Сутерен.мк

Волшебниот збор

По некоја случајност, мојата долгогодишна пријателка стана менаџер токму во фирмата каде што јас работам. Од една страна ми е мило за неа, но од друга, таа стана сосема спротивната личност што јас ја познавав. Знам дека сега, на таа функција, таа има многу обврски и притисоци, но мораше ли да се претвори толку многу во сосема спротивна личност!? Не ја препознавам! Таа не беше таква. Од друга страна, ме прашува за совети, како да стане подобар менаџер уствари, како што повеќе да успее. Сакам да и помогнам, но што да и кажам!? Дека се претворила во чудовиште!? Навистина, не знам што да и речам. Мила ми е и понатаму, толку многу години сме заедно, ама како, како човек да постапи, а и да не си го изгуби работното место! Да и ја кажам вистината, ама да не се налути! Да не се налути, ама да не ме избрка! Да не ме избрка, ама и да ми остане пријателка?

Дана, 33, Скопје

Дана дарлинг, вие навистина имате многу прашања во главата, но изгледа најважното е како да се одржи едно пријателство што станало (наеднаш) авторитет, а притоа и работното место.

Секако дека е проблематично решението, ако се подразбира дека блиските релации бараат отвореност и своевидна критичност. Секојдневниот ритам на решавање на често, проблеми што не ни се во доменот на инспирација можат да не доведат до тоа, да заборавиме дека околу нас се наоѓаат луѓе – соработници со емоции и комплицирани потреби.

Со своето однесување, нивната мотивација можеме да ја ставиме на врв на планина, но и да ја закопаме длабоко во калта.

Секој разумен менаџер би требало да сака во неговата средина да владеат хармонија и продуктивност (како и во секое нормално семејство), но без човечноста во релациите, грижата за своите подредени, сигурно нема да има такви резултати.

Ефикасни резултати имаат само менаџерите кои се воспитани, обучени и сочуствителни и чие однесување е смислено, навремено, но и искрено. Она што можете ненаметливо и безопасно да и го кажете е тоа дека треба да каже – фала. Тоа е магичен збор на кој денес, ретко кој му дава значење. А неговата магичност е вековита. Не вам, директно (мислам дека и не треба, бидејќи сте пријателки, но натласете и дека луѓето често заслужуваат едно фала, да не набројуваме сега кога, како и кому… важно е да се рече тоа тенкју во вистинско време и на вистинско место.

Патем, луѓето од оној претходен, проколнат систем, мислеа дека е доволно што работниците добоваат плата, а не пак уште и благодарност да им се искаже за сработеното, но умните директори и тогаш и денес, знаат колку е тој збор волшебен.)

Некои работи навистина се учат само дома. Таков е и зборот благодарам. Навиките стекнати во раното детство не треба да се потценуваат. Некои не добивале благодарност за својата ангажираност, па не чувствуваат дека треба и да ја дадат. Некој пак, ќе кажел фала па тој, другиот ќе свртел грб и таа фрустрација станува белег на нашето однесување. Се вели „недостаток на позитивен емотивен одговор“.

Не ги сакам популарните психологии, но не се може ни без нив. Зборот фала за мене има речиси митско значење зашто отвора двонасочни улици, ги елиминира тензиите, не потсетува на сопствената несовршеност, но и на другите, ја потенцира припадноста, колективниот труд… Зборот фала го култивира секое наше недоветно однесување. Ете, кажете и го тоа најпрво на вашата другарка – речете и фала. Што е тука, што постои, што се труди… Ако таа скоро го каже и некому другому, мислам дека ќе тргне работата нанапред. За сите нас…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *