Сутерен.мк

Во Либија загинаа 20 000 луѓе

Либискиот град Дерна продолжува да брои загинати откако разорните поплави однесоа цели населби и зад себе оставија илјадници мртви. Повеќе од 5.300 луѓе загинаа откако пукањето на двете брани донесе разорни поплави. Најмалку 10.000 луѓе исчезнаа, а десетици илјади се раселени

Се стравува дека до 20.000 луѓе ги загубиле животите во катастрофалните поплави во Дерна, изјави градоначалникот на тој источен либиски град. Во интервју за саудиската телевизија Ал Арабија, тој изјави дека се проценува дека 18-20 илјади луѓе загинале кога пукнале браните, по што цунамито однесе цели населби во морето. Неговата проценка се базира на бројот на локалните заедници кои беа целосно уништени од надојдените води.

Шефот на либиската делегација на Црвениот крст рече дека ќе бидат потребни многу месеци, можеби и години, за жителите на Дерна да се опорават од обемот на штетата откако бран од седум метри го погоди северниот крајбрежен град.

„Оваа катастрофа беше насилна и брутална. Бран висок седум метри собори згради и инфраструктура во морето. Сега членови на семејствата се исчезнати, мртви тела се враќаат на брегот, а домовите се уништени“, рече Јан Фридез.
Официјалниот претставник на ОН рече дека и источната и западната влада побарале меѓународна помош и ги поврзуваат и координираат напорите за помош на жртвите од поплавите. Меѓународно признатата Влада на национално единство (ГНУ) се наоѓа на запад од земјата во Триполи, а паралелна администрација функционира на исток, вклучувајќи ја и Дерна.

Европската комисија најави испраќање помош од Германија, Романија и Финска за овој приморски град во источна Либија, каде ситуацијата е драматична. Европската унија деблокираше првична помош од 500.000 евра, а Обединетото Кралство најави 1,1 милион евра за задоволување на најитните потреби на Либијците.

На сајтот на српската компанија „Хидротехника-Хидроенергетика“ стои дека таа во областа на Дерна градела две брани меѓу 1973 и 1977 година, како и голем број други инфраструктурни објекти, објави Н1. Дерна била поплавена и во 1986 година, но тогаш браните успеале да управуваат со водата и немало сериозни штети во градот.

Заменик-градоначалникот на Дерна, Ахмед Мадруд, призна дека браните не биле одржувани од 2002 година, а на социјалните мрежи се појавија и шпекулации дека средствата предвидени за тоа биле пренаменувани.

„Браните лошо се одржуваа, што се должи како на безбедносниот хаос во земјата, така и на инертноста на либиските власти“, изјави експертот од оваа област Мохамед Ахмед за водечкиот либиски сајт „Ал-Васат“.

Сепак, експертите велат дека е прерано да се каже дали браните пукнале поради преоптовареност со вода или поради нивната состојба.

„Според она што може да се забележи, браните веројатно биле изградени од мешавина од камен и глина, што не е така цврст материјал како бетон. Ваквите брани се подложни на прелевање на водата, што за бетонските брани не е проблем, за разлика од овие од камен“, изјави Драган Савиќ, професор по хидроинформатика на Универзитетот Ексетер во Велика Британија.

Експертите се согласни дека прво пукнала горната брана, оддалечена 12 километри од Дерна, испуштајќи вода низ долината, која ја преплавила браната која се наоѓа многу поблиску до градот. Од источнолибиската влада кажаа дека е збришана една четвртина од градот.

Научниците велат дека врнежите што ги донесе бурата Даниел биле екстремни, дури и до 200 милиметри по квадратен метар, што исушената земја не можела да го апсорбира.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *