Сутерен.мк

Во Алабама е извршена смртна казна со нов и недокажан метод

Кенет Смит е еден од двајцата мажи осудени за убиство на сопруга на свештеник од Алабама во 1989 година, која беше пронајдена избодена и претепана до смрт. Тој е исто така еден од ретките луѓе во Америка кој два пати го поминал процесот на егзекуција. Имено, за време на обидот во 2022 година, Смит требало да биде погубен со смртоносна инјекција, но егзекуторите не успеале да ја погодат вената поради тешките исеченици на раката.

Овој пат егзекуцијата била успешно извршена. Смит починал во 20:25 часот по локално време, соопштија официјални лица. На прес-конференцијата одржана по егзекуцијата, комесарот на Одделот за затворски установи на Алабама Џон Хам рече дека машината за азот работела околу 15 минути.

Сведоци на настанот во заеднички извештај изјавија дека Смит пред својата смрт рекол: „Вечерва, поради Алабама, човештвото направи чекор назад. Заминувам со љубов, мир и светлина, ви благодарам што ме поддржувате, ве сакам сите вас“.

Тие додадоа дека се чинело дека бил свесен неколку минути по почетокот на егзекуцијата и дека се тресел и се грчел две минути. Потоа почнал да дише многу длабоко, додека не се онесвестил. Сведоците известуваат дека егзекуцијата траела околу 22 минути, а Смит останал свесен неколку минути.

Некои медицински експерти го осудија погубувањето со азот, предупредувајќи дека тоа може да предизвика низа катастрофални исходи, од насилни конвулзии до преживување во вегетативна состојба.

Минатата недела Високиот комесаријат за човекови права на ОН повика на запирање на егзекуциите, велејќи дека таквите егзекуции може да се класифицираат како тортура или нечовечки и суров третман според меѓународното право за човекови права. Алабама претходно на судењето рече дека Смит треба да ја изгуби свеста за неколку секунди и да умре за неколку минути.

Алабама се залага за асфиксија како поедноставна алтернатива за затворските системи кои се борат да најдат вена на затвореникот или да набават супстанции за смртоносни инјекции. Групите за човекови права, експертите на ОН и адвокатите на Смит се обидоа да го спречат извршувањето на смртната казна, тврдејќи дека методот е ризичен, експериментален и може да предизвика болна смрт или да резултира со нефатална повреда.

За време на постапката на егзекуција, на лицето на Смит му била ставена непропустлива маска преку која вдишувал чист азот.

Хам ја коментираше реакцијата на затвореникот на прес-конференција. „Тој се тресеше на почетокот. Се чинеше дека го задржуваше здивот. Имаше и некои неволни движења и некое агонално дишење, но сето тоа беше очекувано“, изјави Хам. Агоналното дишење го опишува типот на дишење што се гледа кај луѓе што умираат.

Пред егзекуцијата, Смит го изел својот последен оброк, кој се состоел од стек, помфрит и јајца, според информациите објавени од Одделот за затвори во Алабама.

Смит е еден од двајцата мажи осудени за убиство на Елизабет Сенет во март 1988 година. Убиството го нарачал нејзиниот сопруг свештеник, кој бил во долгови. Тој им платил на мажите 1.000 долари за тоа. Напаѓачите ја претепале 45-годишната жена со алат за камин и ја избоделе со нож во градите и вратот, а нејзината смрт била исценирана да изгледа како кражба.

Нејзиниот сопруг Чарлс Сенет имал намера да ги собере парите од осигурувањето, но се самоубил кога детективите почнале да откриваат што навистина се случило. „Партнерот во злосторството“ на Смит, Џон Форест Паркер, бил погубен во 2010 година. Смит на судењето призна дека бил присутен кога жртвата била убиена, но рече дека немал никаков удел во нападот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *