ ќе создаде искусен професионалец, кој сосема критички размислуваше и споредуваше. Па така, во една прилика ќе забележи:
- Во времето кога сатирата и карикатурата беа на дискретен начин контролирани, ние како релативно млади автори си дозволувавме да бидеме неконтролирани. Во сегашни услови кога никој, никого не контролира, за жал, карикатурата калира. Постои нешто што Американците би го нарекле „селф контрол“, самоконтрола што никој не ја бара од авторот. И така, сатирата процедена низ некој филтер на самоцензурата се сведува на забава или лесен хумор. Сепак, мислам дека не е проблемот само до авторите. Отсекогаш, проблемот на сатирата, а во овој случај на карикатурата како една игла за акупунктура на стварноста, бил и останува пред се, во уредувачкиот тим на гласилата. Уредникот кој што одлучува што ќе му се презентира на читателот повеќе мисли на своето уредничко место, отколку на консументот на неговиот производ. Со еден збор, многу погрешни луѓе, на погрешни места.
Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2010 година